Еднаш дневно: СЕР ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ!

517

Интересен и чуден феномен е Влатко Стефановски, нашиот највеличествен комплетен музички уметник, нашето национално богатство во три држави- Југославија, Македонија и Северна Македонија. Единствен пример. Нешто што е несфатливо само по себе. Несфатливо е за наши услови сам со сопствени сили  да се искачи и опстоиш толку на врвот, на кој си само Ти таму. И тоа суверено на врвот.

Знаете, оној ден кога Горан Бреговиќ беше одликуван со највисокиот орден во Белград, витез, лично од српскиот премиер Вичиќ, прво што гласно се прашав “кога ќе биде и овенчувањето на нашиот Влатко од страна на нашиот Претседател?”, а треба да биде час поскоро.

Ако се уште не се родила идеја, еве нека се роди. Влатко Стефановски по сите основи, и како уметник без граници и како наш национален промотор, заслужува да биде награден со највисока титула, нешто како сер за Британија, сер Пол Макартни, сер Елтон Џон. Сер Влатко Стефановски! И многу убаво звучи.

Неверојатно колку е како автор плоден, неуморен, истраен, ненадминлив – речиси пола век. Легенда со активно творештво и во поранешна Југославија, легенда со активно творештво во Република Македонија и сега легенда со активно творештво во Северна Македонија. Преуспешно. Највалитетно. Генијално.

Неговата е музика! Неговата музика е во исто време и трендовска и безвременска. За него нема ни временска ни генерациски пречка. Ти колку му ја намалуваш границата, тој толку повеќе си ја отвора и оди понатаму. Уникатен пример. И секогаш само ја зголемува својата публика, кон стандардната се приклучуваат и некои нови “клинци”.

Тој е нашиот вечен  “битлс”. Нашиот Пол Макартни!

Тој создава толку континуирано творештво, што човек би помислил дека како да нема грижи и само нешто си снима. Хммм. Дали е така? Како тивка локомотива која влече напред, и во бура, и во дожд и на сонце, независно

Последниот албум е целосна потврда дека – неговата инспирација ја надминува неговата ситуација. Да, сосема е така.

Верувале или не, непосредно пред тоа сонев еден чуден сон кој се случуваше во некој интересен хотел во Дебар маало, во кој Влатко го прашав дали ќе снима албум, ми одговори дека нема повеќе да снима.

Соновите се глас на потсвеста, “продолжен одговор” на некое свое прашање кое ти лебдело над глава несвесно, во случајов тоа било мојата  претпоставка можеби и самата јас не сум очекувала нов албум до негов потпис, со оглед на она се што досега снимил и во што го вложил својот талент е многу и условно речено, сосема доволно. Но, јас се излагав. Влатко не мирува. Најдоброто дошло во најнеочекуван момент.

И? Се случи “Тафталиџе Шафл”. Албум од нашето соседство. Ремек дело какво што досега на тој план немало кај нас. Албум со таква текстуална спонтаност како да е скроен од некој тинејџер кој штотуку почнува со ентузијазам да живее, со текстови кои толку описно и пластично ја опишуваат реалноста како (о)пишувани со перото на Нушиќ, а со таква авторска и музичка мајсторија и маестралниот како да го правел лично Влатко Стефановски. Па кој би можел друг така?

Но, ајде и да ги скокнам метафорите и поетиките. Ајде нешто конкретно, тој албум е номиниран за европски награди “Импала”, едни од највредните, меѓу  25 номинирани албуми од различни музички стилови, од фински поп до француска електроника, преку балканска ска-музика, дански блуз, до еклектичен музички израз на номинираните британски изведувачи.

И самата музика на Влатко генерално е еклектична, еден најелегантен спој на интересни состојки и зачини, блуз, рок, поп, кантри, етно, балканско, ворлд, се е тоа толку умесно вкомпонирано што не можете ни да осетите ни да прецизирате точно што е.

Не можеш ни да процениш дали Влатко е најдобар гитарист, најдобар композитор, или најдобар текстописец, или најдобар комплетен изведувачки артист, кога тој е сето тоа.

Неговото творештво е толку е оригинално и никогаш ништо позајмено или прекопирано, така што овој музички рицар со бели ракавици и гордо крената глава мечува со секого. Секој тон е тон откинат со магичност од негови прсти. Нема ништо туѓо.

Ех, кога би можела и еден магичен триаголник– Влатко, Симон Трпевски и Тоше… Тоа ќе беше нешто, нешто.

Илузиите се илузии, реалноста е реалност и таа, чинам, неотповикливо повикува да се награди овој генијалец. Своевремено, благовремено. Заслужено.

Убедена сум во скорешна реализација на оваа идеја, што е можно побрзо. Дотолку повеќе што Влатко успеа се свое да си сработи сам. А, албумот “Тафталиџе Шафл” кој го нема што побрзо да го има, за тоа ќе проговориме дополнително, многу наскоро.

Денес ни беше темата: СЕР ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ! Рицарот од нашето маало, Рицарот од нашата музика …

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.