Еднаш дневно: СКРОМНОСТ И АРОГАНЦИЈА 

283
Животот треба да се живее скромно. Најскромно што може. Тоа е вековна мудрост која како идеја низ сите векови ја разнесуваат мудреците.
Само тоа носи внатрешна радост. Се друго, како луксуз и претерување, заведување, е површно дразнење, кое навистина исполнува само во моментот додека го уживаш. Потоа исчезнува како меур од сапуница. И ти прави штета, внатре во себе.
Скромното живеење не може да те внесе во неволја. Ни да те доведе во непотребни ментални проблеми.
Скромните луѓе се психички посредени. Нивната ментална дисциплина и ментална хигиена е на повисоко ниво. И духовното е на повисоко.
Скромно живеење носи и скромно однесување. Пристојните карактеристики се прифатливи за сите луѓе. За сите. Секој ја цени скромноста, во тоа се едногласни и пристојните и арогантните.
И арогантните луѓе ја ценат оваа карактеритика, нивниот грев е што не се однесуваат така, напротив, ја грабаат, ја искористуваат и ја злоупотребуваат. Се одушевуваат на скромноста ама ја сквернават. Како? Се што ќе земат од скромните го претвораат во “оружје” против нив самите. Се што ќе земат како добра волја и сила, го претворат во “оружје” против оние од кое го зеле. Зошто ако не се скромните, пред кого би демонстрирале таа ароганција? Сам/а на себе? Не оди.
Затоа мудреците мака мачат низ сиве милениуми да најдат начин и секогаш во нова форма да му ја сервираат на светот скромноста  како “најбогата порција” за духовна храна.
Скромноста се крепи на душата.
Ако скромноста се крепи на душата, ароганцијата на што се крепи таа?
Таа се крепи насилно на скромните души.
Се додека не им натежне и не ја опоменат – чекај “госпоѓо ароганцијо” не може така. Ти ни стежна. Ние ќе се потргнеме и ти ќе немаш на што да се потпреш. Па ќе паднеш. Бамммп.
И потоа на што ќе се крепиш?
Логично, нели?
Ако не верувате, ви давам идеја викендов да побарате и да најдете било која религија, вера, филозофија, психологија, наука, која ја велича ароганцијата или барем и дава едно мало позитивно својство. Нема. И нема ни да најдете. Затоа што ароганцијата е зло од човечка карактеристика, автоимуна болест од која можеш само сам да се излечиш, и  нема убав вкус, ќе загорчи како пелин кога ќе ја вкусиш, кога тогаш, па нејзиното место не треба да е на човековата трпеза.
Најпосле, главата на скромноста ја краси примамлива ловорика. Ароганцијата секогаш е таа што и ја краде, но кога ќе види дека не одговара на нејзината глава, мора да и ја врати и стави, со поклон.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.