Навистина е недозволиво еден актер, или јавна фаца, кој треба да биде пример за култура и говорно ниво, да нападне пејач со толку недолични зборови и да покрене хајка и медиумско линчување на истиот. И неколку дена социјалните мрежи да не стивнуваат. Не доликува. Тоа е веќе булинг. А и целиот револт е адресиран на погрешна адреса. Треба да се бара режисерот, односно оној кој го смислил и изработил спотот. Или оној кој го “нарачал” ако има таков.  Се е политика и народот не верува дека може да била случајна грешка.
Реакцијата на народот, дека во нашиот актуелен евровизиски спот биле снимени кадри со уметничко дело кое отсликува бугарско знаме, е целосно оправдана ако се земе актуелната ситуација и да речеме што можеби тоа е и некој вид смислена провокација, кој да знае. Ама, да се нападне поединец на агресивен начин, не е дозволиво. Дури и подлежи на закон,кој замолувам што побрзо да почне да се спроведува кај нас.
Ќе си земам за право, како новинар кој од првата Евровизија во 1996 година е директно упатен, а 13 Евровизии и директно сум ги следела, да ги објаснам работите по не знам кој пат. Изборот за Евровизија го организира МРТВ, како членка на Европскиот радиодифузер ЕБУ. ЕБУ има свои правила и дава генерални насоки околу изборот, но остава секоја куќа сама и на свој начин да го избере претставникот и им го однесе  на големата сцена. На пример-со фестивал, со интерен договор, со личен избор, нивна одлука.
Ние почнавме со фестивали, но поради местенки, скандали, и правење шеми, се одлучи да се оди на варијанта МРТВ сама  да го избира претставникот. (или некој зад тој за нас дотука видлив хоризонт). Но, се чини претставникот е одбран се бара само начин како да се направи “филм” дека е одбран регуларно.
Сега ќе пробам да отпловам во минатото на првиот официјален избор во 1998 година. Домашните избори за Евровизија ми однесоа многу пријатели и соработници од естрада, но што е тука е, секој си ја работи својата работа, Владо Јаневски е еден од првите налутени, и ден денес ми е лут што напишав дека народот повеќе сакаше да оди “Самовилска свадба” песна, како и неговата “Не зори зоро” од авторот Копров.
Не знам дали тогаш Владо ја ќари победата на база на својата популарност, иако кружеа и бледи шпекулации дека и авторот малку ја врзал работата со телевоутингот, но ако не е вистина, ќе испадне дека било најчистата победа.
Во 2000 година отидоа Икс Икс Ел,  нема збор дека сите одлучивме дека девојчињата се најслатки и со убава песна, се сеќавам владееше една општа музичка хистерија по нив. Се додека се вратија од Шведска, па не остана ништо од “слаткото” , од “убавото”.
Во 2002 година се најде Тијана огорчена зошто на фестивалот одржан во МОБ заврши втора, со убавата песна. Она што за таа година со свои уши слушнав беше телефонското јавување, и поставувањето на членови на жири и ургирањето од страна на директор на една силна маркетинг агенција (кој веќе не е меѓу живите) за како тие да гласаат. Така и бидна.
Во 2004 година отиде Тоше по одлука на МТВ и целата силна реакција се сведе на бунт кај авторите и пејачите, зошто не тие туку Тоше. А она што тогаш се слушна низ кулоарите дека Тоше всушност го праќаат сега, за да следната година оди Мартин Вучиќ, како син на најдобрата другарка на тогашната директорка на МРТВ.
Во 2005 година навистина отиде Мартин, а со одењето на Мартин видовме што се случи (само затоа што тогаш за прв пат имаше можност за коментари под сајтовите и се доби повратниот одговор од населението наше).
Е, сега, тука прсти замеша директно тогашниот премиер, но за прв пат, не за да место да оди Мартин туку тој беше директно присутен во Универзалната салата и кога забележа дека нешто не е во ред со реакцијата на публиката во салата, со телевоутинг и со жирито (во кое повеќето беа пријатели на победникот) реагираше кај директорката на МРТВ. И ја искара. Таа беше во паника и се правдаше на новинарите уште следниот ден.
Потоа, оштетената страна, менаџерот и композиторот на Пилева (за кои се шпекулираше дека го местеле телевоутингот) се бунеа по медиуми, дури отишле кај Претседателот на државата како што тие самите не информираа на прес конференција и се смирија откако наводно им било ветено дека следната година како продукција се тие на ред.
Во 2006 година така и бидна, а возврат на продукцијата наместо Пилева отиде друга пејачка, со певлва песна и голем хит, што се однесува до тоа песната и требаше да победи. И победи. Но за да не сме го лутеле нашиот јужен сосед екипата и пејачката  одлучиле името на нашата земја да не биде испишано на маичките кои беа официјален репрезентативен материјал, и на другите работи. Јас таа маичка ја одбив, не ми треба. Таа година се памети по тоа што  телевоутингот беше на страна на Есма и Гаџа, листите ги видов со свои очи. Но, не ги добив за да ги објавам. И за нив се зборуваше дека наводно биле со организирано гласање, што не беше забрането и е со тоа и легално, но МРТВ презела мерки да не се потпри конечниот резултат на тоа гласање.
Во 2007 година шпекулации се пренесуваа дека поранешното момче ја почестило пејачката со тоа што телефоните од еден наш приватен универзитет, а и неколку други фирми цело време вртеле за време на телевоутингот. Победата беше замаглена со одредени и незначајни реакции, но поголем скандал настана на самата Евровизија, кога пејачката ја напушти македонската вечер, и за тоа реагираше и амбасадор од Норвешка директно уште вечерта со телефонско јавување кај тогашните челници, а потоа на самата вечер за малку еден од  авторите немаше да влезе во зелената соба, зошто немаше место, пејачката сакала да има убави фаци до неа, во случајот нејзиниот шминкер, кој навистина влезе  во грин румот. Ова веќе не е шпекулација, и создаде голема тензија.
Во 2008 година отидоа Гаџа, Тамара и Врчак. Песните за фестивалот на Саем не  беа хитовски, јас немам податоци ни шпекулации за местенка на победниците,  можеби многу малку одигра улога што му должеа на претходно оштетениот Гаџа во 2006.
2009 отидоа преку фестивал “Некст тајм” се зборуваше дека е  партиска одлука, но навистина беа и подобри од она што се нудеше.
Во 2010 година за Ѓоко Танески, наместо актуелниот и со хит Влатко Илиевски, велат помогнале картичките за гласање што на финалето ги купил авторот на песната. Мала земја сме, се се знае, се се следи нели. Тогаш се роди и онаа реченица, која ја запечати кариера на Ѓоко “Ај фил лајк а фиш”.
Во 2011-та отиде Влатко Илиевски како миленик на нацијата, со победа на фестивал за која победи немаше апла местачки дамки. Повеќе беше како “треба да оди”.
Во 2012-та се избори Калиопи на база на тоа што сметаше дека треба да ја добие таа чест. И ден денес сметам најдобро претставување. Ненадминливо.
Во 2013 година се одлучи Есма да оди, и еве за прв пат кажувам, ми плачеше на рамо многу била навредена што во Белград слушнала дека тогапниотнпремиер рекол-” не може Ц*ганка да ја претставува Македонија, мора да ставиме уште еден човек со неа” па така го ставиле и Влатко. Ја убедував дека не е точно, дека некој излажал, но сега  Есма ја нема, премиерот е жив здрав денес е Прочка, па нека каже со рака ставена на срце како било.  Тогаш ја менувавме песната поради авторски местенки чија песна да оди. Дебакл беше крајниот исход.
Во 2014 година отиде Тијана, чаршиски муабети велат по налог на тогашниот шеф на безбедност, но за жал наместо да ја чувствува земјата која ја претставува, таа самата изјави дека ќе настапела во црно-бела комбинација во боите на “Партизан”, фудбалски клуб од друга земја. (да појаснам, мене омилен и судбински индиректно замешан во изборот на мојата професија).
Во 2015-та победи Даниел Кајмаковски на фестивал, како резултат што беше екстра  актуелен по реалити шоуата.
Калиопи повторно отиде во 2016 година, ама начинот на кој го изрази својот патриотизам, да избере облека од домашна креаторка, која не ја долови во полн сјај, ја однесе во друштво на оние кои отпаднаа од финале.
Во 2017 година беше пратена Јана Бурчевска, наводно како ќерка  на моќен човек вработен во Американска амбасада. Настап кој беше за во финале и висок пласман, сепак, неправедно отпадна.
Во 2018-та отидоа „Ај кју“ со интерен избор на песни  со жири во МРТВ, наидоа на критики особено кога не се пласираа.
Во 2019 година Тамара Тодевска отиде да пее, исто по одлука на МРТВ, за прв пат под името Северна Македонија и народот разлутен на тоа, како едвај да чекаше да каже нешто за да ја нападне, а таа им излезе во пресрет со изјава дека  “подобро е да оди на Евровизија отколку да се купат возила за брза помош”, за потоа највисокиот пласман од седмо место да и го анулираат и ништо да не им значи.
Во 2019-та и 2020-та МРТВ одлучува да пее Васил Гарванлиев. Во 2019-та Евровизија поради пандемијата го менува својот концепт, па Васил не настапува со својата песна, а сега скандал предизвика што во спотот се појави уметничко дело  налик на бугарското знаме. Земја со кога во моментов имаме низ политички недоразбирања.
МРТВ реши спотот да го промени. Но, остана жестокоста на нападите упатени кон Васил. Од страна на публика, јавни личности и негови колеги. Ќе одговара ли некој за сајбер омаловажување и смислени напади кон индивидуа? За поттикнување говор на омраза?

Васил има бугарски пасош, Васил имал момче, Васил е геј, (Васил е женет, разведен, дебел, слаб, селанец, граѓанин, млад стар, богат, сиромав, се се тоа предрасуди и навреди кои не смее да се изустуваат за никого, во одбрана на човековите права).

Васил единствено може да биде напаѓан за лични изјави, како Тијана за боите или Тамара за амбулантските возила, или Ѓоко за фиш-от. За се друго околу презентацијата, спотот, одговара организаторот, односно МРТВ. Тие се супервизори на целиот проект.
Пејачот може да претставуваа и друга земја. Со сосема друго државјанство, навика и пасош. На пример Сан Марино последниве години два пати го претставуваше Турчин.
Многу често не им се точно поделени обврските на МРТВ, која треба да одлучи за се, и напати им дава поголема слобода на продукциите и пејачите во избор на кореограф, друштво, стилист, “убави фаци”, што на крај не чини со послаб пласман. И скандал.
А МРТВ ако не се директно виновни, каде ќе не упатат да го бараме виновникот, на некои повисоки инстанци? Само прашувам.
Дека не одлучуваат сами, така мисли публиката. Доаѓаме до главното, се е политика и пејачот не треба да е на удар за нешто што не е негова одлука и вина. Негова е одлука е дали ќе прифати да пее или не и обврска да не претставува најдобро што може.
Евровизијата е скап проект, над 150.000 евра. За целата замисла и за нашата делегација.
Еве, поминав 23 години во оваа проблематика и гледате можам да ја сублимира  во само неколку прости објаснувања, во една колумна. Имаме  проблем – се оди диригирано, политички, и истите автори не даваат друг да допре. Политиката не треба да меша прсти и треба веќе да се остави оваа навидум неважна работа, да ја извршуваат професионалци со принципи.
Успеав се да кажам се, само за овие 23 години не успеав да најдам професионален музичар кој достојно ќе побара фер избор од МРТВ (или кој и да е во зсанина). Чест на исклучоци, имало и музичари со достоинство кои знаеле да кажат дека треба да се организираме на похуман ниво, а, тие се културни луѓе, и одамна се откажаа од оваа игра. Кога видоа како стојат работите и кога биле изиграни, еднаш или два пати…а и кога не сакале да западнат во забот на народот, да ги џвака како мастика, без целосно нивна вина.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.