Го изгледав, за прв пат, синоќа, гостувањето на тв на лидерот на најголемата опозициона партија во нашата земја. Не би го нарекла по дифолт “лидер на опозиција”, зошто да се биде во опозиција, односно против однесувањето на власта, автоматски не значи дека имаш некој лидер само затоа што тој е лидер на најголемата опозициона партија. И со тоа би бил лидер на се што и не е со власта. Не, не! И не! Мене лично, партии не ме интересираат. Само почитување правила, закон, престапи и соодветни санкции.
Условно да речеме, со се се согласувам што тој кажа, исцрпени ни се сите сили и дишиме на “шкрги”, владее хаос, беспарица, протекции, беззаконие, покажување на сила и инает и најмногу ме пецна кога рече дека живеел во страв од “апсење”, без да наведе точно причина за што би го апселе. Ако ја знае.
Таквиот страв е оправдан, па уште ако е со 50 до заби навооружени арслани во пет сабајле, тоа е веќе траума за вечност. А кај нас за жал се уште длабоко е вкоренето еден вид анимално сфаќање “апсете, за да не ве апсат”, кое под итно мора да биде заменето со “апсете, ако не се почитуваат законите”.
Стравот на соговорникот кој неколку пати воскликна “ма, не им се плашам, нека апсат” ми е добро познат, и мене и на сите ние граѓани кои во партии не сме. Цели 30 години. И ние од немајкаде го велиме истото “па нека не апсат, не се плашиме”, а се плашиме. Се плашиме од неправдата ако не апсат за ништо, а ништо не сме згрешиле.
Тој страв, господине нечиј лидер, не е од сега. Само вие сега сте го почувствувале. Морничав е. Така и ние се плашевме кога и вие бевте на власт, да не не апсат за неплатени сметки, да не не апсат од одмазда, да не не апсат оти така им се ќејфнало, а кај нас и тоа можеше и може. Да не не апсат на правдина, страв над стравовите.
Двоен морал беше целото интервју, а толку вистинито. Или пак, соговорникот навистина дури сега видел што значи страв. Од апсење.
Партиите кои биле на власт тоа никако не можеа да го почувствуваат. За нив закони не важеле или важеле само во нивна полза, нивните приврзаници можеле да се лудираат и да прават секакви прекршоци, фатални за безбедност и по живот на другите и да не одговараат, да поседуваат многу материјални добра, да имаат разни ангажмани, прилив на средства од повеќе места, да живеат удобен живот (еве познавам новинарка која од плата купила и супер луксузен стан и џип и на тоа му нашла маана, а познавам и новинарка која нема бравата да си ја замени, а исто работеле, односно првата многу помалку, и многу нечесно, и? )…
Страв, од тоа што ние покрај нив, можеби не сме останале сосема гладни за леб сме останале погладни за правда. Можеби и нас не ни било пријатно чувството да те погледнуваат попреку, и прекоруваат блиски роднини, пријатели, колешки, затоа што тие имаат добра работа, убава облека и пари на иста маса да си платат и нарачаат што сакаат,  а ти си како “прилепен”, да не можеш да им парираш во ништо од тоа, да ти префрлат дека не знаеш да се снајдеш, дека тонеш и готов/а си, поточно да те исмејат во лице дека си глупа (според нивна перцепција ) да ти се чувствуваш како ни малку вреден/на, а ништо не си згрешил и си работиш како што треба. Односно, не си работиш оти им текнало и згора на тоа и да те избркаат, отстранат, прогонуваат и малтретираат и да не те вработуваат потоа никаде, зошто се било во нивните (нечестиви) раце .
Да ја прошират секоја лага за тебе, зошто им се можело и на таков начин да си го пополнат денот, егото, глупите и празни души, за едноставно да те исмејуваат. Да ти го превземат секој што “љубов” ти значи затоа што се здружени во злосторничка шема која се изживува како што сака. Да ти одземат награда во секоја можна ситуација, со местенки. Да се луксузираат во најскапи одморалишта, а то да немаш ни за основни апчња од сто денари. Да те потценат во се што вредиш, а тие да се издигнат исмевајќи те, зошто не вредат ама се во заштитничката прегратка на партијата која кон другите милост нема , за на крај и да се чувствуваш како виновен кон својата земја и како грешник, само затоа што “не си со нив”, а ако не си со нив, “ти си (бил) против нив”, ко да е се на светов нивно. И земјава цела. Не знаеш ти кој страв и уште поголем  страм е тоа. Срам не од свој срам, од туѓ срам. И неморал. И не човечност.
Можеби сега откако малку чувствуваш, дознаваш како е, но тоа не го брише гревот и срамот од минатото. Ниту значи дека си се поправил. Ниту дека се каеш. Значи само дека немаш власт да правиш тоа што си го правел порано. А и дека можеби пак ќе го правиш ако можеш и дојдеш на власт, со истиот памет.
 Зборувам генерално. Не за тебе, многумина тоа не ги одминало и во иднина нема да ги одмине. Таков е законот на самиот закон.
Тоа чувство континуирано го знаат граѓаните кои живеат во страв, цели 30 години. Од сите партии на власт.
Не би се ставила во одбрана на членовите на одредена партија дали добиле помалку или повеќе во рамките на партијата, тие сами си се нафатиле на таа игра, сами нека се борат.
Се ставам само во моја улога и на ние кои се бориме за ред и закон, ние кои сме во страв и во гнев, од сите страни, како Ти сега, и те сфаќаме што сакаш да ни кажеш, се беше така.
Слушајќи те, најподмолно ми зазвучи она дека не треба да се здружуваме на националистичка основа. Нема поточно. Та, ако ние се здружиме на националистичка основа, повторно некои други ќе се здружат на националистичка и тоа значи здружување за раздружување. За губење. Нема тука добивка.
Така државите веќе не се предвидени. Новиот век не отворил до граници кои не сме во состојба да ги контролираме. Не да се враќаме низ векови назад.
За да успееме, има паметно здружување на неколку основи – семејно, љубовно, еснафско-професионално и по хоби. А првенствено здружување треба да биде “граѓаните кои максимално ги почитуваат законите” против “граѓаните кои не ги почитуваат законите”. Граѓани кои ја исползуваат својата лична и заедничка сила против граѓаните кои ја злоупотребуваат својата сила.
Секое непочитување на правдата те носи на поле на кое еден ден и друг кој тебе нема да ја почитува твојата правда. Сега станува ли појасно?
Ако законот не го почитуваш ќе дојде ден и тој тебе да не те почитува. И тој не сака потценет да е. Таква им е природната моќ и правилото на законите.
 Законите не се само парче хартија напишани “ради реда”. Законите се невидливи, но се многу моќни.
Дури и најсилни кралеви и моќници штом не почитувале закон, на крај ја изгубиле битката, сами по себе. Кој и да бил, колку и да им траело. Правдина и закон никој не надмудрил, а многумина се обиделе, бесцелно.
Законот јасно е поставен, штетата е што поради нивното непочитување, страда многу невин народ кој го почитува. Тоа е “цехот”, кој мора да се плати.
И сега, кога веќе законот бил газен со “чевла”  дошло време да се почувствува стравот за да се увидат сопствените грешки, иако е доцна да се поправат, а и нема ефект.
Можеби поуката ќе е корисна за во иднина, можеби за некои други, ако отворат очи и имаат мудрост да увидат на време, не отпосле, кога неиспочитуваниот закон вратил назад се, како бумеранг. И од него, останало само пустош, и страв, стравот што го чувствуваш/ме.
ПАРГО