Еднаш дневно: “ТАЊА”! 

613

Сите ние имаме по некоја песна, во која сакаме да се затвориме. Барем на некоја минутка, која ќе ни се чини вечност. И да си предизвикаме некоја привремена блага вештачка депресија, само колку да се почувствуваме себе си, да провериме дали во нас се уште живее и правилно “работи” емотиконот. Дали сме тука. Во себе!

Не зборувам за песни на кои сме плачеле, зајдувале. Ни за песни на кои се веселиме. Зборувам за песна со која комуницираме, која не повикува насамо, и со која се среќаваме само кога сме на некое лично ниво и во форма да влеземе во неа, да се соочиме, малку да се депримираме веќе реков, и од која ќе излеземе здрави и “целосни”. Неповредени, неоштетни. Не, не се шегувам, тргнете од себе си.

Јас денес малку ќе позборувам за една моја песна, една од само неколкуте кои се бројат на прсти, можеби единствената македонска, покрај уште неколкуте странски такви.

Е, сега тука ако се прашувате од каде им право на едни ресенчани да се чувствуваат толку моќно и надмено во светот на музиката, веднаш ќе разјаснам: тоа доаѓа од основата што ни ја постави Кире Музичарот, непроценливо богатство од педагог и човек чиј педагошки авторитет јас не можам да го споредам со ничиј друг. Ресенчани знаат што точно зборувам, Ресенчани го препознаваа кодот на Музичарот, најмногу оние кои ја имавме честа да не учи да ни ја претстави музиката дозволена и дофатлива од секој пристап, но во оваа прилика го спомнувам Професорот зошто кога ни ја вметнуваше таа јасна љубов кон музиката, тој знаеше да рече-“за една песна да ја провериш, затвори очи, ако сама ти надоаѓа некоја приказна и слика како на екран во затворените очи, продолжи да медитираш, таа е песна вредна за слушање”.

Песна која мене ме врзува за овој аманет на Музичарот е макфестовската “Тања”. Испеана во легендарната златна 1992 година. Во времето кога на Македонско радио, водителот Ѓоко Георгиев најави дека фрапантно убави се сите песни, но ќе победи кристалниот глас на една млада битолчанка, како ѕвонец. Да, тогаш се појави на голема врата Олгица Христовска и го однесе триумфот со “Свирете ја зајди зајди”, но на истата сцена таа година беа испеани и “Време за плачење” со Игор Џамбазов , “Песна за Тебе” – Тања Станковиќ, “Моја гитара” – Банкрот блуз бенд, “Бојана” – “Коктел”, “Ако нема разелби” – Маргарита Христова, “Биди човек” – “Интервали” …а настапија и куп познати пејачи.

Таа година осамна и “Тања”. Гром од ведро небо. За неа слушнав во попладневната најава на Ѓоко, а вечерта ја слушнав на телевизија. Потоа ми требаше долго да се помирам со фактот дека не победи, дека не доби награда, и дека беше само ултра- фантастична песна но погрешно избран момент, не беше “Тања” родена за таа сцена макфестовска. Поп музиката има поинаков клуч, “Тања” поинаков.

“Тања” требаше да згрми на сцена каде што само гитари “прштат” и не онака срамежливо и пристојно скоцкана со маестрален аранжман ама како за на класичен поп фестивал, туку рокерски и опуштено како да ќе полетуваме безбедно во безвоздушен простор и ќе летаме до бескрај и назад.

Знам дека залудно чекав со недели потоа читајќи “Екран” и надевајќи се дека организаторот, публиката, сепак ќе се предомисли и ќе даде награда за Тања. А фестивалските рефлектори веќе изгаснати и изладени…

“Тешка” песна, со лесен чекор кон слушателот. Ја замислував како самовилски убава црнокоса девојка со заврзани очи која весело и потскокливо се движи во еден лавиринт, каде се е црно бело, а и таа самата, а неа скокотливо низ лавиринтот ја води и задева едно русокосо момче со свилена коса (оригинал налик на пејачот) и дека тој лавиринт им припаѓа само нив. Не верувам дека овој наменски текст на песната ќе погоди некого посебно, освен ако не се вика Тања или ако не е заљубен во некоја Тања. Но мелодијата целосно ме потсетува на – линијата на животот.

Интрото “се капи” нежно, тивко, како детство, крешендото во првиот дел е како вовед во младоста, вториот дел веќе се се вжештува, закатанчува и заплеткува, а силните гитарски делници при крај се онаа што го доживува човекот затекнат од фуриозниот средовечен дел од живот, а потоа како се наеднаш да се смирува, се враќа на место, израмнување на сметките и, заминување.

Еве, да ја соголиме само мелодијата. Мене ми е страшен микс на најдоброто од “Металика” и “Лед Цепелин” . Таа е хард рок со хеви метал, а неа целосно ја омекнува шмекерскиот вокалист кој ја “шета” со едно нежно пеење ала оние рокерски ѕвезди од сферата на глам – рокот. Замислете ја во етно верзија со дајре, па дури и во фолк, замислете ја разиграна во поп со клавијатури, замислете ја во изведба на симфониски оркестар, замислете ја само со вокал и гитара, замислете ја само со вокал и клавир, замислете ја на италијански, замислете ја на англиски, замислете ја ала Леонард Коен, замислете ја дури во верзија на Том Вејтс, и посебно замислете ја како дел од концерт на “Металика”. Секако легнува. Песната е толку податлива што просто од неа може да се направи се.

На радио не сум ја слушнала со години. На јутјуб и на цеде понекогаш. Но визијата за оваа песна, секогаш ми останува иста. Ме повикува на некоја лична средба, јас и таа. Ретко, и точно програмирано кога.

А снегот преку прозорец ме потсети и на стихот со “снеговите бели”. Ја носи целата симболика. Додека во реалност на снегот се гледа како на одредена закана и опасност, “снеговите бели” во лирски контекст се пријателски и добредојдени, тоа е покривање на трагите од она досега што поминало, прочистување и надежно надевање на пролет, на расцурување, на живот одново.

ОК, ајде да ја слушнам уште еднаш, можеби уште нешто ќе ми падне на памет, ќе ми излезе пред очи, а ако и вас, тогаш дефинитивно “Тања” не е само моја, ами таа е и ваша песна.

ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.