Вртејќи по нашите домашни програми, со само една проста констатација може да се дефинира дека тие не ги задоволуваат стандардите по многу основи, програма со незадоволително скромен буџет, тв лица со недоволна подготвеност, или едно лице “девојка за се”, се истите пак исти гости, и отворени програми под ниво со истите јавувачи.
Тоа е ако се погледа онака бегло. Ако се оди суштински, тогаш ќе се детектираат повеќе “проблеми”.
Тие проблеми се највидливи ако се анализираат таканаречениот политички програми, кои во ваква сложена, суптилна, хибридна фаза од постоењето на нашата заедница треба да се организираат со најголема прецизност и внимателност. Но, кај нас се се завршува со едно – “ало… ај дојди вечер…на програма!”.
Гостинот доаѓа и се пополнува програма, ама се пополнува само временски, за суштински ни оддалеку.
Веќе ни е јасно, тие политички програми не нудат решение на ниеден проблем. Затоа што и тоа не им е намерата. Тие “бистрат” политика. Излегува како средба на мезење (со празна тв маса) .
Ако се зема како еден голем напредок за нас (а мал за човештвото) што од буквално до небо урлачки емисии едно време, сега преминавме кон малку посмирени, единствена придобивка е што веќе разумен и присебен човек може да ги изгледа без да земе дијазепам. За разлика од порано. Иако во нив не изостануваат етикетирања, бранења, напади, навреди, пецкања, подбуцнувања, провоцирања…
И иако навидум сите тие емисии се со различен концепт, нивната основа се сведува само на една основа. Сите тие (мене ми се чини како да) “повикуваат” на непочитување на Уставот и законот.
Во ситуација кога двете најголеми партии и тие околу нив, се чини како да се натпреваруваат која повеќе ќе го надмудри, надитри, избегне, прескокне и заобиколи Уставот и Законот, и ќе си го наштима во своја полза, тие си имаат свој избор на телевизии, емисии, водители, кај кои удобно си одат и си зборуваат како што им е ќејф.
Ако во една ТВ ставот на еден гостин е дочекан со аплауз, веќе во другата е оценет дека се коси со законот. И обратно.
Во тие емисии не се зборува како да се подобри животот на граѓаните, комуналните проблеми, проблемите во градот, проблемите во селото, како да се намали сиромаштијата, невработеноста непотребните трошоци, високите сметки, извршители, здравствена грижа, грижата за децата за жените, за болните, за дистанцираните од општеството. Во нив се зборува (јас како гледач колку што можам да сфатам) кој моќник повеќе да го “зафркне” Законот, а водителите како да даваат насока за тоа. Или барем потврда дека тоа е во ред.
Во тие емисии слушаме паушални закучоци – кој треба да оди во затвор, а кој не, кому треба да му се суди, а кому не, кој треба да биде избран или отповикан од некоја функција, а кој не. Се носат заклучоци, одлуки и пресуди за секој случај по сопствено гледиште.
На човек му доаѓа да рече – па добро тогаш, ако овие луѓе сметаат дека не треба да се “ферма” Законот и Уставот, зошто тие воопшто постојат? Да не треба скроз да ги укинеме, за тие да бидат задоволни и среќни?
Може, ама во некоја друга реалност, во оваа не! Нема шанси. Во оваа, и покрај сите нивни обиди ние, граѓаните (си дозволувам да кажам во нивно и во мое име), инсистираме на најосновното – максимално почитување на Уставот во секој сегмент и од и за секого. Новинарите, водителите, ТВ лицата, време е да повикаат на тоа.
Вака е секојдневно искривување на реалноста и избегнување на  реалните проблеми на граѓаните. А тоа не е добро, тоа не смее да продолжи во таа насока. Особено не на ТВ.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.