Еднаш дневно: УЛИЦА “ЗАФИР ХАЏИМАНОВ” 

192

“Се плашам дека младите генерации воопшто не ме познаваат”, беше реченицата што најмногу ме штрекна, кога вчера го читав она необјавено интервју со великанот Зафир Хаџиманов, и помислив: “кога Зафир жив не го познавале, тогаш како нас или било кој друг, некои нови генерации ќе го познаваат или ќе слушнат за нас, макар каква и трага да сме се труделе да оставиме и со нешто да придонесеме? ”

Понатаму тој во манир Зафир порачал како да не им се лути што не го знаат : “Нејсе! На младите светот останува, па мојот добар син Васил е често на концерти и клубски свирки низ Македонија”, радувајќи се што синот го продолжил неговиот аманет, и што ќе стапнува на дедовата земја.

Освен љубов и почит не знаев што вчера да насочам кон ликот и делото на музичкиот великан, додека ја читав веста дека не напуштил, и огромна благодарност за се тоа што бил за нас, и за мене.

За мене, еден од оние ретките со кои никогаш не вклучив диктафон, од почит што нашите муабетења од по неколку часа беа испреплетени, официјално со неофицијално, малку службено доста приватно. Приватно, во смисла што и тие како да беа службени, која тема да ја почнуваме “неформално”, вртеше од кај што нешто сосема десетто, од разговори за семејството, за младоста, за мали тајни и големи “магии” , и пак завршуваше кај музиката. При секоа доаѓање на Зафир во Македонија, до крајот на деведесеттите, кога почесто доаѓаше поради одредени семејно-имотни обврски.

За музика тогаш не доаѓаше, многу ретко, и се сеќавам на првата прес средба на која го донесе и не запозна со неговиот млад син Васил, тогаш вратен со диплома од Беркли од САД, имаше само едвај двајца новинари од кои едната бев јас и времето за прес конференцијата мораше да го исполнува самиот Зафир и професор Темков, кавадарчанец по корен како него, зборувајќи ни за спомени од нивната младост.

Доаѓањато на Зафир за мене значеа дознавање на работи кои не сум ги прочитала во ниеден весник, и списание, навлегување во антологијата на македонската сцена од самите нејзини почетоци, времеплов од времето на Татко си и Дедо си, а како што беше даровит на говорење тоа се слушаше со очи широко отворени.

Во Македонија посебно обожаваше да се потсетува на татко му Васил, на народните мудрости и поговорки кои му ги кажувал а му прикористиле во животот. Знаеше да запее и по некој рефрен, од тие старите кавадаречки.

Се најдов осиромашена што сето тоа не го снимав со мојот диктафон, освен можеби една две снимки некогаш, ако пак снимав се, сето тоа ќе останеше за трајна архива. Та што ако било и приватно. Нема ништо приватно со такви легенди. Тие се што прават, кажуваат, беседат, се е национално богатство. Кое вреди да остане.

Зафир беше горд човек и можеби не ја изнел на виделина целата таа мака што му лежеше на срце од недоволниот однос кон неговото дело, поточно да речам недоволното искористување на време, но со неколку збора кажал се, да се сетиме на него.

Тоа благо знаеше да го спомене и во мејлови, понекогаш. Чувствував колку сакаше во голем дел од тоа што го создаваше и ние да се чувствуваме како сопственици. На тие негови се стотици и стотици концерти и ТВ програми по сиот свет, десетици албуми издадени во поранешна Југославија, СССР, Австралија, Македонија, Србија, Словенија, Хрватска… Потоа на трите музички книги за деца, петте книги поезија, книгата проза, во мјузиклот… Сите книги издадени и на македонски и на српски јазик. На улогите на сцената на Драмски театар од Скопје, Театар Теразије, Опера театарот и Атеље 212 во Белград, СНП Нови Сад и Форум Театар во Бостон, САД. Во бројните музички награди, во наградата за како најдобар актер за улогите во „Свирач на покривот„ (Нови Сад, Бостон) и „Клетници„(Белград), на неколкуте филмови, од кои најважен му беше “Македонска крвава свадба” филмот за сите времиња.

Нему не му требаше финансиски публиката овде колку нејзината сонародничка енергија, од која не се оддели за време на целиот свој живот во Белград, од каде цело време остваруваше релации со родната земја. Постојано. Ја сакаше Македонија и затоа концертот што го направи во Универзална сала беше толку полн со топлина и радост.

Не е само концертот во прашање. Се што споменав што творел, целиот тој опус, на македонски, српски, руски, англиски, италијански, тоа е дел од културното наследство што ни го оствари овој уникатен талент, неповторлив. Шармер. Можеби кога ќе ја пеат “Љуби ме и главата горе”, или неговата “Од Љубов не се бега” или меланхоличната “Саноќ седам Трено”, или “Како Вардар ќе дотечам”, или “Земи момче Македонче”, или “Зошто?”, некои нови генерации нема да знаат кој ги пеел, страв од кој оправдано се плашеше бесмртниот уметник.

Не е доцна, Скопје нека му се оддолжи со една улица со негово име. Дали тоа ќе биде куќата која премногу му значеше, а мораше да ја продаде, онаа симпатична жолта куќа до Влада, некогашна “Академија” , или кај неговиот стан во Капиштец, за кој љубеше да рече -” јас сум до пицеријата 505, дојди таму на кафе и палачинки, аамо прашај, нема кој не ја знае” . Или некаде било каде, зошто која улица и да се именува по Зафир Хаџиманов ќе има оправдание.

Сигурно тука поминало некој заљубено момче пеејќи серенада на својата сакана или барем пеејќи си во себе “Љуби ме и главата горе”, или на саканата на увце.

Зошто ако земеш да размислуваш, Зафир и тоа како самиот си го заслужи тоа, но младите генерации и тоа како тоа го заслужуваат уште повеќе. Нешто што низ самиот живот ќе им станува јасно зошто тоа би било и повеќе од заслужено.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.