Еднаш дневно: ЧЕСТ ЗА УЗУНОВ! 

78

Речиси без исклучок е старото правило дека: значајните личности не ја добиваа заслужената почест во животот, колку што ја добиваат откако ќе ги нема, а за нив во таа тишина вечно ќе говори вредноста на нивните дела и празнината што ја остават со своето отсуство.

Не случајно и маестро Јанко Узунов, својата си ја доби заслужено, за жал повеќе по неговото заминување од овој свет.

Голем автор, изведувач и музички педагог на млади музичари, човек со две дипломи и магистратура (како земјоделски инжењер), скромен по материјални вредности, ненадминлив по трајни музички вредности.

Неговите ” Момчето со Мандолина”, “Дојди”, “Остани”, “Македонче соколе”, “Те сакам песно македонска”, “Скопје, граду мој”, “Јанка низ Гора врвеше” и уште над 500 други музички дела се длабоко втемелени во современата македонска народна и забавна песна.

По неговото име сега носи назив салата во Домот “25 мај” во Валандово, чиј жител беше во својата младост, а сега Валандово се подготвува за негово чествување.

Имено, групата “Уни бенд” , составена од верни соработници, почитувачи и другари на легендата, направи програма која со помош на Министерство за култура треба да биде реализирана во септември.

Концерт во чест на маестрото, со гости од фелата, колеги, колешки, негови песни и песни во негова чест.

Телевизиите ќе прават репортажи од Валандово, и документарни филмови, со вклучени разговори со негови другари и колеги од бендот „Златни стени“, со кои почна како рок музичар во шеесеттите, потоа снимки од неговите два дома, каде што живееше, училиштата каде учеше и местата каде свиреа…

Ќе биде прилично обемен проектот, најавува “Уни бенд”, а се планира и изложба со негови фотографии.

Два дена ќе биде одбележувањето, крајот на септември, ако дозволи ситуацијата.

-Ние сме подготвени со концептот, а и средствата се обезбедени, само уште среќата да не послужи и сите заедно да заееме за Јанко во салата “Јанко Узунов,” во Домот, и на повеќе места низ Валандово, ни соопштија.

Дел од овој концерт ќе биде и неговата сакана сопруга Жаклина Узунова, која заради емотивноста кон него, што не може да ја надмине лесно, ќе добие улога на гостинка, а не и на организатор.

Таа изминативе години ја продолжи традицијата на маестро Узунов во организирање на хуманитарните годишни концерти во “Даре Џамбаз”, со помош на синот Кирил и пријателите, и пред се учениците и нивната најистакната гитариска Александра Станкоска.

Наскоро повеќе за настанот, а “Уни бенд” имаат и песна за Јанко.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.