Еднаш дневно: ЧЕТИРИ ЗНАМИЊА!

115
Јас сум од онаа генерација без знаме, ќе речете, зошто, затоа што таа генерација и  не знае кое е нејзиното на кое треба да се поклони со целото свое јас.
Родена под југословенското, во рамките на кое имаше и посебно македонско знаме, ама пак некако сите во тоа време го чувствувавме и се колневме на црвено, бело, синото, со ѕвезда. Беше преубаво. Симетрично. Официјално. Во тон. Елегантно. До кое и да го ставеше да го споредиш многу убаво личеше. А ние горди со детски солзи во очите.
По осамостојувањето поминавме уште две знамиња, она што народски го викаа “вентилаторот” и вергината, а всушност и двете се илузија на Сонцето и сончевите зраци.
И кога ќе се земе, од раѓање досега, сум настапувала под закрилата на сите овие четири знамиња. Кое е моето вистинско? Првото, југословенското, кое сите го веевме како главно, или она републичкото, кое и ден денес многумина не се ни сеќаваат како изгледаше.
Или новите знамиња, кои ги запознав во втората третина од мојот живот.
Богами, нејасно прашање. Без одговор. Којзнае дали ќе останам само на овие две по две, што ако третата третина ме освежува ветерче додека вее некое друго знаме.
Не помислувам де веднаш на ново знаме на овие простори, што ако ќе сменам и држава, кој знае судбина што носи. Па од четири, станале пет знамиња. Само да биде убаво и допадливо како досегашните, ќе се навикнам, кога сум можела четири пати да се навикнува, ќе може и петти, не е тешко. Рутинска работа.
Но, она на што навистина потешко можам односно да бидам поискрена  и не можам да се навикнам е постојаното менување на името на мојата земја. Социјалистичка Федеративна Република Југославија, СФРЈ, Народна Република Македонија, Социјалистичка Република Македонија, Република Македонија, ФИРОМ, ФИР Мацедонија, Норт Мацедонија.
Најмногу сум ја претставувала државата  на официјални настани, под ФИРОМ и ФИР Македонија. Не само јас. Сите буквално сите претставници во изминативе 3 децении. Спортисти, Уметници, Шефови, Новинари…. Сите.
Сега ми изгледа неприкладен гест  кога со фломастер сум го пречкртувала префиксот  ФИР само за да ја почувствувам сласта од тоа да го носам името на својата земја како што јас сум ја замислила. Но, сум ја немала таа чест.
Со префикс Норд ја застапував досега само два пати. За малку три, за среќа на една конференција помина мојата желба, луѓето сфаќаат дека не сме навикнати и тоа ни  е проблем.
Не се чувствував ни подобро ни полошо од тоа Фиром. Можеби и не толку лошо како Фиром. Со Фиром, ужасно. А знаеш дека немаш каде. Ни како. ФИРОМ,  ух, само колку потценува и пара/ше душа.
Номад сум во чувствата во однос на сево ова што го набројав-знамиња и имиња. Сега ми е јасно зошто подеднакво за свое го чувствувам и ромското знаме. Така ми велидушава. Тие номади, јас номад. Нивното знаме означува се она што и јас како Македонка во овој половина век сум го извевела. И не сакам да се самозалажувам дека не било така. И не само тоа, пак ќе речам, уште не знам што ме чека. Кој ветер. Која промена. Која иднина?
Да се родиш, растеш и живееш под истото знаме и истато име на држава, како е тоа, никогаш нема да биде мое сознание… Но, да се има желба помладите генерации да не бидат вакви номади како ние од нашата генерација, е мое големо посакување до нив, да не мораат да ги пречкртуваат префиксите,  и да не мора да се чудат всушност, кое беше моето вистинско знаме, под кое припаѓав, под кое припаѓам и под кое ќе припаѓам.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.