Еднаш дневно: “ЉУБИ МЕ И ГЛАВАТА ГОРЕ” 

377

“Како лета времето? Се сеќаваш Вале” стоеше под двете фотографии што утрово на расонување ми ги прати драгата колешка Виолета П. Периќ, од моето гостување кај неа на ТВ Сонце повод “Новинарите пеат” , а и јас новинарка која како вечерва, пееше под реден број 9.

Во хаос сме, сосема заборавив, фејсбукот си е задолжен да помни и не буцка “види, види, тоа беше ти”…

Поминале 10 лета господови. А како синоќа да…

… Три месеци пред тоа “даде Бобо” и Боро ја подготвуваа манифестацијата. Животот не би бил живот ако не те изненади, а песната ако не ти даде тек кој никогаш не би си ни помислила дека може да постои и како варијанта во твојата иднина.

Во подготовките, прва работа за која бев сосема сигурна дека сакам да се случи, беше песната да е створена исклучиво од Зафир Хаџиманов и Григор Копров. Ја пријавив сама, ја замислив, изрежирав се, само уште да го сошијам тој “златно-жолтиот” фустан како сонце и да ја навиткам косата.

А песната се знае “Љуби ме и главата горе”, дует кој решив да го испеам со мојот колега од телевизија Муарем Рамуш, попознат како Цирко.

Има да се знае која е шефица на сето ова, му се јавив и не му дадов право на глас, ни на одлука, само го информирав дека на 30 март да дојде дотеран во костум во Универзална сала, пред тоа да се видиме да повежбаме еднаш два пати, а во меѓувреме задолжително да направи и да ми ја прати на маил ромска верзија, која заедно ќе ја пееме на ромски во вториот дел на “Љуби ме…”, да звучи уште повеќе срцепарателно, како Џелем, Џелем. И да се подготви за аплаузите. Погодувате, од него џентлменски беше поздравена оваа моја навидум “ахахахаха” идеја.

Нарачав и лулашка, и клупа за седење, од организаторот, ќе се лулам, ќе глумам, и почнав да ја оформувам целата шоу- слика.

Ах, да. За малку ќе заборавев, па, среќа на време се сетив дека ред е да ги информирам авторите дека ќе им земам песна за пеење, веднаш му пратив порака на Зафир со прашање дали можеби има некоја забелешка што вториот дел ќе го пееме на ромски, но тој одушевен ми возврати дека ќе му биде чест и дека едвај чека да види како тоа ќе звучи и изгледа.

Времето се наближуваше Циркони (нагалено) го снема. Набргу се тргна како што не сакав. Прво, од материјалот злато боја што сама го одбрав и купив креаторот рече дека не може да се скрои таков фустан каков што му цртав, па мораше тој пак да шета по продавници по нови материјали.

На една недела пред настап Цирко ми ја соопшти веста за заминување на неговата мајка, една драга личност која знаеше да ме нагости со топол пречек и делејќи го со мене и своето “лепче”. Тажна бев кога слушнав.

Остануваше да продолжам со нова варијанта но е доцна, кога ли само за една недела ќе се подготвам, нема шанси, отпаѓа се. Отворив на интернет и впишав Зафир и Копров, прва песна што ми излезе беше “Лидуду”. Маја Оџаклиевска!

Еве ја! Може! Сама ќе настапам. На полноќ им пратив смс на кореографка на “Ребис”, и на Гордана Деан, Гоца на Кили, таа веднаш врати дека нема проблем за нова кореографија.

Господинот Копров ме предупреди дека “Лидуду” е тешка песна за пеење, јас не знам која е тешка која е лесна, мене секоја песна ми е лесна (кога не си професионалец ти си пееш по свое, не ги знаеш финесите и не ти менува тоа ништо, ама па сите знаат ова е караоке, зар фалшови ќе ми бројат?)

Понатаму, и со фустанот средивме. И со четворицата прекрасни танчари на Гоца и ја изведовме работата најдобро што може. Мојата желба беше исполнета.

Помина тоа, весело!

Долго потоа размислував каква е оваа чест две врвни грандиозни пера, легенди какви што нема да се повторат, со ваква леснотија да ми ги дадат своите песни? Како пердув да им побарав.

Зар дури и за караоке шоу некој може така да ја даде “Љуби ме…” и “Лидуду” на некоја пејачка која пејачка не е?

Копров ми направи уште поголема чест, дојде и да ме гледа во живо, а Зафир на следната средба толку силно ме гушна, како да сакаше да ми го даде и светот.

Трет пат тоооолку силно ме гушна и ме држеше долго во прегратка. Прв пат во село Варвара на манастирот кога му кажав дека останав без мајка ми, и тоа ми беше прво излегување по тој немил случај, а неколку часа подоцна кога на истото место ја примив веста за заминувањето на Гоце Николовски. Бевме во Варвара, најгоре на прекрасната Шара, ме покани водителката Ирена Спировска, и нејзиниот вујко, да бидеме со нашиот Зафир кому тој ден на манастирот жителите на славјето му доделија титула почесен жител на Варвара.

По тие две најсилни гушки, третата и уште посилна, беше проследена со муабет како настанале овие две негови песни. Ми раскажа и воздивна “Уф, Валентинче, ти мене многу ме измачи”. И се насмеа. Никогаш дотогаш толку детално немал раскажано.

Можеби ред е сега јас да го сторам тоа, кога ќе почувствувам нешто од внатре. Бесценето е. Бесценето е што повторно ќе речам, се чудам на леснотијата со која мајстор го даде своето дело, ремек дело, на аматер. Без ни малку задршка. И со амин – “земи се што сакаш од песните, не прашувај. Ко Твои да се!”

Ете. Тоа е големината на легендите. Да не би биле такви дарежливи на песната, би биле само ликови кои нешто си пеат, и пишуваат.

Тоа е нивната димензија, се да земат од боговите сета надареност, и се да дадат на луѓето. Да ги развеселат. И секогаш со главата горе.

Трет ден по ред, како пишувам за Зафир Хаџиманов. Ќе пишувам и во иднина, ако Бог даде, да се прераскаже се што се случило, само така од уво на уво, од срце на срце, тој ќе живее вечно, како што заслужува, нашиот голем и префинет уметнички џентлмен, сценски гуру и симбол на лесните магични ноти и на песната за сечија душа.

Но, едно знам, во прва прилика во чест на незаборавната легенда навистина ќе ја испееме песната со Цирко, половина на македонски, половина на ромски јазик, “Љуби ме и главата горе”.

ПАРГО

Цртеж: Живко Поповски Цветин

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.