МВР деновиве побара од граѓаните да пријавуваат масовни новогодишни дочеци по домови и особено по изнајмени викендици, а граѓаните даваат отпор на оваа препорака и на фб дури и прочитав ќе имало лажни дојави за да ги расшетуваат полицајците, за сеир. Да не навлегувам дали е во ред сето тоа, би се осврнала на нешто што ме чуди од друг агол. Самиот феномен „изнајмена викендичка“.

На фб-огласи често може да се прочита дека некој изнајмува викендица, за провод на одредено друштво. И тоа спаѓа во туристичко – услужна дејност. Се разбира доколку огласот е легитимен, а и договорот за изнајмување е заверен и легитимен исто така, нема што да се дискутира.

Но, анонимно изнајмување, ми отвора прашања од безбедносен аспект. Ќе го прескокнам моментот тоа што изнајмувањето чини одредена сума (на пример 1.000 евра), а сопственикот за тој наем нема да плати на државата данок, бидејќи наемот никаде не е регистриран. Ќе се осврнам од безбедносни причини. Колку е безбедно приватно и анонимно изнајмување? Кога нема (легален) документ дека тоа се случува?

1. Што ако на сопственикот му текне да ја исфрли двојката, или групата од таа викендица на полноќ, или во ниедно време?

2. Што ако се јави во полиција и каже дека група лица насилно му влегле во викендица, а потоа и сведочи дека му исчезнале предмети и е извршена кражба?

3. Што ако договори некој да ви го украде автомобилот од дворот?

4. Што ако договори дури некој да ве киднапира од таму, бидејќи тој знае каде сте, има пристап и клуч и теоретски е тоа можно? (не сум параноична, но разгледуваме конкретни можни ситуации)

5. Дури, што е со оној дел од безбедноста доколку некој од гостите настрада поради грешка на сопственикот, како на пример неисправна инсталација, недоволно обезбедени скали, ако нешто на гостинот му се случи на телесен и здравствен план, реков, по грешка на сопственикот на викедичката, како би барале отштета кога и самиот тој не би признавал дека такви луѓе му биле на гости, а ти немаш документ да докажеш дека си бил таму и таа неволја токму таму ти се случила?

Не велам дека се нешто не може да ти се случи и на друго место, како дома, на гости, во хотел, по улица, но овде е веќе нелегално и на диво. Да се биде дома се знае твојата адреса на наоѓање, да се отседне во хотел/мотел/одморалиште/туристички комплекс, значи дека твојот моментален престој некаде е легално заведен, а во изнајмена викендичка на диво ти си во поголем безбедносен ризик, а службите во тој момент немаат легални податоци каде се наоѓаш. И на крај, зошто воопшто државата дозволува(ла) анонимно изнајмување на куќи, станови, викендици, па сега тоа да е практика на самите граѓани, и нив, навикнати на таа практика, да им изгледа нечовечко и непотребно ваквото барање на МВР?

ПАРГО