Ама ве молам, не е никаква новост дека Васил Гарванлиев е нашиот актуелен евровизиски претставник и не знам зошто оваа е ставено на “тапет” деновиве?! 
Познатиот пејач, беше избран од страна на екипата на МРТВ минатата година да не претставува и тоа со навистина ем светска песна и уште повеќе спот за истата, “You”, но лани знаеме што се случи и спотот отиде на Евровизија, Васил не. 
Додуша, минатата Евровизија, како што не зачека од заседа корона- пандемијата се одржа во некоја набрзина склепана ревијална форма со настап и на големи евровизиски ѕвезди, од кои драгиот Џони Логан направи топла магија, и навистина беше фантастично сето тоа, но далеку од онаа Евровизија која возбудува и привлекува милиони гледачи низ светот. 
На пример, самото натпреварување, оформување на свои фаворити, навивање, обложување, гласање носи поголема возбуда од се друго. Да не зборувам и за визуелното шоу. Песните, се некаде во втор план. А без фанови и гласачи тоа не може да биде Евровизија. 
Но, и годинава, заради непредвидливоста на ситуацијата се уште не се знае каква Евровизија во Ротердам не чека, со публика или не, со лично присуство на пејачите или со врска со студија во матичните земји… Се виси во воздух. 
Изненадувачко беше што МРТВ објави конкурс за песна за Васил во рок од само една недела, ама таа грешка редовно и се случува на МРТВ и мене рака ми има отпаднато од пишување за тоа. Уште и пак ако жирира жири кое не е составено од најврвни професионалци какви што имаме и ако е импровизација од случајни диџеи и непознавачи на приликите, ексик. 
Ама за Васил не треба да има забелешки. Гарванлиев пее како славеј. Изгледа светски, комуницира на максимално култивирано ниво, и никогаш во песните од детската “Марионка” наваму нема никакво потценување или не дај Боже непристојни зборови и фрази, за никого, во своите песни. 
Плус и навикнавме МРТВ да праќа директно свој претставник од икс икс причини (јас за тоа сум пишувала реферати ко Последен Мохиканец и ретко од естрадата кој ме поддржа благовремено, кога се калеше тој концепт, надевајќи се дека баш нив ќе ги изберат следни и чувајќи си го “грбот” ). Сега, секако редот на Васил од лани му стои, зошто ниту отиде, ниту не преставуваше, ниту ја доживеа Евровизијата, и тоа не по негова вина. 
По директива отиде и Тијана, Калиопи, Тамара, Тоше, Есма и Лозано, да не набројувам сега бесцелно. 
Васил во Америка има екстра кариера на поп пејач, која има допирни точки со оние на светски мега ѕвезди, за наши услови недостижна и неповторлива. Пеел придружни вокали за Селин Дион, за Енрике Иглесијас, и за други големи ѕвезди кои ги гледаме само на мал екран. Секоја чест. Симнувам капа. Пеки. 
Кај нас ова талентирано момче нема многу песни, концерти и албуми, но кај нас па и таков параметар за мерење и не може да има зошто се досега што се случувало на тој план било по партиска припадност и по некоја “преќутна наредба”. Митингашки кариери се тоа. Штом е некоја партија на власт некои имаат кариера, штом се симне партијата, ги сменува и нив. А тоа не е кариера, тоа е изнудена, наметната и на сила создавана кариера. Така и ” баба” може. Ретки се оние музичари кои навистина ги создавала публика. 
Да речеме Влатко Стефановски само продава билети за концерти и албуми сам по себе со својата музика, што би било и идеален избор за догодина или некоја следна. Ако сака. Ако се нафати. Еве го предлагам. 
Но, доаѓа време на млади таленти. Оние кои биле газени од партиски пулени. Во Македонија рекле не играј и не пеј, секој втор ќе те победи во играње и пеење, толку премногу музикални има, а на сцена едно дваесеттина исти па исти пејачи. Не е тоа финтата. Нека избере народ. Штом помине пандемијата, и штом се вратиме во нормала. 
А Васил, ако има одбрано песна и свој автор/автори, најдобро би било тоа да ни го каже отворено, да не не врти на мал прст. А ако чека да се избере допрва од тоа што ќе стигне на кус конкурс од само седум дена, да му посакаме голема среќа да му се случи среќа како “гром од ведро небо”.
ПАРГО