Еднаш неделно: “ГЛУМЦИ” !

0
183
Во карантинот не стивнаа уметноста и музиката. Напротив, беа многу гласни и добија на интензитет, добија на кристална јасност кој е кој, што е што. Стивнаа “фејкерите”.
Тишината создава ремек дела, тогаш најмногу знаат од внатре да бликнат вистински идеи. Карантинот за многу креативци беше токму таква тишина. Многу талентирани личности домашната  пауза ја искористија да создадат внатрешен мир,  да средат архиви, своите дворови, да ги средат мислите, да ослабнат, но уште поважно и да насликаат најубави слики, да направат  резби, скулптури, најдобри што досега им се случиле, а оние вистинските музичари искористија да направат фантастични песни. Да се надминат себе си. Браво!
Ова навистина беше период за оние кои умеат со уметноста,  тие го кажаа своето.
Минатата година во и околу  карантинот здрмаа јако некои познати личности и некои нови клинци,  Александар и Дац, Венко Серафимов, Блаж Маротов, Благој Нацев, “Сап брадерс” , гитаристот Кире Мирчовски, “Водолија”, “Никеја”, “Макфест” повторно блесна, Биба Додева сними феноменални преработки, светските концерти имаа Ристо  Вртев, “Архангел”, Сашо Поповски трио, Добрила Грашеска и Доријан, Елена Христова и ” Баклава” и други уметници кои во моментов не ги набројав, и, секако, маестрото над маестрата Влатко Стефановски, чиј совршен албум “Тафталиџе Шатл” сега се најде за европска награда, за која убедена сум ќе ја добие .
Да не бидам нескромна бум направи и песната “Љуби ме до мрак”, односно авторството и феноменалните гитарски сола на Владо Ѓоргиевски за што доби комплименти од врвни новинари и компетентни музички познавачи од Израел, до Грција до Шпанија и Португалија, а задоволството го делевме и јас како изведувачка, и текстописецот Цане Трајчевски, и режисерот на спотот Александар Ампевски. Чисто за ќејф, но многу суперско.
Лесно е да имаш хит во време кога се впрегнати сите машинерии, како партиски, пропаганди, телевизиски, медиумски, местаџиски, но овој пат тие мируваа, немаа простор за делување, и збор имаа оние другите што имаат што да кажат.
Ова го кажувам за да се види дека откога ќе ја излупи онаа прва кора (на естрадата/сцената) се наоѓаат многу силни и можеби и далеку посилни автори и изведувачи кои не се склони кон лактање и молење за да се најдат на топ листи, на официјални манифестации или пак немале шанси, машинеријата ги исфрлала во втор трет план.
Сега бевме сите на исто ниво, со исти шанси и се даде нова слика за музиката. Слушавме најдобро од старите песни. А слушнавме и најдобро од карантинските, допрва ќе слушаме фантастични карантински изработки, создадени во нечии студија.
Карантинот ги размести и разбистри некои работи. Колку и да е,  ништо никогаш повеќе нема да биде исто. Сцената и естрадата никогаш нема да бидат исти. Публиката јасно увиде некои работи. На пример, дека голем дел од естрадата не се баш голем пријател на народот. Не се тука за доброто на народот. Тука се само за да земат се што може да се извлече од ситуацијата, ама строго само за себе. Естрадата која децении наназад печалеше од настапи, турнеи, бакшиши, која возеше најскапи и најлуксузни автомобили и џипови, купуваше најскапи живеалишта, облека, одеше на најскапи патувања, живееше на висока нога, која земаше пари од кампањи, субвенции, баснословни награди по фестивали и неретко истите наместени, од неплаќање на своите даночни обврски, и овој пат најгласни беше само за своите финансии.
Естрадата, која никогаш, со децении наназад не проговори јавно, не кажа збор и не даде поддршка за маката што го снајде народот, за извршителите, за сиромаштијата, за отпуштање од работа, за мобингот, за насилството, за криминалот и неправдите, не го даде својот глас за подобрување на општеството.
Не се заложи за подобро утре, освен за нечија политичка кариера од која имаа  бенефит, пари, удобно живеење, добро вработување и привилегии. Бранејќи ги  моќниците и финансиерите. Затоа, ништо нема да биде исто.
Кога зборуваме за уметниците од сите видови и жанрови во поранешна Југославија, кои пак во својата уметност беа “ѕверки” еден мој аналитичен и многу информиран помлад  пријател, често заклучува дека дека” уметниците направија најголема штета на системот и општеството”. Со своето подаништво и молчење за крупните работи. А нивната позиција дозволува нивниот глас да биде слушнат многу посилно и многу подалеку. Тие не го искористија тоа, се правеа како да не гледаат и да не слушаат.
Иако, тука не се согласувавме баш најмногу, сега некако тоа со полно право можам да го припишам и на најголем процент од нашите естрадни и сценски уметници и јавни личности кон својата публика.
Тие, секогаш треба/ше да бидат на страната на народот и неговите права. Не само кога се земале пари и бакшиш (ова најмногу се однесува на оние добро нафатирани).
Но, сега, се падна во вода. Водата се разбистри и почнува добро да се гледа каде е талогот и што има таму а што на површината. Резултатите допрва ќе бидат испорачани.
Но, да внимаваме, тука да не ги измешаме работите, сите уметници не смееме да ги ставиме во иста вреќа. Никако. Тие, особено младите актери, креативци, сценатисти, режисери, таа млада прогресивна и будна сила, тие се бореа и се борат на свој начин, со видливо или тивко незаволство, со субверзивно или транспарентно делување, со уметнички перформанси, снимање, со филмови, со кампањи, со сите расположливи средства, не мируваат. Нивните финансии се многу мали и едвај преживуваат, но никогаш себе си не се ставија пред народот, не го потценија. Ни во екот на пандемијата глас не пуштија за себе. Како е, така е, не се чукнаа в гради- Јас па јас!
И, јасно е, откако се разбистри водата и видовме кои се глумци а кои “глумци” , никогаш повеќе нема да биде исто, ќе згасне се што било “фејк” , вистинските вредности низ уметноста ќе бликнат, ќе станат видливи и се повеќе општествено креативни. И се повеќе вреднувани од народот ќе бидат оние уметници кои биле на нивна страна и во добро и во зло, и кои за народниот и општествен интерес го дале најдоброто од себе. Сега, кога јасно се виде што е што и кој е кој.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.