Сеќавањето на моето прво остварување на право на гласање, откако станав полнолетна, е нешто кое не можам да го сврстам во категорија “успешно”. Се одвиваше во едно друго време, во една друга држава и систем, и поинакви вредности, и во еден помирен животен стил. Се избираше тогаш Претседател (градоначалник) на општината во која се родив и пораснав и гласањето за кое не бев ни најмалку заинтересирана сигурно  ќе го прескокнев,  сѐ додека не ја сфатив “приказната”  дека всушност: од мене се очекува, како и од големото мнозинство граѓани, да гласам за мојот тетин, кој и пред тоа беше на таа видна функција, и се знаеше дека ќе го гласаат, а неговиот  противкандидат е ставен само за декор, проформа. Тоа ми предизвика револт на искористување правење безвредно  моето право на глас,  кој и вака и така ништо ме менува, а уште повеќе ме иритираше нерамноправната “натпреварувачка” позиција на другиот кандидат, и отидов и гласав за него, се извинувам, не го ни запомнив како се викаше.
Во тој период тие предводници на општината што ги знаев одблиску беа многу почитувани луѓе, и често можеше да се слушне некој за нив да рече “да е здрав и жив, ми заврши голема работа”.
Не беше сѐ совршено баш за секого пооделно, но се грижеа за граѓаните општо, и животот во градот, колку што можеа и секој можеше да најде решение за себе ако се заложеше и се ставеше на нивни тапет .
Денес, за она што се нарекува градоначалничка дејност, чест на исклучоци, мене ми предизвикува асоцијација за најпрофитерска и најперфидно изведена работа и сакам да сум подалеку, да не допира до мене и мојот видокруг. Изместено е.
Не така одамна, при последното гласање мојот глас го “одзеде” самиот кандидат, кога на бина на митинг, на спортистката што го поддржуваше да добие мандатат, јавно ѝ рече “Јас ќе те пуштам на Олимпијада”.
Чекај малку. Стоп! Врати! Како Ти? Не Спортска федерација, не спортски клубови, не спортисти фактори, туку Ти? Да не ја погреши лентата, господин кандидат? Тоа е веќе речиси приватна и интимна работа доколку некој некому да му даде свои пари и дозвола да оди некаде. А, за да оди спортист или било кој друг јавен лик да претставува држава и нација, градоначалник не одлучува, дури ни во виц.
Но, не е грешка. Оваа изјава на виделина само уште еднаш ја изнесе своеволноста и некомпетентноста со која мнозинството градоначалници го водат градот. И мислат дека тоа е правилно. А секој, град да води не може.
Градоначалник е обврзан и мора да го организира функционирањето на една општина, најпаметно, најкорисно и најекономично за сите граѓани. Инфраструктура, вложување во училишта, градинки, патишта, водоводна мрежа, паркови, домови на култура, чистота, безбедност при невреме и неприлики, пожари, поплави во одредена мера да се грижи за подигнување на културата и нивото на живеење, но никако не може во име на “Јас” да праќа спортистка на Олимпијата. Со мои пари (мои=граѓански). Затоа што, ова не е спортска обложувалница во која лежерно за 20 денари се обложуваш и притоа не ти е гајле дали добиеш. Ова е одговорност кон државни пари, за кои до денар мора да има издржаност, оправдливост и корисност (а не само нашминкана законска покриеност).
Ако не сме во таа сфера и немаме  ингеренции да не се мешаме во туѓи сектори, најдобро е да не го правиме тоа.
Но секако, градоначалникот е прв кој треба да го удостои и пречека својот жител доколку некаде освоил успех, донел медал, или доколку некој ученик се истакнал и треба да се помогне за уште поголеми успеси, да му се набави потребна опрема, тоа е дозволиво и задолжително.
Самоволието и профитерството, како и некомпетентни и партиски примени советници околу него, мора да запре. Давање пари за социјални, драмски, поетски, издавачки, спортски, културни и ред други жанровски различни “проекти” со некомпетентни и самоволни одлуки-мора да запре! Самоволието и профитерството на првите луѓе на градовите – мора да запре! Зашто кога сите би се однесувале самоволно кон заедницата, секој во рамките на своите можности, што би настанало како како резултат на сето тоа?
Градоначалник е привилегирана и одговорна функција, и неа треба да ја работаат и најспособните и најодговорните кон целата заедница. Тие треба да се “рампата” за нечии лични побарувања, претерувања, желба за профитерство, истакнување, промовирање, неправилно и нефер однесување кон другите луѓе,  но во исто време тие се и “отворената врата” за да ѝм се даде простор и шансата да навлезат убави нешта во животот на граѓаните.

ПАРГО