ЕДНАШ НЕДЕЛНО: “Конкорд” е нашиот “Манескин” 

498

Вовед во оваа колумна би ми биле моите детско-младински години, кога за прв пат ја слушнав песната Have the blues, на старото радио ” Тесла” кај баба и дедо и не само што веднаш ги научив стиховите од песната која беше мошне чудна и магично привлечна на детско мозочето и детско срце толку вљубено во музика, ами од памет не можев да ја извадам. Ако нејасна.

Некако, во тој период сите песни ги сфаќав дека се за момче и девојка, на релација машко – женско, други теми не знаев ни дека би можеле да се опеат. И дека може да се и преносно “кажани” .

Плочата ја купив прв момент кога дојдов до неа, а легендата за настанување на текстот и на песната го дознав при една средба со Венс (Венко Серафимов), уште подетално при една убава средба со Кокан Пандиловски на која бевме тој јас и Ристо Апостолов од “Водолија”.

Јас на Кокан од “Конкорд” му открив дека единствена песна која сакам да ја снимам во моја верзија е мојата најомилена “Have the blues”.

Би се насмеале вие можеби кога би прочитале ваква храбра желба, ама за истово би им се насмеале на сите пејачи-е ајде де нека ја испее некој ко Сеат, ако му држи? Но, тоа не значи дека ме обесхрабрува да продолжам да ја обожавам до ѕвезди.

Често се навраќа на ова “планетарно парче музика”, нејзината маестралност знае да ме гушне и да не ме пушта, да ја пеам да се “надвикувам” со Сеат, да ме обзема и нежно гребе.

Кокан ми кажа што е текстот, за кого е, како е создаден, како ја снимиле песната, случајно и меѓу последните песни кога снимале во Белград и дека ни самите не помислиле дека ова ќе биде евергрин рамен на “блуз симфонија”. Онака им се провлекла.

Она што за мене беше дополнително предизвикувачко да ја запеам во меланхоличните карантински денови, беше таа тага што се надвиснала над градов еден сив понеделник кога шетав и се ко беше како во некој бизарен филм од “Зона на самракот”, а јас како да сум влетана фигура која никој не ја гледа и забележува, а таа се гледа, се немо набљудува, и се доживува.

Се вратив дома, ја отворив песната на јутјуб, по навика никогаш не читам коментари под линкови, тогаш нешто ме натера и тоа го направив. Наидов на многу малку коментари, затоа и ги прочитав, а песната ставена пред повеќе од десет години.

“Воала” , еве – Конкорд- албум “Have the blues” -1984, Сеат Јакупи – Вокал Зоран Пехчевски -клавијатура, Бруно Грозданов – тапани, Кокан Пандиловски – бас гитара, Венко Серафимов – гитара, изведува “Конкорд” , албум “Have the blues”, Кроациа Рекордс (во име на Југотон).

Коментарите ги пренесувам во оригинал :

“Најубавата, евер <3”, “Секој коментар е сувишен !!!”, “бр.1. Конкорд – Have the blues, бр.2. Леб и Сол – Чувам ноч од будних”, “одлична песма ;)”, “GREAT!! Обрни внимание на текст!”, “многу добар текст.!!”, “УУУх каква ствар”, “браво дечки, како вино сте”, “супер ,супер добар интерпрет…СЕЈАТ…..коммплимент…”,  “дефинитивно најдоброто музичко остварување на македонската поп рок сцена ЗА Секогаш”, ” какво музичко остварување…неам коментар бре…а треба ли??? слушај и ќути!!! тишината е погласна од тебе додека слушаш blues!!!”,” Аууух, толико сам тражио ову нумеру, и ево сада случајно набасам на ову страну, нисам знао ко је изводи….Браво за постављање:”,” Штета што се распадна овој бенд…”,” аааааааајајјааааааа поради ваа песна школото го за*бах пред 30 години – дек ќе ми беше крајо да не ја објавеете хахахахахаааа “,” Евергрин!!!!”

Погледот ми застана кај прашањето “ве молам ако знае некој нека ми објасне што поточно пее Сеат во песната, што сака да каже и најважно ЗА КОЈ ПЕЕ? “. Како воведена во темата, и упатена од прва рака, веднаш му одговорив, кратко- “Пее за разговор меѓу двајца другари,од кои едниот е зависник во очај и безизлезност”, за да набрзо потоа стигна и признанието” цитирам :” и нека каже некој после дека чекањето не се исплаќа 👑 после 6 години I got the right answer ”

Пред само три недели со сличен, интригантен и интелегентно срочен “паравански” текст на Евровизија победија сега веќе милениците на младите, рокерите “Манескин” со “Zitti e buoni”, и мене ме потсетија на “Конкорд”. Девојчињата полудеа, се вљубија во прекрасниот италијански фраер вокалист, тој им е новиот “сон”, машките исто многу сакаат рок, ја сакаат и оваа група со прекрасни членови, верувам дека и ја нашле на интернет песната ја ставиле на гугл транслејт, ја научиле, ја запеале…

“Манескин” во алтернативните италијански рок кругови се познати од пред некое лето, како фраери кои свиреле околу Колосеумот, во програма на млади бендови под отворено небо, а една одлична млада италијанска новинарка и блогерка, ќерка на светски познат римски писател, наградуван со светски награди, дипломат и миротворец, напишала текст во кој речиси и ги открила и нив и неколку други атрактивни и млади бендови.

“Манескин” сега се познати и иако има поделени мислења околу моментот во Зелената соба, како и за нивниот настап, тие сега се ѕвезди високо на европскиот музички трон.

Некој ќе рече, “како да им беше малку што имаа спот кој алудира на зависници, згора на се пејачот во Зелената соба на Евровизија шмркаше кокаин на маса”.

Тоа беше онаа сцена која камерите многу јасно и зумирано ја пренесоа (а секој кадар на Евровизија е испланиран до секунда и ниеден не е случаен), така што јас не верувам дека беше случајност, тоа никако не може да му се случи на најголемиот, најпознат, најскап и најгледан фестивал во светот, кој годинава го гледале само во директниот пренос 183 милиони гледачи од секаде. Не сум баш сигурна, можеби се рушеше уште еден стереотип и дека треба да ги прифатиме рамноправно и зависниците, Евровизиите секогаш содржат и некоја скриена порака. Затоа што, искрено кој би го направил тоа пред камера, кога знае со тоа за секунда кариерата и исполнетиот сон ќе му исчезнат од пред очи, и засекогаш, а можел да се завети, да почека камерата да се исклучи, или да отиде до тоалет во најмала рака, за да се скрие. Има нешто.

Ќе го поврзам со текстот, ала Конкорд. Се е кажано во преносна смисла, како паралела на реалноста и на реалноста на еден зависник, кој сака да ја победи својата ситуација. Песната почнува со стихот “Тие не знаат за што зборувам”, продолжува со “Вие сте валкани, помеѓу…”

Кои други стихови ќе ги сретнете во навидум чудниот текст? Овие: “добро вечер дами и господа исфрлете ги глумците од себе, подобро ви е да правите грешки, подобро е да бидете тивки и добри”, “верувам толку многу дека можам да го направам овој скок дури, и, ако патот е по угорница”.

Ајде да го анализираме и стихот “луѓето овде се чудни као дилери на дрога” или пак најважниот “Премногу ноќи бев заклучен и сега ќе ја разбијам оваа врата”,”извини мама што сум постојано надвор, јас сум надвор од умот (полудев) но поинаку од другите, и ти полуде, но поинаку од другите”. И така натаму…

Сето така вешто е кажано во преносното значење за зависник кој “долго време бил затворен” во светот на дрогата, “луѓето се чудни како дилери на дрога” тоа е неговиот свет, “извини мама” неа најмногу ја повредува со својот стил на живот, а со “ќе ја раабијам вратата” покажува дека сака да излезе од таму, од тоа безизлез. (Нешто слично на стихот” Стигао си бејбе до саме ивице” од” Have the blues”).

Никако не може да се рече дека тоа се само нафрлани зборови и стихови…

Од секоја прикриена песна може многу да се извлече. Тоа се шифри кои може да ги дешифрираат само оние кои навистина ја доживуваат и чувствуваат музиката.

Верувам дека покрај оваа евровизиска песна, која сега младите ја сакаат, научија сега нешто и за нашиот Конкорд и нестварно добрата “Have the blues”. И ќе научат лекција, што е опасно во животот и дека треба да се биде внимателен и предвреме да се избегне таа замка на младоста, никогаш да не се западне во неа, за да не мора потоа “да се крши вратата”…

ПАРГО