четврток, април 25, 2024
домаЕднаш неделно: ЛАЖНА МИС

Еднаш неделно: ЛАЖНА МИС

Македонија се спрема во сабота, на 17 јануари, лажно да победи на избор за онлајн “Мис Туризам интернешнал”. Не, не станува збор за некоја глобална измама, или интернационална шема, станува збор за лична измама на нашата кандидатка, која самата организирала гласање, и тоа јавно на фб. Со нејзини фб постови во кои се моли локалното население да и помогне, а голем дел наседнале на овој повик, сметајќи дека прават нешто корисно за својата земја. И ја бранат жестоко, ако некој упати забелешка за оваа промашена постапка.
Таа тоа не го гледа така. Таа прави се со цел само и само да дојде до блескавата тутула за да ја стави на глава и се селфира и да се гледа во огледало. Односно, не ги знам нејзините конкретни планови со дијадемата, карикирам.
Да го појаснам изборот, од она што го видов на фејсбук. Секоја земја има своја претставничка, веројатно кандидирана од некоја агенција која ја има откупено лиценцата за тоа, со видеа разгледници од нивните земји во кои се претставени претставничките, а тие мили, смирени, средени, снимени под светло Сонце, трепкаат и повикуваат на погледнување на природните убавини кои ги нудат. Како туризам.
Во видеото  кое го нуди претставничката од Македонија и да ги изгледате тие 1.22 секунди, за жал, Македонија нема да ја видите. Ни М од Македонија. Кадарот оди вака.
Снимка на сив тмурен ден покрај и онака неимпресивните закотвени лимени творби таканаречени галии на заматениот Вардар, одеднаш во кадар влетува возбудена девојка со карирана кошула и неколку броја пошироко лелеаво крзнено елече на неа, како некој да ја повикал набрзина, се движи со полурастрчани бучни “штикла” чекори и зборува, збори, зборува. Кажува за себе. Која е, колку години има, кои се нејзините ангажмани, и тоа тоа толку задишано како да прави кратка пауза од трчање, се сака се да каже наеднаш и пак да ќе  продолжува со трчање.
Ма не е фер. Кон земјата која се претставува. Станува збор за една гранка како што е туризмот, која со мака ја развиваме, и станува збор за неопходна презентација на природни убавини. Ако организаторот, кој и да е, не овозможил да се сними видео кое доликува со кадри од нашите убавини Преспа, Охрид, Пелистер, Маврово, Шара, Источна Македонија, можеле да снимат со своите мобилни некое убаво традиционално јадење, да раскажат некоја кратка легенда, да прошета по Старата чаршија на само 100 метра подалеку, или во Центарот каде не би се гледале искршени плочки и расфрлана кал и земја како на ова видео. Или во Парк, на Водно…
Девојката, вложила многу енергија во кликање и убедување на луѓе на фб да гласаат за неа. И има над 1. 000 лајкови, во однос на Мис Бразил на пример која има само 20 или другите земји кои се движат од пет до 50 лајка. Но, затоа, кога ќе влезеш во страницата на изборот, кај неа се задржуваш 2 секунди и продолжуваш да ги разгледуваш и им се одушевуваш на богатите и професионално сработени видеа од другите кандидатки.
Нема сомнение дека таа секогаш ќе им е убава на родителите, најблиските, пријателите, момчето. Но нема сомнение дека дури и да победи со “невидена победа”, со оној понуден концепт, во случајов себепромовирачки и нула возвратно кон Македонија, не ја исполнила својата задача и нејзината круна нема да заблеска и да привлече макар и еден турист во Македонија. Зошто Македонија, во случајов, за жал, ја прескокнала, ја изоставила, ја нема.
ПАРГО
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ