Таа недела, 11 декември 2016 година, попладнето од дома до автомобил бев земена од моја пријателка и нејзин пријател, и одведена во кафана. Убаво се нагостивме, без алкохол, а потоа малку срамежливо ми најавија дека сакаат на една тема да позборуваат со мене, во рамките на текстовите што ги пишував “Стоп за насилство врз жени! “. Ги наострив ушите, очекувајќи дека ќе слушнам податливи информации за нов текст за “истепана жена”.

Но! Следуваше големо “но! “. Држ-не дај, некако се подослободи момчето и почна да ми раскажува за својата мака, од миг во миг со се посилен таговен сјај од солзите во неговите очи.
Ми раскажуваше за својата љубовница, пред тоа негова (а и моја) пријателка, поради која се развел од сопругата за да и е достапен за средби во секое време, поради која не може да ја заврши започнатата куќичка, поради која со години работи плус и дополнителна ризична работа за да ги купи најскапите подароци што му ги нарачува, поради која е во огромни финансиски долгови, и поради која, откако му заминала со друг, нему не му се живее! Тој тврдеше дека таа, која патем и цело време го изневерувала, него, од посветен и мирен сопруг и Татко, го претворила во сега полуден ненаситен маж, кој секоја вечер талка од жена на жена, неможејќи да се препознае себе си, носејќи голем гнев од кој ни самиот не знае што се може да излезе во неартикулиран момент .
На мојата констатација дека тоа е повеќе “приватна состојба меѓу двајца” момчето одговори дека таа е “насилничка”.

Велам “зар и те тепала?”

-Не, таа е насилничка која никогаш не кренала тон, не кренала рака, со трепкање на очите и насмевка таа изврши измама и трајно насилство, го уништи мојот живот, на моето дете на мојата сопруга. И јас сум под седативи, рече тој.

За седативи дека користат, имав слушано и од други мажи, преку машки исповеди, но кажани во форма на зафрканции, и затоа не ги сфаќав како проблем. За мажот кој го киднапира малото синче и замина кај неговите затоа што жената постојано му префрлала за лошата финансиска ситуација на неговите родители и нему му доаѓало да ја “изгази под нозе” но знае тој дека може да и се одмазди преку детето. За нарушеното чувство на машкост и гордост на пријател кому жената го заглавила во кредит, затоа што сакала таа да има и најубава машина за перење садови, и најубав автомобил, и годишен одмор, и викенд во Солун, и шопинг, а со една негова просечна и една нејзина мала плата.

Имав слушнато и за мажот кој е речиси полуден од бес што жената го “наседнала” целата плата да ја дава на кредити за изградба на убава куќа по нејзина желба, и сега тој толку многу сака, а не може да се расположи со другари иако работи и си зема плата. Нему му се споени жичките од нервоза поради тоа, а се ќе било поинаку доколку изграделе поскромна куќа, во однос на “нивната черга”.

Имав слушнато и за мажот кој се жали што неговата сопруга го команда и му се дере пред луѓе и го срами што некогаш има така јако да и врзе шамар пред сите, ѕвезди да изброи.
Сето ова ми се изврте во глава кога утрово прочитав дека конечно е донесен закон за заштита на жена од семејно насилство. Многу горлива и горчлива тема кај нас. Земја во која наводно според неофицијални податоци, секоја трета односно втора жена е жртва на семејно насилство.

-Добро време дојде, ако сме сега еднакви жените и мажите, односно жената е погоре од мажот, тоа значи дека сега швалерките ќе ни купуваат нам скапи подароци, доста ние нив, се пошегува еден маж.

Шегата настрана. Балансирање на машко-женските права е најдоброто нешто што може да се направи.
Силата е во мажот, и мажот кога ќе се налути е ” конкретен” веднаш ја употребува, додека пак жената е итра лисица. Честопати со итрина ќе го намести злото, кое потоа преминува во насилство. За насилство врз мажи слабо се пишува токму поради овој факт, таа не употребува физичка (видлива) сила, ја употребува моќта на интригата, моќта на местенките, мочта на зборот, моќта на јазикот.

Оттука, оваа проблематика мора да биде и суштински и стручно обработена, пред да дојде момент пак мажите да не сакаат да се оженат со жени, од страв да не бидат пријавувани и за најобично несогласување, банална расправија или пак со добра глума и поради интерес (оштета), сметаат мажите, а тие жени што навистина трпат физичко насилство, како и досега и натаму да молчат. И проблемот, пак да е е решен.

ПАРГО