Во моите перцепции, поимот мафија некогаш беше еден посебен круг до кој никогаш нема да допреш, а  мафијаш можам да речам дека беше дури и “идеализиран” од моја страна како прототип на маж со силни машки карактеристики, стабилен, со многу висок вкус за нештата, со силна интелегенција и моќ за брза аналитичност и логика, бестрашен, опасен, неодолив и човек од збор.
Маж кој е речиси без грешка, но со неодолива страст за доминација во средината. И, кој парите што ги приграбува лесно ги троши. На една жена.
Можеби, за дел од таа слика виновен е страшно содржинскиот филм “Беше еднаш во Америка”, во кој јас како млада тинејџерка кога беше објавен филмот, ја излитив видео касетата од превртување. И, меѓу “мафијашките куршуми” ја пронајдов смислата  на поимот “другарство”, покајание за грешниот начин на живот и многу, многу, многу љубов. Љубов кон една жена, за која цел живот го подредуваш да ја имаш, макар и за последно. И правиш еден опасен круг, кој се затвора токму со моментот- Ти и Таа.
Од друга страна, сета таа таква замисла, дури и се чини како привлечна за секоја девојка или момче барем еднаш во животот да “запознае” мафијаш. Мафијаш како од филмовите.
Од оваа временска дистанца, и по неколку децении од тогаш, се уште имам впечаток дека немам запознаено ни сретнато мафијаш, дури не се имам ни разминато на улица. Но, и тоа е само “филм”.
А, мафијашот од реалност не е веќе тој што го споменав, можеби тој е “обичен”, мојот прв сосед, или мојот прв другар. Во кој никогаш не би се посомневала дека е опасен, безмилосен, алчен и стрвен за лоши нешта.
Зошто го пишувам ова? Затоа што, читајќи исповеди на жени кои претрпеле насилство на прагот на младоста, или за жал и пред тоа, уште во своите свилени години, сфаќаш дека мафијаш е психопат, преоблечен во професор (по глума, по пеење, по географија… ), “добричина”, заштитник, пријател, кој се би направил за твое добро.
А во суштина тој е со ненормална психа, и злодела дела, а толку добро заштитен од еден силен ланец на психијатри, полиција, институции, судство, што ти како беспомошна и уплашена индивидуа си во ситуација да не можеш да се ослободиш од неговата “вечна сенка” над тебе , и за тоа да проговориш или откако немаш повеќе каде, или кога доволно те искршило тоа во тебе, што веќе не  вагаш меѓу животт и смртта. Сеедно ти е кој тас од овие два ќе натежне повеќе на вагата наречена живот.
Ова зборува за тоа дека тие таканаречени “мафијаши” се дел од нашето секојдневие, добро сместени во некој солиден општествен статус прикриени, вешти, перфидни и лабилни до степен да го искористат првото “јагне” и да го претворат во жртвено.
Се отвора прашање, на колку нивоа треба да се оди за да се откријат и изведат пред очите на правдата? Дали правдата ќе им пресуди по правдини или повторно по нивни мафијашки правила? Како да се откријат? Кој да ги посочи? И зошто воопшто некој заштитува такви штетни луѓе? Каква е користа на човештвото од нив? Зборувам за оние кои “некој” намерно ги крие, иако се знае за нив.
Голем недостаток е  што нема кој да ти одговори, ниту да прочиташ соодветна литература, многу малку речиси незабележително сум сретнала, во однос на појавата која е невидлива а распространета и во светот, и за која се погласно се зборува.
Дали со самото тоа што си станала жртва (која молчи) стануваш соучесничка со таа опака паихо-мафија?
Како крајно прашање, во овој мој вечерен разговор во себе, ми се поставува финалното прашање- дали воопшто има метод, начин, средство,  човештвото да се справи со оваа нималку случајна појава? Толку заштитена, при се прашуваш дали е реалност или повторно некој ” филм”, само овој пат лош и “некаде далеку”.
ПАРГО