Немам сретнато некоја која повеќе од мене се радува на награди, кога се праведни, заслужени, чесни и еснафски, а во истовреме не постои некоја која повеќе од мене се ежи на награди нечесни, наместени, договорени, лажирани и изманипулирани. Боже, како може некој ладнокрвно дома да си донесе “лист хартија” , кој денес ако му значи кратка радост, од утре може само “празнина”, штом во себе го носи засекогаш сознанието дека таа “награда ” не е негова. Нема ни да биде. Наместена награда не сакам да се чува ни во витрината кај комшиите, не па кај мене дома. Топло на душата ти доаѓа кога внесуваш во домот награда која си ја заслужил или ти ја доделило квалитетно жири по некоја квалитетна проценка. Кога би избирала, подобро да ме заобиколи заслужена награда, отколку да ми дојде во раце наместена .

Периодов сум збунета и не знам како да реагирам на наградите за кои читаме и слушаме. Доделува државата, доделуваат општините, доделуваат на доктори и медицински лица. Кога имаме невиден бран на загуби поради катастрофалната организираност во здравството. И, во овој период кога со месеци медицинскиот персонал, буквално целиот, се мобилизира, и бдеат дење ноќе по болници, по клиники, во првите редови и изложени на најголем ризик, неспани, ненајадени, уморни, исцедени, нервозни, заразени, одделени од семејството, ние можеме ли да мериме кој од нив е позаслужен и да го истакнеме како победник? И с аго наградиме. И тоа, со комисија која нема блага врска со тој еснаф, со таа професија. Не знам и не сакам да знам како во себе се чувствуваат наградените во оваа ситуација, а не знам ни што на ова би рекле од Здружението на лекари , дали и самите тие упатиле допис до тие наградувачки комисии дека не е време за тоа. Но, знам и сигурна сум дека некој што вложил се во професијата и на крај не добил никакво признание не е чудно еден ден со првиот авион да замине да лекува во некоја друга држава, која е поблагодарна кон делата на оние кои максимално се вложуваат во општеството .
ПАРГО