Еднаш неделно: “Раша гудбај !” 

61

Сѐ уште не се намалува фрката околу српската евровизиска претставничка Ана Ѓуриќ, алијас Констракта, и нејзиниот настап со песната “In corpore sano”, која веќе освои седум милиони прегледи на Јутјуб и е и фаворит за победа.

“Хаа!”, негодувачки ќе одмавнат со рака оние кои не им се допадна и кои велат “Што и значеше она – Уметницата мора да биде здрава, па тоа се подразбира”, однесувајќи се на пораката која таа ја упати преку својот необичен концептуален настап.

Веднаш станува јасно дека го бара правото на здравствена заштита на слободните уметници (а ги има многу со таков статус низ Балканот, цела Европа) кои се препуштени сами на себе, а за општеството се невидливи, дека невработени регуларно, нели…

Но не е само тоа, пораката е двојслојна. Здрава и како личност, здраворазумна. Менталното здравје на уметникот мора да биде исто така подеднакво како и телесното.

И сега? Имаме проблем. Тоа не им се допадна на луѓето кои со децении се научени да ја восприемаат евровизиската музиката само како емоција и забава, а не и како порака.

Констракта, својата необична песна ја дообјасна на “боди ленгвич” начин, со тоа што во легенче ги миеше рацете на сцена, а па нејзиниот колега и ривал Аца Лукас на нивниот избор, дури побрза да се пошегува дека тој би ги миел и своите нозе ако треба (ко божем Лукас е “мал” по скандали, па ова му се виде прилично сценски скандалозно неприфатливо).

Но, не само уметница, “и уметникот мора да биде здрав! “да потенцирам, ако сакаме родова рамноправност.

Знам дека настапот на Констракта изиритира многу од публиката. Многумина одушеви. Ако победи значи одушевила и пошироко. Да стегаме палци, таа заслужува тоа. Да биде најдобра во Европа, на 14 мај во Торино, каде и ќе биде Евровизијата.

А, Европа има наталожени многу проблеми. Некои тимови се одлучуваат да одат со песна која соопштува пораки. Таква беше и победничката на Украина во 2016, Џамала, која не запозна со военото минато на земјата Украина, кое сега за жал се повторува. Таков беше, со порака, но помалку посрамежлив не толку директен настапот на украинецот или ако повеќе сакате украинката Верка Сердучка, во 2008 кој/а во својата песна пееше “Лаша тумбаи” , но велеа дека тоа всушност во превод значеше “Раша гудбај!” и го означуваше осамостојувањето на Украина, и како такво на сите евровизиски журки едногласно го пееме сите до еден, “Раша гудбај!”. Таква беше, песна со порака и Кончита Вурст во 2014, а пред тоа Дана Интернешнал со “Дива” во 1998, но над сите со премногу силна порака и Тото Котуњо во 1990 година кој музички порача “Обединета Европа!” (Unite Europe) …

Но, да се вратиме на Евровизијата денес, во секој случај помина времето на борба на најубави песни како “Hold me now”, “Waterloo” , “Bandido”, ” Unite Europe” , “Save Your kisses for me”, “Making Your mind up” , ” Hard Rock hallelujah” , или на пример борба на гласови како Селин Дион, Џони Логан, Тото Котуњо, Доминико Модуњо, Клиф Рилардс, Чиљола Чинквети, Тоше Проески, Хелена Папаризу…

Евровизија веќе не е фестивал на најубава мелодија на Европа. Евровизија сега е Тв шоу. Според некои и “фрик” шоу. А во шоу, сѐ е дозволено пред камера. И пораки!!! Кои треба да бидат сфатени. Кога им е дојдено времето!

Таму не смееш да биде монотон, сив, неосмислен, нераздвижен, зашто нема да поминеш. Мораш да дадеш сѐ од себе. А, Констракта веќе не е тоа од сам старт и ја раздрма Европа пред да стапне во неа…

Ќе треба и ние да поработиме на таа тема. И тоа прилично многу повеќе од досега. Ако сакаме да сме дел од спектаклот, а не само дел од “настапувачкиот декор” според редовниот список…

Парго