Свети Никола, еден од најпознатите светци се празнува денеска и утре. И според народните преданија ова е еден од најмоќните светци, наречени живи светци, кој има моќ да ги лекува и исцелува луѓето, да им помага во неволја. Воедно, тој бил и предвесник на годината што доаѓа можеби оттука и Дедо Мраз е налик на замислениот Свети Никола, постар човек со бела коса и бела долга брада.

За светците кои се, во каква форма се, каде постојат и како помагаат, никој со сигурно не може да каже. Секогаш индивидуално секој човек кажува од свои искуства. Можеби навистина се тука околу нас. Можеби навистина се во човечки облик. Можеби навистина помагаат. Или, можеби од се ова заедно. Сигурно нема да ни стави апче во уста, но може да извлечеме поука која ќе ни биде од животворна корист. За нивниот живот знаеме од нивната хагиографија. Религијата, кога била единствена наука која ги учела луѓето на писменост и начин на подобар и поорганизиран живот, не учела за животот на тие светци.

И како главен заклучок за сите нив е дека биле човекољубни, правдољубиви, истрајни, стрпливи, смирени, посветени, дисциплинирани, тоа го искажувале преку молитвите, и самите ја остварувале својата цел. Без оглед на колку пречки ќе наиделе. Со силна волја. Кога ова ќе го сфати човекот, и самиот ќе биде поорганизиран, подисциплиниран, посмирен, и многу брзо светците (односно таа помагателна енергија) целосно ќе биде на негова страна. Со еден збор – помоќен! Тогаш и самиот ќе е поздрав, попаметен, посмирен, повеќе ќе е посветен на работите кои сака да ги оствари. И ќе ги оствари. Свети Никола и сите светии само со примерот од својот живот, може да бидат од целосна наша полза и помош, само ако ги сфатиме во нивната суштина.

ПАРГО