Немојте да ме држите за збор дали буквално точно ја пренесувам сумата за “капарот”, поминало време, а и не тој податок не ми бил најважен за да го запамтам, но пред повеќе од десет години останав занемена кога во дневен весник ја прочитав информацијата дека извесна жена ја подведувала и мажела својата внука со посредништво во нефрекфенти села во Битолско и Прилепско, и тамам зетот ќе се израдувал, по една недела невестата ќе исчезнела.
Парите за купување на невестата, над 500 евра (реков не ме држете за збор) бабата ги ставила во ташна, внуката од син веќе се вратила дома и по извесно време повторно истата шема. Додека не ги осуетиле и пријавиле.
Се заинтересирав, затоа што бабата беше ресенчанка, и моја повозрасна познаничка, од која секогаш се држев на дистанца поради нејзината читлива контроверзност.
Кој прочита, прочита, мало беше „информацивчето“ во весникот од извештајот на мвр објавено во ќоше, а и некои ресенчани кога ги прашував не знаеја баш многу да ми кажат, плус, речиси сите коментираа прилично незаинтересирано и бледо „ех, колку има такви случаи, само што не ги знаеме, за нив не се зборува“. Што бидна со тоа? Имаше ли казна? Или беше дел од мрежа која во соработка со службите го забошоти делото?
Навидум невина информација но сега, кога темата за насилни телесни обиди и злоставување се расчепка, којзнае што се ќе излези на површина.
Ќе ја надоврзам оваа тема на тоа што деновиве коса ни се крева од силувањата на малолетни тинејџерки од нивни професори и инструктори. Значи, луѓе од близината. Луѓе од доверба. А, рекле, опасноста од блиску доаѓа, секогаш може да настрадаш од личност од близина. Оној кој секојдневно го гледаш, среќаваш, контактираш, учиш, зависиш од него.
Инцидентно силување на манијак, може да се случи само еднаш и понатаму, но перфидно заведување и континуирано “ловење на жртвата” е многу поопасна и почеста појава.
Многу згрозени жени и девојки деновиве побрзаа силувачите да ги осудат на смртна казна, особено силувачи на млади девојки. Се повикуваат на законот кој го донесе рускиот претседател Влаидмир Путин- жената да може да го убие силувачот, без да одговара.
Силувачи имало, а којзнае уште колку има, демнат секаде околу нас. Девојките се охрабрија, проговорија, а допрва ќе се охрабруваат и други. Впрочем, јас пишував за мајка која случајно на улица ми се пожали на обљуба на својата ќерка уште пред пет години. Ја упатив во МВР да пријави. Верувам дека го стори тоа. Пишував и за други жени кои трпат силување во домашни услови. Ако има уште нека се приклучат на кампањата #КажиСега. Отворена сум да ги сослушам и објавам. Не е срамота. Напротив.
А, од другата страна, државата мора да интервенира со најсилни безбедносни механизми и закони. Најстрог закон треба да се донесе за силување, обљуба. Но, не само за физичка обљуба, туку и принуден однос со  убедување на блуд, разврат, доведување до заблуда, уцена, ветување,искористување на момент на пијанство, дроги…
Некогаш тоа може да создаде голема и трајна траума. И, исто пред законот да одговараат и оние кои знаеле а молчеле, пријатели, блиски, па и родители.
Зошто молчењето е само преќутно согласување со актот, и кривично дело за прикривање на сознанија за кривично дело. Жените, мора да бидат максимално заштитени. И (само)организирани. И солидарни една со друга. Затоа не срами се, #Кажисега
ПАРГО