Југословенската јавност го памети господинот Ускоковиќ од “Подобар живот” (најпопуларната југословенска серија со оригинален наслов “Бољи живот”).Тоа беше оној лик кој не засмејуваше со неговата неоснована испаниченост и хипохондричност, постојано изврзан со шалови, дебели џемпери, топли ќебиња, со топломер под мишка, со чаевите во раце.
Јездимир Ускокович (актерот Душан Почек) не водеше нормален живот, зошто беше во “филм” дека е сериозно болен и неговата температура е алармантна- 37,2.
Тогаш се смеевме, а сега?
Да, веќе со температура 37.2 има место за паника. Тоа е знак дека можеби си инфициран со вирус корона, чиј исход знае да биде фатален, не дај Боже.
Велам, место за паника има (и нема).
Некои, за среќа вирусот го поминуваат и на нога, и не знаејќи ни дека го имаат. И без симптоми. Некои со лесни, некои силни симптоми. Сите различно. И, да направиме, не можеме ништо. Лек, сигурен, ефикасен, превентивен, засега нема. Се е во фаза на експеримент.
Единствено што можеме е, колку и да не веруваме дека вирусот постои, да се заштитиме. Себеси и другите. Со дистанца, носење на маска, миење, дезинфицирање.
Да се одржува дистанца е пред се и културно, не е убаво да му влегуваш во просторот на никого. Да миеш раце е хигиена. А да носиш маска, колку и да ти изгледа недоволно сигурно, сети се дека и заболекарите и хирурзите токму со такво “парче” се заштитуваат од пациентите. Значи, дека сепак некаква заштита, маската претставува. И да се едуцираме како до правилна превенција.
Јас долго години живеев како Ускоковиќ. Во паника. Мака си имав, лесно добивав алергиски реакции, опструкции, асматични напади, и во неколку наврати чинам за секунди ѕирнав како изгледа и од другата страна на животот.
Потоа сфатив дека место за паника нема, затоа што паниката не решава ништо. Кога ќе добиеш “глад за воздух” нема што, нема кој да ти помогне, ти си во божји раце дали ќе преживееш или не. Ама, затоа можеш пред тоа, само со добра заштитеност и превентива.
Сега јас и Ускоковиќ немаме ништо заедничко. Паниката е минато свршено. Мерките за безбедност ми се единствено на дофат. Како и на сите нас. Да ги искористиме, до максимум! За наш “подобар живот”.
ПАРГО