Еднаш неделно: ФЕСТИВАЛ!

132
Конечно, имам еден предлог, поразличен од сите мои досега. Да, јас сум, не ми е пробиен фб профилот. Се сетив дека можеме да си направиме “нова реалност” – фестивал од дневната соба и еве користам прилика јавно да го патентирам.
Па! Кога веќе на нашите фестивали (долго време, а сега апла) не може да има концепт, прописно пропишан конкурс за прием на песни, регуларно и стручно формирана оценувачка комисија, реално доделување на награди, и кога дури и новинар(к)и со искуство пред очи јавно му кумуваат на сето тоа, еве нека биде вака:
Фестивалот нека се одржува кај директорот дома. Директорот  нека си распише сам конкурс (кога сака, се разбира) и нека си го прати во инбокс сандаче. Сам нека си компонира, сам нека си прими, сам нека си свири, сам нека си отсвири, се сам, човек-Фестивал!  Пејачи може ама па и не мора да вика, жена му по виклери може супер да отпее, ионака има распон, а фестивалот бидејќи ќе се одржува во дневната соба, за декорација може да ги собере сите  гоблени и таписерии, или ако е работна атмосфера сосетката нека прави ајвар во позадина, може и соседот нека пече ракија, за уметничка декорација. Од чадот ќе имаме и сценски ефекти како во диско во Ибица. За пена, некое време сосетката повнесено нека замие некоја чинија или тенџерињата од ајварот.
За публика средено, некои помрзливи соседи дојдени да мезат, а сместени на другиот тросед, ко во почесена ложа . Ете, и жири најдовме, ем публика, ем жири. За време на паузата може и директното да се приклучи на жирито, за фестивалски консултации.
Водителка може истата сосеткасо ајварот, ионака е во едната рака со црпалката, во другата микрофон, за да одржува баланс на рацете, или кумата, ако е слободата таа гламурозна фествалска ноќ.
За само-доделувањето на наградата директор може да стави и сако, врз тренерките, моментот е. Блесок. Најмалото внуче на соседите може да врши онлајн стриминг, тоа се разбира во фејсбук мангуплаци . Не мора  тв камери. Ни сала. Ни ништо. Да не трошиме ресурси, за нешто што може и од дома, од тросед, да се заврши.
И секако Министерство да “подмачка” со време, да не чкрипи троседот, зошто освен тоа и друга цел, имаме ли? Хм. Гласам веќе за фестивал од дневната.
Зошто кога веќе не може да биде профи, цивилизирано и чесно, нека биде барем покомотно!
ПАРГО