За неколку дена е Европското првенство во фудбал и љубителите на фудбалот се подготвуваат да навиваат за македонската фудбалска репрезентација. Полагаат и силни надежи, со оглед дека таа неодамна ја победи германската репрезентација, која важи за една од најјаките во светот. Нешто што некогаш било само сон и мечта, ни стана неочекувана реалност.

Како и да е, публиката се подготвува да навива, овој пат со многу поголема самодоверба, одреден дел од нив ќе патуваат на натпреварите да ги погледаат во живо, а најголем дел ќе ги бодрат нашите репрезентативци од пред малите екрани.

Се рекло дека фудбалот е најважната споредна работа на свет и доаѓаат моменти кога е чиниш најважната работа, за некои луѓе.

Освен дресови, шорцеви, маички, знамиња, свирчиња, и слично, публиката навива и со песна, со навивачки химни. А химните се создадени за тоа – преку лесни и мелодични стихови да се искаже бодрење, нешто што (Те) подигнува нагоре, влева надеж и го забрзува адреналинот. Ти создава чувство на припадност на одредена нација, дека си дел од своите, дека го истакнува она националното, она посебното од другите.

Последната официјална химна во Република Македонија се сними во 2007 година, а ја пее Тоше Проески, со наслов “Македонија навива за Вас”. Велам официјална, затоа што иако постхумно и непосредно по неговото загинување, оваа химна рамноправно конкурираше на отворен јавен конкурс и беше избрана како дел од официјален настан организиран од официјална институција, на кој во конкуренција од десет химни, гласаше публика со телевоутинг и со преку 200.000 гласови, и ја избра.

Дека песната е со сите “салтанати” и дека Тоше ја испеа најдобро што може, со сиот свој потенцијал и јачина, тоа се забележува од самото слушање. Дека има нешто што ја прави магична и прифатлива за секого, тоа може да се објасни со следниве факти – во случајов песната не ја прави толку прифатлива само харизматичноста на пејачот и тоа што и тој самиот по сите основи беше шампион, колку што ја прави неговото општо човекољубие, подеднакво почитување на луѓето, на нациите и неговата партиска неприпадност. Најмногу, тоа што не пееше по партиски митинзи! Потенцирам.

Навивачка химна на репрезентација не смее да е рамна со штапска химна. Пејачи кои пееле по митинзи, не може да снимат уверлива и прифатлива химна. Од разбирливи причини. Го иритираат оној дел од публика кој не е во таа партија (или не е е во партија воопшто) му го кратат правото на целосно уживање во успесите на репрезентацијата која е на сите и го узурпираат моментот. Чиниш, баш пеат за некој митинг. Збрани, наштимани, истите пак исти изведувачи, како за некој партиски митинг, со кој се заведуваат гласачи.

Химна може, мора и смее да се снима исклучиво од професионалци на својот занает, кои патем се и познавачи на целиот тој социо-феномен, психологија на масите. Химната и спотот треба да ја отсликуваат жедта за успех, фер-плеј, радоста и славењето на националниот успех преку фудбал, а не негативни елементи како политика, партии, непотизам, врски, проекции, не професионализам, национализам.

За да химната биде пријатна и прифатлива за сите, неа треба да ја изведе некој (или некои) , феноменален изведувач со висока култура, кој на никој начин не се поврзува со партии, со вербални напади, песни со насилство, шеми и “еснафски банди”, кој има толеранција и позитивен однос кон својата и сите други нации и буди убаво чувство.

Во оваа прилика останува да им честитаме на фудбалерите и да им посакаме среќа да ги следи во играта, а ние да си посакаме убави химни со сите цивилизациски и фер нишани (конкурс, позитива, пријатни ликови, непартиски изведувачи). Но, може да си ја слушаме и таа што ја имаме, кој би ја испеал подобро, попатриотски, поинтернационално и со повеќе жар од изведената “Македонија навива за Вас”?

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.