Чинам, како вчера да беше кога коса ни се крена до небеса со хонорарот од бајките, за новогодишно пеење на драгиот Дино Мерлин на плоштад, и уште несмирени од тоа растревожување, ете ти ново.

Градоначалникот на Град Скопје, истиот кој лани го обезбеди тој баснословен хонорар од над 200.000 евра и ни се “с’сна” што сме му се “с’снале” сега не информираше преку фб дека тој мисли на децата и оваа година тие пари нема да завршат во џебот на некој друг “Дино”, ами за тас сума ќе се купеле плоштадски лампиони, на кои децата ќе се радувале, ако случајно поминат низ градскиот плоштад, каде никој веќе не врви без голема нужда, да речеме.

Нема овој пат да реагираме како лани, или претходните години кога се украсуваше. Плоштадот, кој и вака и така доволно украсен со еден безвременски убавец од бронза, хм, воинот и коњот, ама еве одиме со предлог на граѓанка кон градоначалникот како општествено одговорна личност, кому сме му ја дале нашата доверба.

На пример: не мора да се дадат тие 250.000 евра за украсување, сите по дома имаме елки, а и не ни е до тоа периодов. Јас пресметав со проста математика, со 250.000 евра може да се направат и подарат 152.500 пакетчиња за деца од по сто денари. За сите деца ќе има. Во него две сокчиња (по 10 денари) две смоки(по пет денари), две тортици (по пет денари) две чоколади (по 30 денари). И децата среќни, а и да паметат. Да не речат еден ден кога ќе пораснат – еј види, само зошто бевме деца и не можевме да се (од)браниме, еден чичко и возрасните ни ги (и)зедоа нашите чоколади, за да го украсат…воинот на коњ. Хм!

П. С. И од следниот градоначалник пред да го гласаме да почнеме да бараме да потпише преддоговор дека нема да троши пари каде што не мора, како овие новогодишни пари, во време на јака корона криза.
ПАРГО