Нашиот бард Горан Стефановски, еднаш рече „Не се возам со автомобил, се возам со  јавниот превоз, таму го запознавам животот“.

И јас го запознавам животот, возејќи се со нашиот јавен превоз и тамам ќе речам  “е нема веќе што да се запознае”, и “Оп!”.

Едно време пишував поеми за секое возење, а пријателките запаѓаa од смеење, ама па всушност јас би можела да напишам толку многу ЈСП приказни и тоа сочни, разиграни, читливи, што уште сега го гледам Стивен Спилберг како позеленува од мака, што ете таму некаде се нашла некоја подобра фантазерка од него. А, јас воопшто не ќе треба да се мачам да фантазирам, едноставно да затворам очи и да го прегледам наназад видео материјалот што се се има случено, во тој куп спомени.

Во ЈСП секој ден е авантура. Поголема од на Индијана Џонс, каде се е речиси по шаблон и предвидливо.

Во ЈСП ќе научите да имате јак желудник, да ги сакате луѓето, да сте социјално суштество, дека не сте ништо повеќе од сите наоколу, ни поважни, дека сте само бројка, а не принцеза, а ќе научите да не се плашите од тероризам, а и да се справувате со истиот ако треба. Немате друго решение!

Кој се вози, знае. Мене од толку возење во ЈСП ми се всадило некое (лажно) чувство дека таму е се мое и на тој терен како да имам најголемо право од сите.

Градските автобуси ги запознав релативно доцна, на мои 25-27 години. Така, не е чудно што од центар до дома на почеток патував по два часа, иако релацијата трае 40 минути и има 18 станици, што не е малку. Ама ве молам, не е чудно, како 40 минути ги претворав во два час. На секоја станица штом се качев, вдишував од возхудот внатре, се загушував, на следната се симнував, повраќав, па се соземав и по 10 минути се качував на друг. И така неколку  автобуси качи-слези ги менував во еден правец.

А баш ми е гајле и, ако ми се смеете што возач на автобус од око (со неговата сопруга) ми скроиле бунда и ми дојде на работа да се запознаеме. И што им ги знаев и најличните тајни на возачите од мојата релација со кои си муабетевме, и што на некои сум им отишла и дома, и на слава. Па другари сме, со нив сум поминала години и години.

Може па и ќе ми аплаудирате што сум била суперхероина, што сум спасувала можеби и животи. Пак се чудите?

Само двете куси реминисценции што први ми пролетаа во глава – една зима едни две банди средношколци така се затепаа и закачија едни со други и почнаа остри предмети да вадат, во автобусот во кој од дишењето се создаде таква влага, сите прозорци беа замаглени и не се гледаше ни каде сме, како во некоја сива зона. Луѓето не можеа да мрднат, а јас низ цел метеж се туркав и за да ги разделам онака разулавени и “запесени”, ги бркав дечките со шише вино кренато во воздух, на штикли и со локни, спремна за на славје. Стигнав таму со искината украсна хартија, и растргани локни, преживеана.

Едно лето, пак, на пладне во најголемите горештини, повторно на штикли и со локни, си седнав во средина во речиси празниот автобус и си се допишував преку смс, вратена од аеродромот каде со наша ѕвезда пречекавме странска ѕвезда и во многу ведро расположение на неговиот менаџер му пишував за средбата.

И? Одеднаш автобусот, со отворена врата, застана на закрчена раскрсница на која не работеше семафорот, а возилата преплетени едно во друго. Некако, во позадина на мојот занес слушнав само дека возачот го испцу некого, тој рече “сега доаѓам на пресметка” возачот му дофрли дека го чека и во следните 5 секунди во автобусот имавме еден маж- горила со жолта рамбовка, тетоважи, покрупен од Рамбо и Роки и во полна сила. Со згрчени вени во вратот в миг, со десната рака го фати воланот и почна да го влече нагоре, а со левата го зграпчи за гуша возачот, човек пред пензија, и додека во невидена брзина неколкуте патници од напред потрчаа наназад да се заштитат и спасат, јас од средина без размислување инстинктивно потрчав кон двајцата нив со силен вресок “Престанетееееееее!” со штракање со штиклите во распаднатиот автобус и со напрчен мобилен со голема антена кон нив, налик на рачно оружје. Сето тоа додека однадвор беше “илустрирано” со силно врискање на сопругата на тепачот која в раце држеше малечко русо дете, цело ко под индиго како него, излезени од една стара кола која се распаѓаше, како онаа од цртаниот филм на поручник Мамли. Уште само неколку секунди фалеа за возачот да се најде  задавен и струполен, но ете среќа што во последен момент јас со сила која не може шише пиво да отвори, интервенирав на свој начин и тоа беше врисокот кој го разби електицитетот што се закануваше да прерасне во драма.

Ако сте од оние со суперсензори сега веќе ме осеќате со каков трепет и вцрвено чело и уши што ми жежат го пишувам ова, пламната од склет, од ова сеќавање.

Потоа возачот беше повознемирен од мене, отколку од тие неколку секунди блиска средба со горилата.

Нејсе, имало се и сешто, и ограбена многу пати сум била и ограбување сум гледала, и разно разни карања и кошкања и се што можам да кажам како заклучок сите тие почнале од никаква причина, баш од никаква конкретна причина. Секој што влегува во ЈСП по дифолт влегува “напукан” со револт, и внатре веднаш почнува претстава, па така деновиве снимката со двајцата агресивци ја доживеав “На запад ништо ново”.

Мислам дека доколку бев во автобусот ладнокрвно ќе си седев на седиште, а тоа се виде и од другите патници, не реагираа, а научени се и отрпнати на такви сцени, е, единствено помладите со мобилните  веќе имаат развиено рутинска практика на снимање, па го снимиле моментот.

Верувајте, главата ме заболе само што се сетив на овие неколку ЈСП случки од минатото.

Ама убаво ми доаѓа и кога еднаш одамна  возач пријател за да не доцнам во град го запали автобусот пред време и за 8 минути бев во центар, “леташе” не застана на ниедна станица, само за да ми направи чест. Беше возбудливо. Името не му го памтам.

ЈСП е мој фах. Мое поле. А дека сето тоа што се случува таму е штетно по здравјето и создава притаена нервоза,  која како крадец тивко ти се пика под кожа, сфатив кога на гости две недели имав гостинка со автомобил, а таа уживаше  да ме разнесува каде и да требаше да одам. Тогаш увидов дека проблемот со нервозата бил градскиот автобус.

За разлика од тука, кога сум во друга земја јас влегувам во јавен превоз и уживам да талкам по цел град. Одбирам автобус зошто е помирно нема турканици, кавги тепачки, никој не ти го ремети мирот, чисто е, фино, тоа е задоволство над задоволствата. Не залудно сите метрополи прво граделе патна и транспортна инфраструктура уште пред неколку века, а потоа го поставувале градот. И сите луѓе користат јавен транспорт како подобра варијанта. И има автобуси на секои 3 минути.

На крај, што е она по што Скопје е различно од сите другите метеополи? Убаво е, признавам, но целата некултура која владее е производ на јавниот превоз и нервозата што ја создава истиот. Ти не можеш да се издигнеш и да се чувствуваш како совршен човек ако го доживуваш тие глетки. Никако.

Ако не ми верува таткото на градот, ајде некој ден со мене да се повози на релации на кои ќе го доведам, нема да го препознаат со еден шал на себе. А потоа нека бира метропола наоколу каде сака и таму ќе го прошетам, па нека си направи споредба и самиот. Ако од удобното возачко или совозачко столче не може или не сака да фрли поглед кон оние збутани луѓе во автобусите.

А всушност, она што сега почна да ми одѕвонува во глава беше миг од моето детство. Кога се распиша анкета дали да се гради трамвај во Скопје  со вложување на сите граѓани од цела земја моите родители беа „за“, а сите соседи, роднини и пријатели од Ресен беа жестоко „против“.

-Ама еден ден децата ќе ми студираат таму, ова е вложување за нив, сега ќе си скратиме нешто ама во иднина сакам да им е безбеден превозот – објаснуваше мајка ми, а јас бев во тие од спротивниот табор што не давав и не, зар пари од мој џеб  за во Скопје да си уживаат.

Без да сфатам дека животот кога тогаш ќе ти се испреплети со главниот град. Зошто главниот град не е на Скопјани туку на целата држава.

Веројатно јас веќе бев од онаа генерација која беше научена само  да ужива и да ги користи придобивките од мачниот живот на претходниците, не гледајќи  ни од денес до утре. Зошто да беше генерациски поинаку, ние одамна ќе имавме превоз и средена градска и превозна култура. И немаше да има потреба да се закануваме со топење во киселини за обична забелешка (и тоа забелешка на место), како штотуку излезени од некоја темна  пештера, бесни и агресивни ко во неа да сме се бореле со повеќеглави змејови.

ПАРГО