Кина, Јапонија, Јужна Кореја и 12 други земји денес го воспоставија најголемиот трговски пакт во светот, од кој многумина во Азија очекуваат да го забрза економското закрепнување од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус.

Покрај трите земји, договорот наречен „Регионално сеопфатно економско партнерство“ (РЦЕП) беше виртуелно потпишан од Австралија, Нов Зеланд и сите 10 членки на Здружението на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН).  Членки на АСЕАН се Филипини, Индонезија, Малезија, Сингапур, Брунеи, Мјанмар, Тајланд, Лаос, Виетнам и Камбоџа.

Договорот РЦЕП беше потпишан на маргините на годишниот самит на АСЕАН. Премиерот на домаќинот на самитот во Виетнам, Нгуен Ксуан Пук изјави дека преговорите за формирање на пактот се завршени „по осум години напорна работа“.

„Завршувањето на преговорите за РЦЕП, најголемиот светски договор за слободна трговија, ќе испрати силна порака со која ќе се потврди водечката улога на АСЕАН во поддршката на мултилатералниот трговски систем, создавање на нова трговска структура во регионот, заживување на синџирите на снабдување нарушени од пандемијата и помагање во опоравување од пандемијата“, рече Пук.

Договорот ќе ги намали ниските тарифи меѓу земјите-членки на уште пониско ниво со текот на времето.

Официјални лица изјавија дека кон договорот може да се приклучи и Индија, која не го потпиша заради жестоко спротивставување во земјата на барањата за отворање на пазарот.

Договорот има силни симболични последици, бидејќи покажува дека Азија останува посветена на мултилатералните напори насочени кон создавање послободна трговија, четири години откако американскиот претседател Доналд Трамп покрена политика за склучување трговски договори со одделни земји.А.Р.