Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго 

Младата и талентирана Скопјанка Магдалена Алексовска на 6 јуни 2018 година е поканета да настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк, инаку, најспрестижната музичка сала во светот. Оваа неверојатна шанса, Маги ја доби благодарение на онлајн аудиција, која е отворена низ цел свет, и годишно има до 15.000 кандидати.
Сите тие праќаат снимки од три песни, снимани без никаква обработка на глас и музика, а се пее само со придружба на клавир. Снимките се ставаат на Интернет а потоа се аплицира. Апликантите се оценуваат според возраст и жанрот на музика што изведуваат, па така, Маги освои прво место во категорија „мјузикл“, а трето на ниво на целата аудиција.
На концерт во „Карнеги хол“ се поканети само победниците во сите категории, освојувачите на првите места, кои ќе настапат во големата сала на центарот и ќе ги примат своите награди. Инаку, пред тоа, Мари пролетва планира да одржи концерт во Скопје од хуманитарен карактер.
Маги е доволно позната кај тинејџерската публика.Со песната „Плетенка“ настапи на Детската Евровизија во 2015, а во изминативе две години освои повеќе награди на фестивалите.
Оваа средношколка во Средното музичко училиште, изучува да свири флејта, и пијано. Но во иднина сака пеењето да е нејзината професија, но и компонирањето. Сама си пишува песни. И „Плетенка„, со која заедно настапи со Ивана Петковска на Детската Евровизија во 2015, беше нејзина мелодија.
Маги настапи на фестивал на фестивалот „Рига симфони“ во  во Летонија, мината година, од каде се врати со две награди.. Таму ја испеа песната „Молитва“, и светскиот хит „I have nothing“ од Витни Хјустон. Освои прво место за изведбата на оригиналната песна „Молитва“ , и трето за изведбата на хитот од Витни Хјустон.
Гран при освои на прилепскиот фестивал „Астерикс“, а во нејзини раце завршија и највисоките награди на „Езерски бисери 2016“ и „Езерски бисери 2017“ во Струга. На „Арт Старс Ѕвезди 2016“ во Варна во Бугарија зеде прво место.
Сите овие освоени награди, за оваа талентирана 15 годишна ученичка се само мотив за целосно посветување на музиката.
Меѓудругото, таа засега зема часови по пеење со најдобрите професорки .
За себе знае да каже:
-Сега засега сакам повеќе балади, мислам дека повеќе ми лежат, сакам и брзи песни, но најмногу од се обожавам мјузикли, вели Маги.
Во претстојните месеци ќе објави што ќе испее во „Карнеги хол“.