Валентина Ѓоргиевска Парго 
Да се разговара со академскиот сликар Боро Арсовски во моментов е големо задоволство и новинарска чест, ако поводот го врземе особено за неговата самостојна изложба во КИЦ, која е на ниво на своевидна кулминација. Арсовски, уметник, кого не го инспирираат “класични предизвици и шеми”, но затоа пак и тоа како  го инспирира рокенролот и современите текови, општествените појави и литературата. Сликар кој не е опседнат со лактање за влез во историја, и  професор кој се амбицира да биде некоја “трошка” во иднината на некое дете кое стои пред своето платно. Изложбата ни е прва на тапет на оваа средба, потоа продолжуваме и во други насоки. 
*Господин Арсовски, искрени честитки. Во тек е изложба со дваесеттина слики со Ваш уметнички потпис, во Културно информативниот центар, Скопје. Како е насловена изложбата, од кои дела е составена?
– Сликите кои ги доставив до КИЦ беа повеќе од 40, поточно 42. Селекцијата ја направија и аранжираа во галерискиот простор Емил Шулајковски и Сергеј Андреевски. Двајца врвни ликовни уметници во кои имам доверба дека направиле вистинска претстава за окото на публиката. Изложени се 28 слики од  кои мотивски или тематски се поврзани само неколку од нив, тоа е видливо во колоритот и начинот на претставување вода во оној нејзин недофатлив момент за нашето сетило за вид, кои за разлика од камерата нема можност за запирање на тој момент на течението, на материјата која значи живот и само животот можеме да го споредиме со неа. Најголемата моќ – водата , реката , големиот бран, претставени во големиот триптих “Реки” и во уште неколку слични композиции. А има и варијанти на портрети, енформел во разбивање на лик или асоцијација на атмосфера, наизглед апстрактна, а всушност толку јасна слика.
*Изложба во време на пандемија е голем предизвик. Некои уметници се посветија повеќе на своето уметничко творење, некои се депримира и се повлекоа во пасивност. Изложбата говори дека Вие сте од овие првите. Кога ги насликавте сликите, имаат ли тие заеднички мотив кој проверува во целата таа инспирација на нивното создавање?
-Јас можев да се повлечам од многу работи кој ме следеа. Решив да се повлечам на овој начин. Секогаш сум имал физичка енергија која не ја користам доволно, впрочем како и секој од нас. Нас заморена ни е психата од самите себеси. Луѓето секогаш наоѓаат оправдување, патетика во се нешто. А кога се работи за добивка, корист и редење цртки, не се плашат од ништо. “Бутаат” и со лакти и со заби. Добиваат цртки, поени и титули во континуитет. А потоа каде? На кафе? Творештвото не е кампањско работење за одреден настан  или манифестација. Творењето е непрекинат циклус. Прво во нас самите, потоа во некаква форма или материјал, но никако материјална заднина. Моите слики се мои и се направени не одамна , не вчера , туку за целото ова време. Има многу детско во нив. Има и многу графити во нив, бунт и спокој. Само не самоубивање со следење шема или не дај Боже наметнување некаков “мој потпис”.  Иако ми ласка кога некој ќе ми каже дека ме препознава. Но, исто толку пати ми кажуваат и дека не ме препознаваат. Тоа е всушност праведно . Луѓето се склони на лепење етикети. Сакаат да сместуваат некого некаде . Полесно им е ако те обликуваат во коцка и можат да те наредат по висина , широчина и длабочина. Критиката ја признавам само од мојата ќерка. Од критичари што не ми значат колку неа , не признавам ни трошка. Критиката е критика и не придонесува никому. Со никого не разговарам за уметност општо, дури ни со моите ученици. Секој автор е свој свет. Секој автор се менува како и светот. Постојано! 
* Пандемијата кај вас го смена ли курсот, или стилот, по кој Ве препознаваат? Почнавте ли да размислувате и со четката да боите некои нови мотиви, кои можеби и не сте биле свесен дека лежат во Вас?
-Во однос на моето менување, да, се менувам во секоја слика. Јас и не знам што ќе излезе од неа на крај. Тоа е убавината. Звучи романтично, но некогаш може да биде мачно. Има слики кои седат неколку години со боја на нив, со идеа која е изгубена во тоа “лутање” . И доаѓа еден момент, искрен момент, кога за помалку од десет минути излегува делото. Со само неколку искрени потези на четката. Тоа е тој момент на победа. Тоа се вика СЛИКА. Јас за слика немам објаснување. Самата слика е дефиниција.
Сликата е објаснување.
*Забележувам, имате повеќе заеднички од приватни изложби. 
-Ах, во однос на изложбената активност, можеби се вметнав во програмите баш поради пасивноста на останатите. Не сум егзибиционист и не ми значи дали е пандемија и дали ќе дојде ојле или дојле. Се случи и една голема изложба во Струмица, со убава организација и на најголемиот ден на градот Струмица. Бев почестен од нивниот однос кон мене и моето семејство. Од почеста која ми ја направија како автор кој настапува само со своите слики и ништо друго. По обем беше поголема три пати, со три пати повеќе дела. Баш ми е драго што ме запознаа на тој начин. Тоа ми даде ветар во момент кога имам најмногу што да покажам. Самодоверба сум имал секогаш. Ветар ми требаше и секако малку солзи. Ветарот за да имам со што да ги правдам пред солзите, пред децата, кои во ова време дојдоа на отворањето  на изложбата во КИЦ и на момент ме растресоа емотивно. Мои поранешни , сегашни и идни ученици. Тоа е таа енергија која можам да ја почувствувам. Искрени, весели, храбри и покрај се. Не калкулирајќи околу ништо, барем сега засега. Секако и блиски пријатели. Во таков момент чувствуваш дека целото тоа време сите тие биле твое семејство и поддршка. Во се! 
*Во однос на продажба на сликите во овој период, што можете да ни кажете како искуство?
-Продажбата…Па тоа прашање е за публиката. Јас за среќа си обезбедувам егзистенција како професор во средното уметничко училиште и не знам колку е во ред да зборувам за пазарот. Тоа е веројатно покомплицирано прашање со покомплициран одговор. Знам да одговорам само со прашање кога некој ќе ме праша ” Абе,  што не продаваш слики ?” Јас исто така ” А ти зошто не купуваш слики ?”… И така.
*Често велиме во Македонија не се цени уметничката изработка, цените се на ниво само колку да се покрие материјалот и нешто малку како хонорар. Но, со отворениот сајбер простор, дали како фела Вие сликарите сте организирани со виртуелни каталози кои ќе нудат и продажба на други простори, не само тука? Или, и тоа е индивидуално, па кој како ќе се снајде со начинот на пласирање на своите слики?
-За мене луѓето кои купиле слика се исто така вредни и блиски колку и сликата. Тие стануваат дел од неа, на некој начин сочуствуваат со тебе исто за неа. Покажуваат почит кон мене како автор, допаѓање и изборот на делото. И тоа е взаемно. Јас уште повеќе го почитувам нивниот избор, на некој начин довербата која ми ја укажале како автор. Јас исто толку ги славам. За среќа па богат сум, и можам да бидам и побогат,  ха-ха-ха, секако, мала шега.
*Да се вратиме на изложбите, навистина имате доста групни изложби. Што ве привлекува, самостојните, индивидуалните, каде целата обврска и впечаток, пофалби, критики, паѓа на Вас како автор или групните, каде обврската и одушевувањето се поделени и со другите?
-Групни или самостојни? Групните ми одеа континуирано, за самостојните, тие ми беа во застој. Моите амбиции и желби се “расплинати” и сестрани, гитари, фотоапарати, глупости и се друго. Наоѓам на милион места исполнетост со се и сешто. Да можам или да морам да живеам од било што од тоа, би бил посконцентриран. Но ете убаво ми е вака. А моментално уште ми трае слаткото од изложбава. Морам да признам бев многу многу изненаден и длабоко трогнат од реакциите на публиката. Има нешто во тие бои. Некој таен маштраф “клаено” .
*Вашето неостварено дело, што би насликале со посебно внимание? Дали тоа би било портрет, природа, мртва природа, пејзаж, геометриски фигури, историски момент, ситуација, можеби некоја визија или илузија?
-Што би сакал да насликам, сакам слики кои мене ќе ми се допаѓаат, пред се. Само такви слики се убави. Исто и кај секој автор. Не следам трендови, не ги репродуцирам ни моите потези од слика во слика. Тешко е да се каже, а камоли да се наслика такво нешто. Имам некој како би рекле слики во глава, ама главата се губи. Ќе видиме. Групните настапи се секако голема укажана чест. Таму  најчесто треба да бидеш поканет да изложуваш, и треба да го изложиш најдоброто во моментот. Да не се штедиш! Зошто вечноста е во моментот. Ако го бираш, отиде вечноста, ха ха ха .
*Како дипломиран уметник мислам дека редно е да знаеме од кој македонски, и светски уметник или негово дело, црпите инспирација и го сметате за репер кој треба да го следите. 
– Се одушевувам на сите подеднакво и тоа трае во континуитет. Со интернетот добивме многу брз начин на информации. Следиме не само автори кои починале пред сто двеста триста петсто години, туку и автори кои се на почетокот на нивниот пат, автори кои создаваат прекрасни дела во истиов момент. Се уште не е исушено платното, а ние веќе ја гледаме нивната работа на мониторот. Тие не треба да станат славни, па испечатени во книга како дел од историјата, за да ги видиме. Тоа беше порано. Сега имаме поголем избор на визуелна комуникација и полека полека разбираме дека она што сме го знаеле бил само мал дел. Ме обликувале како автор секако некои влијанија од сето тоа кое сум го видел, но ме интересирале повеќе уметности, музиката меѓу другото. Посебно рокенролот и современите текови во него. Општествените појави, литературата. Посебно не би можел да одвојам сликар, кој е мој идол. Го има милиони, но драго ми е ако и јас бидам некоја трошка во иднината на некое дете кое стои пред своето платно. Тоа е и наша обврска на некои начин. Да создадеме и иднина, не да се “бутаме” во историјата по секоја цена. 
*Уличното сликање е одлика на уметност која се создава претежно во некои егзотични туристички места и градови. Имате ли такво искуство, ве привлекува, или сепак во сопствено ателје е поудобно?
-Улично сликање. Тоа е поврзано малку и со карактерот. Никогаш не ми пречела публика. Сум имал скромно искуство и како портретист, и како муралист, и како обичен турист кои со блок нешто како црта, па пие пиво за тоа цртање. Секако, ладно! Но не би можел да настапам на оние прекрасни Bowie или Floyd свирки во градскиот парк на ” 200 целзиусови”  а сред ноќ. А јас качен на сцена пред бело платно и колку боја – толку пот. Сум се замислил во таа улога, ама епилогот беше замислен со трагична последица. Веројатно ќе паднам дехидриран. А и не сакам ангажирани перформанси. Некако, како да имаш улога, а ти дале погрешен текст. Би се снашол одлично, но сега засега не ! Планирам нови слики, за изложби. Секако дека би сакал. Не сакам да ги нижам како бројки “да ми се бројат”. Сакам слики на нив , убави и поубави. Ако ме разбирате. Политички и идеолошки сум заколнат неопределен, а такви настани кај нас се во рамките на некоја поголема манифестација и малку фали да ти плеснат етикета. Креативец со етикета ? Само етикетата ќе му остане.
*Актуелната изложба ја посетија заинтересираните Скопјани, а ќе ја посетат и други кои сакаат да ја видат. Потоа ќе ја прошетате ли и на друго место оваа изложба, иако условите не го дозволуваат тоа многу, но низ Македонија не е ни многу комплицирано и може да се изведе. 
-Изложбата ќе трае до 27 Март . За понатаму ќе видам. Немам планови. Има простори низ републикава и доколу некој покаже интерес јас секако ќе одговорам на поманата. Свесен сум дека луѓето кои се занимаваат со култура, жртвуваат дел од себе. Сум го почувствувал тоа.  Доколку го почувствувам повторно, ќе вложам и јас дел од себе за да  направиме уште некаде една позитивна    обоена атмосфера. Се надевам на  ведрата палета и во иднина .