Разговараше: Валентина Георгиевска Парго

ЗОРАН ДИМОВ име веќе две децении сосема доволно познато на македонската јавна сцена, иако би рекла повеќе, сива еминенција во ромскиот културен живот.

*Господине Димов, поводи да се разговара со Вас секогаш има многу, овој пат неодамна прикажаниот филм. Здивнавте малку од интензивните патувања, снимања, монтажа изминатиов период или уште ве држи ? 

ЗД: Документарниот филм „Небо Точак Земја„ е филм кој го направивме како еден документ за историјата на Ромите. Се надевам дека тој и ќе остане како таков – важен документ и кај Ромите , но пред се и кај “Не – Ромите”. Веднаш по неговата премиера, ми се јавија многу луѓе од секоја бранша (култура, образование, историја, традиција) кој го бараат филмот да биде и во нивните архиви. Дуру можеме да се пофалиме дека некои образовни институции (основни училишта) ни го побараа за да влезе и во наставната програма кога ќе се изучува Ромската историја и традиција.

*Зборуваме за филм за ромската историја, испреплетена со долги мачни преселби, загуби, неправди, и по малку среќа и веселие, како после се, според Вас, таа нација ги дала најголемите легенди во филмската и светската музика Елвис Присли, Чарли Чаплин и многу многу други? 

ЗД: Кога зборуваме за познати личности во историјата на Ромите кои имаат ромски корени –потекло не станува само збор за легенди од филмската или музичката сцена. Познати Роми има и во други полиња. На пример: Претседателот на Бразил – Жузелињо Кубичек де Оливеира  со мандат од 1956 – 1961, научникот Нобеловец од данско потекло Аугуст Кригх сликарот и светски познат уметник Пабло Пикасо виртуозот на виолина Николо Паганини и уште многу друго. Ни спортските имиња не се за потценување, а имаат ромски корени. Тоа се например фудбалски великани кој комотно може да се направи една силна ромска репрезентација како што се – Алесандро Неста, Златан Ибрахимовиќ, Андреас Пирло, Рикардо Куарезма, Хесус Навас, Пјер Андре Жињак, или трагично починатиот Хосе Антонио Рејес и уште многу други!

*Во таа насока, филмот прикажува многу, а е изработен студиозно и професионално, од вашата постојана екипа.  Каде се пропатувавте? 

ЗД: Филмот го снимавме речиси 18 месеци и во тој период пропатувавме повеќе држави меѓу кои и: Србија, Хрватска, Бугарија, Романија, Грција, Турција, Русија, Германија, Италија, Шпанија, Франција, Полска, Британија, Шведска и најдалеку до Индија.

*Она што Вас ве карактеризира е вашето залагање за издигнување на ромската нација, рамно цели две децении. Интересно е како преку ноќ сте се откажале од работата и со сиот ризик сте влегле во, за вас тогаш непознат свет- медиуми, телевизија. Што ве поттикна, како собравте храброст? 

ЗД: Интересот е многу порано од две децении. Тој интерес беше откако знам за себе. Можам да кажам дека само поради мојата упорност, истрајност па и инает самиот резултат си дојде по себе. Но најголем мотив ми беше мојот народ – Ромскиот народ!

*Своевремено основавте прилично популарна и обожавана телевизија, со музика и оригинален ваш снимен хумор, БТР национал, која потоа прерасна во сателитска БТР Интернационал а сега од сето тоа остана само продукција и портал. Што се случи? 

ЗД: Таа ТВ се уште живее – верувајте. Еден ден повторно ќе се врати на голема сцена. Тоа го знам зошто се знам самиот себеси. Кога нешто ќе си зацртам во главата – тоа и ќе го изреализирам! А што се однесува до тоа што се случи, тоа е долга приказна која има доста и политичка конотација. Но, за тоа, можеби друг пат.

*Некои од новинарите останаа во вашата екипа некои работаат сосема несоодветна работа и сметам дека тоа треба да се исправи. Тоа беа професионални и продуктивни новинари. Ромските медиуми немаат ли капацитет да го издржат новово време во кое изгубени воопшто се некако и критериумите за медиум, кој се може да има, и кој се може да работи во нив? 

ЗД: Проблемот во врска со критериумите кој се за да се занимава со новинарство и медиуми, со години е извртено, како и секаде во нашето општество. За жал тој момент по трката за профит, не се занимаваат луѓето со тој проблем. Плус тука се додаваат и разни веб портали со сомнителен бекграунд, како и социјалните мрежи.

*Она што најмногу остави печат на Вашата досегашен ангажман е интернационалниот фестивал за филмови со ромска тематика, “Златко тркало” , направен со визија која навистина одушевуваше. На тој фестивал секоја година се прикажуваа околу 80 филмови до цел свет, беа наградувани најдобрите. Нешто, на што би позавиделе и најдобрите организатори. Од толку филмови, може да забележиме дека во светот навистина многу, многу се снима за животот на Ромите. Обработен до сите агли. 

ЗД: Ромите отсекогаш биле инспирација и отсекогаш биле мистерија за многу луѓе. Оттаму и произлегува тој интерес за Ромите. Но многумина и не ја фаќаат вистинската „точка„ на ромскиот идентитет и карактер. Некој филмски остажварувања се вистинска „бурлеска„ за Ромскиот живот. Но сепак не можеме да навлеземе во самата инспирација на тој режисер или сценарист, затоа што уметничкиот аспект кај секого е различен.

*На првиот фестивал лично присуствуваше синот на Чарли Чаплин, Јуџин, чиј филм беше прикажан во Музеј на Македонија. Ветивте дека ќе ја донесете и Софија Лорен, жена за која се вели дека има ромски корен. Така е? 

ЗД: Токму така, но желбата е едно, а можностите се сосема друго. Кога зборувам за можностите, пред се мислам на реалниот момент. Денеска Софија има 86 години, исто така во периодот кога сакавме да го реализираме тој момент, таа имаше над 70 години. Но сепак можеби на следните фестивали ќе ни се пружи можност да донесеме некое звучно име од филмскиот свет кој има ромски корени. Никогаш не е доцна за ништо.

*На фестивалот секогаш имавте гости од странство од разни профили, од актери, режисери, синот на Чаплин рековме, па сестрата на ромскиот крал на Романија, кои донесоа разни искуства. И ние можеме да се пофалиме со актери од типот на режисерот Рахим Бурхан, актерот Северџан Бајрам, Алфонсо, би го ставила тука и Цирко и Дишо. Но сепак мислам дека и имаме ама и немаме доволно филмски и театарски творци со ромско потекло. На што се должи тоа? 

ЗД: Верувај дека има уште многу, но не се декларираат како Роми од страв за нивните кариери, затоа што знаеме како сето тоа ќе се рефлектира врз нив. Но полека и сигурно излегуваат на виделина и тие имиња.

*Уште една интересна манифестација ја анимираше ромската популација, избор на Мис кој влезе и во филм што го снимавте. Колку пати го организиравте? Годинава јасно е дека е прескокнат тој избор 

ЗД: Таа манифестација е од Интернационален карактер. Таа се одржуваше во континуитет од 1993 до сега. Значи манифестација со долга традиција од речиси  над 25 години! Затоа и дражта на таа манифестација е од посебно значење. Значи девојки Ромки кој победувале на своите национални и регионални натпревари на МИС, учествуваат на оваа наша манифестација. За жал оваа година немаше од општа причина со пандемијата со КОВИД 19. Тие манифестации од национален карактер не се одржаа во тие земји и аналогно немаше ниту кај нас. Се надеваме дека во 2021 нема да има такви проблеми.

*На првиот собир на Ромите во Букурешт, пред десеттина години бевте назначен и за Претседател на сите Роми. Што подразбираше таа титула како обврска, но и како привилегија? 

ЗД: Претседател на сите Роми е многу бомбастична тутула! Таа повеќе ја форсираа со таков наслов медиумите. Јас сум актуелен Претседател на Интернационалната Ромска Унија – ИРУ , која брои над 100 делегати од 60 држави во светот. Најновиот мандат ми е потврден и оваа година кон крајот на јуни 2020 на Конгресот на ИРУ. За прв пат имаше и онлајн гласање од Роми од целиот свет. Благодарен сум на Ромите од целиот свет за укажаната доверба и мандат до 20204. Но тоа е и обврска за мене и ИРУ кој треба да ги браниме интересите на Ромската нација насекаде во меѓународните институции (ЕУ, ЕП, СЕ, ООН и други). Инаку ИРУ од јуни 2018 има свој статус во ООН и затоа ни преставува исто така голема чест и задоволство. Инаку ИРУ е зачетник уште во далечната 1971 година кога се втемелија ромското знаме, ромскиот идентитет како и официјалната ромска химна „Џелем Џелем„

*И во македонската политика се вклучивте, но многу кратко, со кус обид. Зошто се откажавте, што ве одврати од таа намера ? Сега се е политика. 

ЗД: Македонската политичка сцена е многу сложена! Кај ромската нација, особено . Сите сакаат да бидат лидери на ромскиот народ . А тоа е просто невозможно. Но сепак сум тука кога и да затреба да посоветувам и да помагам во креирање на стратегии и планови поврзани со Ромите од нашата држава

*Визите кај вас секогаш се во преден план. Која е следната визија? И секако, кон прашањево го надоврзувам и следното -како се снаоѓате со финансии? Знаеме дека е се потешко и потешко. 

ЗД: За тешко, се знае дека е тешко. Мојата визија?… Има повеќе но една од нив ќе кажам. Подготвуваме еден историски филмски спектакл – Игран филм за Ромската историја. Во фаза е подготовка на сценариото, а истовремено пронаоѓање на продуценти кој ќе се придружат во негова реализација. И не сакам да бидам скромен, но тој проект планирам да го реализирам или со Холивуд или со Боливуд. Здравје ќе видиме!

*Многу се зборува и за дискриминација на Ромите. Се погласно и поотворено. Нешто што ги засега особено оние од пониските слоеви. Што треба да направиме сите, која треба да е нашата борба во таа насока, сигурно многу повеќе размислувате од сите ?

ЗД: Дискриминацијата врз Ромите е едноставно –Привезок. Ја имало во минатото, актуелна е и сега, а не верувам дека ќе ја нема и во иднина. Тоа е многу тешка борба. Всушностт целиот наш живот –Ромски е ослободување од дискриминацијата. А со таков товар на грбот не може многу и да се постигне, но сепак Ромите се истрајни во таа борба и се надевам дека ако не успееме да се елиминира, барем ќе успееме да се намали на најниско ниво. Времето ќе си покаже. Луѓето се чудна сорта. Еве за крај – ластовичката има само 4 грама мозок, но кога ќе залади лета во потоплите краишта . Но човекот како најсовршено суштество кога ќе се залади ги грее сите три простории кај што престојува. Чудно но вистинито!