Иднината не изгледа сигурно додека пандемијата на корона вирус не се смири и драстично ќе го зафати светот во втората половина на годината. Доказ за тоа се повеќе од милион новозаразени случаи само минатата недела. Експертите, сепак, се согласуваат за една работа, а тоа е дека не постои „лесен излез“.

Како што се наведува, експертите за заразни болести можат да теоретизираат само како ќе се случи ширењето на корона вирусот во следниот период, како и дали трајно ќе се насели кај популацијата и ќе циркулира секоја година.

Повеќето експерти веруваат дека иднината зависи од тоа како владите ширум светот ќе ги користат стратегијата и ресурсите што им се на располагање, како и од тоа како луѓето ќе се прилагодат на секојдневниот живот.

Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, во понеделникот рече дека работите би биле „се полоши и полоши“ доколку државите не ги преземат неопходните чекори за спречување на ширењето на корона вирусот. Тој тогаш истакна дека нема шанси да се вратиме на стариот начин на живот во блиска иднина.

Даниел Луси, професор по заразни болести на универзитетот Џорџтаун, се согласува со првиот човек на СЗО.

– Мора да разбереме дека станува збор за вирус што никогаш не е виден, за кој не постои соодветна „историска аналогија“. Ако не исчезне, тој ќе продолжи да се шири, а оваа можност ја даваат луѓето кои не носат маски и не ги почитуваат мерките за социјално растојание. Ова е нашата реалност во моментот – рече Луси.

На многу места во светот се чинеше дека епидемијата е под контрола, но коронавирусот букна многу брзо бидејќи мерките за социјално дистанцирање беа попуштени. Според „South China Morning Post“, Хонг Конг имал три недели без локално пренесување на инфекцијата, но од 5 јули досега има регистрирано повеќе од 200, а како некои од нив се заразиле сè уште не е познато.

Мелбурн, вториот по големина град во Австралија, повторно беше ставен под блокада минатата недела поради зголемувањето на случаите на новозаразени лица, а дозволени се само „основни активности“. Жариште на корона вирусот на пазар во Пекинг минатиот месец ја прекина серијата од 55 дена без локални случаи во главниот град на Кина.

Два фактори

Сањаја Сенанајаке, специјалист за заразни болести на Медицинскиот универзитет во Канбера, верува дека два фактори го „активираат“ ненадејното ширење на болеста, а тоа се асимптоматски и благи случаи на зараза, како и потенцијални настани што можат да предизвикаат „експлозија на вируси“.

Зголемувањето на случаите на новозаразени лица доведува до враќање на строгите мерки против ширење на вирусот, како што се работа од дома, можно затворање на училиштата и деловните активности со цел да се осигура дека ситуацијата не излегува од контрола, смета овој професор.

– Со оглед на тоа што вакцината веројатно нема да биде готова пред средината на 2021 година, јавноста треба да биде подготвена да се соочи со вакви мерки во секое време, доколку се појави нов бран на коронавирус. Тие мерки, се надевам, ќе бидат подигнати навреме и потоа ќе бидат укинати. Како и да е, сето ова е многу неизвесно – рече Сенанајке, потенцирајќи дека патувањето во странство овој пат ќе биде ограничено за многу луѓе.

„Не сметајте на вакцината“

Додека вакцините се сметаат како начин за контрола на кризата, тие не треба да бидат основа на долгорочна стратегија, според Дејвид Хеман, професор по заразни болести и епидемиологија на Школата за хигиена и тропски болести во Лондон.

– Сите се надеваме дека ќе има вакцини, но што се обидуваме да направиме сега? Дали се обидуваме да се бориме против вирусот и да го намалиме бројот на мртви и да продолжиме да го сузбиваме ако нема вакцина? Или се обидуваме да го пуштиме во нашето општество на начин на кој можеме да ги заштитиме луѓето кои се изложени на најголем ризик, и ако е предодредено да стане ендемично, нека биде така? – прашува Хајман.

Работата на вистинската стратегија на долг рок треба да се заснова на тоа како се однесува вирусот, бидејќи во меѓувреме се појавија и други видови, вели овој професор кој е дел од групата советници во СЗО.

Не постои совршена стратегија

Професорот Луси рече дека иако затворањето на државите било ефикасно во стопирањето на ширењето на инфекцијата, не постои „лесен и едноставен одговор“ да се одржи пандемијата под контрола, бидејќи тие мерки имаат финансиски и психолошки последици.

– Овде се работи за тоа да се направи најдоброто можно за да го намалиме преносот на вирусот – рече тој, додавајќи дека САД во моментов се под влијание на „високи и ниски бранови на инфекција“.

Сепак, тој истакна дека развојот на технологија, како што се лекови и брзи тестови, во комбинација со мерки на социјално дистанцирање, носење маски и следење на движењата на заразените, ќе ни помогне да вратиме некои делови од нормалниот живот во блиска иднина. А.Р.