Европската комисија (ЕК) денес објави дека целта е да се вакцинираат 70% од возрасните граѓани во ЕУ до крајот на летото и дека до крајот на оваа недела очекува бројот на вакцини доставени до земјите-членки да достигне 107 милиони дози.

Според официјалните податоци на Европската комисија, досега се доставени 88 милиони дози до членките на ЕУ, од кои 62 милиони се искористени за вакцинација. Европската комисија претходно објави дека досега нарачала 2,6 милијарди дози вакцини против КОВИД-19, како и дека во тек се преговори за дополнителни дози.

„Испораките со вакцини во земјите на ЕУ континуирано се зголемуваат, а вакцинацијата се забрзува. Комисијата работи и со индустријата за зголемување на производствениот капацитет на вакцини, додека истовремено започна работата на справување со новите варијанти, со цел брз развој и производство на ефективни вакцини против овие варијанти “, посочува Европската комисија. А.Н.