Ангелика Апсис, една од најпознатите Скопјанки, попозната како Енџи, која пред изборите за градоначалник понуди идеи кои одекнаа низ Интернет просторот, а сега веќе е и советничка во Општина на Град Скопје, повторно  дава практични и интересни идеи.
Овој пат на својот фејсбук профил предложи како да се разубават запуштените и нефункционални излози. Ви го пренесуваме нејзиниот статус.
„Еве една идеја до сопствениците на дуќаните во центарот на градот. Сите вие што имате дуќани а не се во функција – наместо нечисти и празни излози, отстапете го својот излог на некој уметник. Тој пак би можел излогот да го користи како свој “wall”. Да има негово име, лого, био – да ја осмисли неговата содржина, истата постојано да ја обновува, да има постојано нешто ново. Така тој излог ќе им го привлече вниманитето на минувачите. Ќе почнат да го следат излогот и ако сте доволно досетливи и креативни ќе почнат и кога не ги води патот, да посакаат да видат што се случува таму. Така уметниците од минувачите ќе направат набљудувачи и љубители на уметноста, ќе им ја разбијат секојдневната монотонијата. Ќе имаме чисти излози со содржина – дури и актуелни ќе ги направат вашите локации, повидливи за купувачите или наемителите. И сето ова направете го од срце, за нашето Скопје“, порача Енџи.