Специјалистот за инфективни болести Матео Басети, директор на Клиниката за инфективни болести во Џенова, вели дека епидемијата на КОВИД-19 во Италија поминала и дека тоа може да се види од бројките.

“Секој кој ја следи епидемиолошката состојба во Италија може да мисли дека ние сè уште сме во целосен ек на епидемијата на коронавирус. Секоја вест започнува со дневни извештаи за бројот на заразени и хоспитализирани. Но, тоа е погрешен впечаток. Епидемијата на вирусот КОВИД-19 помина, и тоа може да се види од бројките: имавме 4.000 пациенти на интензивна нега, а денес во земја со повеќе од 60 милиони жители, само 60“, вели д-р Басети.

Според агенцијата АГИ, тој ја критикувал тенденцијата секој ден да се зборува за раст на заразени лица, како воени извештаи, без да се анализират податоците за тоа колку се асимптоматски, колку се хоспитализирани и слично.

Ова не е случај во ниту една друга земја, само во Италија, тврди д-р Басети.

„Се инсистира на негативни податоци и се заборава дека Италија беше прва која беше погодена од пандемијата и дека успеавме да излеземе од кризата“, вели инфектологот.

Според него, проблемот е во комуникацијата и тој ги гледа виновниците во локалните институции, медиумите, но и меѓу „експертите“ на кои им припаѓа.

„Тоа инсистирање на негативни податоци само ги збунува луѓето, ние ги плашиме, а здравствената криза, барем што се однесува до Италија, заврши“, заклучи Басети.А.Н.