Есенска разгледница

112

Пишува: Филип Спировски

 

Времето на ставање зимница мина. За кисела зелка е рано. Но, ѓубрето (отпадот) што го прават дивите продавачи стои. На 3-та Македонска, пред „Македонија Табак“ заставините расходувани камиончиња се удобно место за преспивање на „земјоделците“ трговци. Околината е адекватна за вршење нужда на отворено. А станбените згради од околината и така се опкружени во кал и несредена инфраструктура, па станарите се изедначени со „струмичките трговци туристи“ од камиончињата. Ама, кој ги “шиша” граѓаните. Сега на цена се селаните, од сите облици и големина, од цела провинција… колку порурален толку поинтересен, со поневеројатна субвенција за поддршка (главно на неработењето). Зелките се тазе, вкусни и поволни за расол. Станарите од околните згради ги чуваат бурињата по визби и на балкони. Температурата не е доволно зимска. За тоа се виновни климатските промени на глобално ниво. Таму некаде далеку, во глобалниот свет, не кај нас, ние немаме врска со светот… На локално ниво најважно е ракијата да е изладена. Добро, и линданот безбедно да се транспортира некаде подалеку од нас. Бидејќи банкарите дозволија – сега и линданот ќе го решиме. И другите отрови од Охис ќе ги „изменаџираме“. А регистарот за испуштање и пренос на загадувачи не го третира Охис зашто нема кој од таму да им даде податоци.

(http://ripz.moepp.gov.mk/Search/MapSearchLiteAccordion). Банкарите не го потпишале протоколот, ниту пак се запознати со Архуската конвенција. Тие си го бркаат профитот. Институциите се уште се вадат на недостаток на пари и потсеќаат на просјаци на раскрсница. За нив најважна е формата ако може да се задоволи. Суштината нека ја решава некој друг. Нема време за суштина. Краток е периодот меѓу изборните циклуси. Недоволен за да се направат промени. Недоволен за чесна работа и посветеност. Недоволен за ништо… Или можеби е доволен за вадење на Бугарски пасош – синонимот за сигурност и подобар живот. Со кисела зелка и малку ракивче расте самодовербата пропорционално со замаглувањето на умот. Полесно се справуваш со предизвиците: блокиран „фејсбух“ и недоволна пензија за сите потребни лекови. Предизвициве се однесуваат на пензионерите – кастата во државава кон која сите се стремиме. И единствените кои се грижат за тајмингот на изборите, покрај очајната опозиција и омамената позиција. Сите други т.н. зомби граѓани, обезличени и непостоечки без партиската припадност, ќе сонуваат за укинување на гебелсовскиот фејсбук и департизацијата на општеството. Па конечно да го допреме дното за да почнеме да се придвижуваме нагоре. На здравје!