Американците кои биле вакцинирани против ковид-19 ќе можат да ја посетат Европската унија ова лето, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Колку што можам да видам, Американците користат вакцини кои се одобрени од Европската агенција за лекови. Тоа ќе овозможи слободно движење и патување кон Европската унија – рече Фон дер Лајен во интервју за „Њујорк тајмс“.

Сепак, таа не прецизираше кога туристичките патувања ќе можат да се продолжат или на кој начин ќе се реализираат.

Фон дер Лајен рече дека членките на Унијата безусловно ќе ги прифатат сите оние кои биле вакцинирани со вакцини одобрени од Европската агенција за лекови. Агенцијата одобри три вакцини што се користат во САД.

Пред повеќе од една година, ЕУ ги блокираше сите несуштински патувања кон европскиот блок во обид да се ограничи ширењето на коронавирусот. А.Р.