Лидерите на Европската унија постигнаа договор за миграцијата по скоро 10 часа заседание на самитот во Брисел. Италија, која прима илјадници мигранти главно од Африка, се закани дека ќе стави вето на заклучоците на целата агенда ако не ја добие потребната помош.

Разговорите продолжија до раните утрински часови в петок, а договорот на крајот беше постигнат. Лидерите се согласија да се направат нови центри за мигранти во земјите на ЕУ, но на доброволна основа. Во центрите ќе се класифицираат оние кои се бегалци и нелегалните имигранти кои ќе бидат вратени во своите домови. Сé уште не е јасно кои земји ќе бидат домаќини на овие центри.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте изјави дека е потребно долго време да се постигне договор, но отсега веќе Италија не е веќе сама.

Според „Би-би-си“,не е јасно дали договорените мерки ќе бидат доволни, а Ангела Меркел пред новинарите во три часот наутро рече дека ЕУ има уште многу работа, поради различни ставови во врска со овие прашања.

ЕУ е поделена, Централна Европа ја отфрла шемата на ЕУ за разместување на 160.000 бегалци од преполнетите кампови во Грција и Италија. По маратонските разговори што траеја до зори, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека со соработка се дојде до решение.

Лидерите на 28-те земји на ЕУ се согласија да ги засилат граничните контроли и да ги зголемат фондовите за Турција и земјите од Северна Африка, со цел намалување на трговијата со луѓе. Тие, исто така, се согласија да најдат решение за спречување на создавање нови копнени и поморски рути што е можно поскоро.

Меркел рече дека ова е одлучувачки момент за Европската унија кога станува збор за миграцијата. На овој самит, таа се најде под притисок да постигне договор за спречување на нови пристигнувања на мигранти во Германија. Министерот за внатрешни работи на таа земја, Хорст Сехофер веќе даде рок до крајот на викендот и се закани дека ќе почне да враќа мигранти до границата со Баварија. Ако ја изгуби поддршката на ЦСУ, Меркел го губи парламентарното мнозинство.

Беше истакнато дека ќе се даде поддршка на Италија и другите медитерански земји и ќе бидат пружени дополнителни напори за да се спречат шверцерите од Либија и други земји.

Британската премиерка Тереза ​​Меј го поздрави договорот, велејќи дека решил многу проблеми кои Велика Британија претходно ги покрена и дека ќе се осигура многу мигранти да не тргнуваат на опасно патување во организација на шверцерите.

По неколку дена лутање по море, на бродот „Lifeline“ му беше дозволено да се закотви на Малта со ветена помош од ЕУ. Норвешка понуди да прими неколку мигранти од овој брод.