Лидерите на 27-те земји-членки на Европската унија остро го осудија нападот во Ница и ја изразија својата „солидарност“ со Франција, повикувајќи на „дијалог меѓу заедниците и религиите“.

“Ние остро ги осудуваме овие напади, кои исто така претставуваат напади врз нашите заеднички вредности. Ги повикуваме лидерите ширум светот да работат за дијалог и разбирање меѓу заедниците и религиите, а не за поделби”, се вели во заедничкото соопштение кое на неговиот профил на Твитер го објави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Осудата следи по нападот во кој три лица беа убиени со нож во црква во Ница, вклучително и жена која беше обезглавена. Напаѓачот е 21-годишен мигрант од Тунис, кој пристигнал во Франција преку италијанскиот остров Лампедуза на почетокот на октомври. Ова е последниот напад во Франција, која сè уште е во шок по убиството на учителот Пати, поради наводната навреда на пророкот Мухамед.

Напаѓачот пред црквата Нотр Дам во Ница извикал „Алаху Акбар“ („Бог е голем“) кога полицијата го одвела. Градоначалникот на Ница нападот го нарече тероризам и потврди дека сторителот е уапсен, но исто така и се заблагодари на полицијата за брзата реакција.

„Ница, како и цела Франција денес, плаќа премногу висока цена и повторно е жртва на „исламо-фашизмот“. Нема сомнение кои се мотивите на напаѓачот, кој извикуваше „Алаху Акбар“. Во црквата луѓе починаа со ужасна смрт како и храбриот учител Самуел Пати “, рече градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси.

Соопштението на ЕУ лидерите беше објавено на почетокот на видео-самитот на ЕУ, посветен на подемот на пандемијата со Ковид-19. Тие наведоа дека се „шокирани и тажни од терористичките напади во Франција“.

Нивната кратка изјава не ја споменува слободата на изразување или карикатурата на пророкот Мухамед, што неодамна ја објави францускиот неделник Шарли Ебдо, што предизвика големи тензии меѓу муслиманските земји и гневот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Ние сме обединети и цврсти во солидарноста со Франција, францускиот народ и владата, во нашата заедничка и трајна борба против тероризмот и насилниот екстремизам“, се вели во соопштението. А.Р.