Агенцијата за безбедност на производи преку својот РАПЕКС систем за итно известување сподели соопштение во кое посочува дека до средината на септември биле увезени 23 милиони неисправни маски во ЕУ.

Дури 15 земји-членки на ЕУ доставија извештај за идентификација на неисправни маски. Оние 23 милиони маски беа обележани како неисправни главно поради недоволен капацитет за филтрирање или неправилно позиционирање на маските на лицето, но и поради недостаток на сертификати кои ги бараат релевантните европски тела. Не е чудо дел од тие маски да се продаваат и по аптеките низ нашата држава, особено ако се знае дека голем дел од увозот доаѓа од ЕУ.

Од 121 примена пријава за неправилности, 104 се однесувале на маски произведени во Народна Република Кина, две на маски со потекло од Мексико, една на маски од Данска, Турција, Украина и Виетнам, а во 11 случаи не е пријавено или потеклото на маските не е познато!

Пред да купите маска, проверете ги етикетите

Заради овие факти, од европската агенција за безбедност на производите, апелираат до потрошувачите да се осигурат дека ги исполнуваат безбедносните стандарди пред да купат маски.
– Потрошувачите можат да проверат дали заштитните маски на FFP имаат ознака CE и четирицифрен број на нотифицирано тело што извршило проценка на квалитетот и усогласеноста. Овој број може да се спореди со списокот на надлежни нотифицирани тела во базата на податоци на Европската комисија достапна на Интернет. Отсуството на кој било од овие два елементи на маските е показател за некоја неправилност – заклучуваат од Агенцијата.     Н.Д.