четврток, април 25, 2024
домаЖивотСценаЕфто Пупиноски со писмо до авторите ја образложи оставката од надзорниот одбор...

Ефто Пупиноски со писмо до авторите ја образложи оставката од надзорниот одбор на ЗАМП 

Ефто Пупиноски со писмо им се обрати на авторите на Здружението за авторски и музички права  ЗАМП образложувајќи ја оставката од надзорниот одбор.

Како што посочува во писмото, на 26.02.2019 година на собирот на автори бил избран за член на Надзорниот одбор на ЗАМП, но незадоволен од начинот на работење на органите на управување во ЗАМП пред тие кои го избрале, на 22.02.2022 година поднесол оставка на местото член на НО.

-Бидејќи по моето Барање до органите на управување и стручната служба во рок од три дена да ја објават на веб страницата на ЗАМП, а тие тоа не го направија, Ви се обраќам директно на вас авторите, вели тој во писмото кое го објавуваме интегрално:

„Накратко ќе ви ги образложам дел од причините заради кои ја поднесов оставката.

  1. Со оглед на фактот дека голем број на членови на управните органи и по две децении успеваат да бидат бирани во повеќе мандати, имам сомневање дека некои од нив функционираат врз клиентелистичка основа. Тоа резултира со непринципиелно поврзување на нив со стручната служба што се докажува со енормното зголемување на хонорарите на членовите на управните тела и платите на вработените во стручната служба. Сето тоа е на сметка на авторските хонорари.

Доказ 1. Со одлука број 979-1-03 од 23.12.2008 година потпишана од тогашниот претседател на Управниот одбор Борче Нечоски, спротивно на член 13 од Правилникот за плати и други примања му дал овластување на Директорот на ЗАМП Зоран Васковски сам да одлучува за висината на платите и другите примања за вработените во стручната служба. Директорот, ова незаконито овластување многу, многу добро го искористил на штета на авторските хонорари.

Доказ 2. На седница на Собранието на ЗАМП одржана на 21.01.2021 година, Борче Нечоски во улога на Претседател на Собрание, потпишал одлука за зголемување на хонорарите на членовите на управните тела на ЗАМП за 100 %  (овие одлуки требало јавно да се истакнат на веб страницата на ЗАМП).

  1. Горенаведените спреги на членови на управните органи и стручната служба, а со помош на адвокатот на ЗАМП, на најбрутален начин ги отстрануваат оние кои ќе се впуштат да пробаат да ги решаваат натрупаните проблеми во ЗАМП.

Доказ 1. Авторката Калиопи Букле во 2005 година без образложение беше разрешена од Претседател на собрание на ЗАМП и како криминалец избркана од здружението (да не биде повеќе член на ЗАМП). Причината е таа што кога со многу желба и надеж и најдобри намери почнала да ги решава проблемите во ЗАМП, им посметала на спрегите и ја избркале со етикета дека работи против интересите на авторите.

Доказ 2.  Во 2020 година, Борче Нечоски, Ванчо Тарабунов и Владимир Дојчиноски потпомогнати од нивни приврзаници членови на управните органи и од стручната служба, како и од адвокатот на ЗАМП на кого му е во интерес да остане една ваква состојба во ЗАМП, на исти начин без никакво образложение со тешка повреда на процедурата и без право на жалба беа разрешени Живоин Глишиќ од позиција Претседател на Собрание на ЗАМП и Славе Димитров од позиција Претседател на Управниот Одбор.

Доказ 3. Во 2021 година, без образложение и право на жалба беше разрешен од член на Управниот Одбор Ѓорѓи Барбаровски и Александар Ристовски – Принц (и овие информации требаше да се најдат на веб страницата на ЗАМП).

  1. Мене како член на НО, а во согласност на член 4 од деловникот на НО, органите на ЗАМП и стручната служба се должни да ми ја достават целокупната документација за да можам целосно да го остварам надзорот. Во пракса тоа изгледа вака

а) Во неколку наврати, а последен пат и писмено, побарав да се постапи по горенаведениот член на деловникот, но ништо од тоа. Во пракса, постојано некој кажува „она е за јавност, ова не е за јавност“ или овој документ можеш да го имаш на увид, а оној не можеш.

б) По Деловникот на Надзорниот одбор, материјалите за седница, стручната служба треба да ми ги достави најдоцна три дена пред почетокот на седницата. Во реалноста, воспоставена е една пракса материјалите да нѝ ги доставуваат пред седницата, да потпишиме што треба и да си одиме. Јас повеќе не сакав да се согласам со ваков начин на работа, надвор од Деловникот на некого да му служам само за потпис.

Напоменувам дека во член 2 од Статутот стои дека работата на здружението е јавна како и тоа дека седниците на управните тела се јавни.

Како пример на едно добро работење на управните органи е случајот кој нас како автори директно не засега, а се работи за програмскиот совет на МРТ кој што по дојава од трето лице, по службена должност повел постапка за вработен во МРТ кој ја злоупотребил службената положба. Тој вработен е член на ЗАМП, а во образложението на неговата злоупотреба стои податокот дека остварил авторски хонорар три пати поголем од најафирмираните автори во државава чии хонорари се околу 8.000 евра или тој остварил околу 24.000 евра (отвори на веб страната на програскиот совет на МРТ, седница 164). Кога програмскиот совет побарал званични информации од ЗАМП за овој случај, два пати од ЗАМП биле одбиени. Соработката ја оствариле од трети пат. Испаѓа дека само ЗАМП не е заинтересиран да истражи и да се заангажира да пронајде оние кои со децении нас авторите не крадат. За разлика од наведениов случај во МРТ еве како работат управните органи во ЗАМП.

  1. Собранието на ЗАМП на 06.06.2020 година донесе одлука да се поднесе кривична пријава против непознати лица кои се наоѓаат на приложената листа на 10 најкористени дела за 2019 година во класите 100,300 и 900  . (Македонско радио, Македонска телевизија и  Национални телевизии). Таа одлука на Собранието не е реализирана. Доказ – листа за најкористени дела во 2019 година која е добиена од стручната служба на ЗАМП. Зад таа листа стојат многу интересни и важни вистини бидејќи уште на прв поглед наведува на многу нејасни работи кои органите на ЗАМП требаше да ги откријат. Останува сега засега големото прашање кого Собранието на ЗАМП штити во овој случај?
  1. Ако заинтересираниот граѓанин отвори и побара на веб страницата на Собранието на РМ одредена седница ќе ја најде, ако заинтересираниот отвори на веб страницата на програмскиот совет на МРТ и побара одредена седница ќе ја најде. Ако заинтересираниот автор отвори на веб страницата на ЗАМП и побара некоја седница на управните органи ќе наиде на празна табла. Нема да најде ниту седници, ниту записници, ниту одлуки. Кратко речено, тотален информативен мрак. Што се крие зад тој мрак треба да се открие.

Ја чувствувам потребата и морална и законска да ве известам за дел од состојбата на ЗАМП затоа што сте ме избрале, а најмногу затоа што сум таков по природа,  во корен ја мразам неправдата која ја чинат одредени човечиња и структури кои за да остварат некој личен интерес на друга страна прават голема штета.

Почитувани автори, времето и животот покажаа дека ако се однесуваме незаинтересирано, лежерно, ако заедно енергично не застанеме во одбрана на заедничките интереси, тие интереси никој не ни ги брани.
Ве повикувам да ја искористите оваа прилика што помасовно да присуствувате на состанокот на автори и да изберете членови на управните органи, луѓе неоптоварени со лични интереси, луѓе кои ќе бидат достоинствени во своите желби и намери да работат во склад со Статутот на ЗАМП и деловниците на управните органи. Писмово ОСТАВКА доставете го до вашите колеги, автори, соработници и познаници. Да направиме ЗАМП да биде здружение во кое ќе има се врати довербата на 90 % од авторите.“

Пупиноски во писмото кое го упати до авторите на ЗАМП на 27 февруари, повика масовно да присуствуваат на состанокот кој е закажан за 19 март.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ