Најголем удар од 701.000 намалувања на работни места во март во САД, според вчерашните податоци на Одделот за труд, претрпеле женската работна сила, младите и помалку образованите вработени.

Оваа огромна бројка, најголема по финансиската криза пред 11 години, сепак, не дава вистинска слика за длабочината на губењето на работни места во Америка, бидејќи истражувањето на работодавците е спроведено на почетокот на март, пренесува Ројтерс.

Сепак, иако податоците беа собрани во време кога затворањето на бизниси што оттогаш се шири низ целата земја штотуку започна, најголемите жртви на губењето работни места беа вработените во хотелите, рестораните и образованието, бидејќи тие активности први ја прекинаа работата за да го ограничат ширењето на болеста КОВИД-19.

Иронично е што среде здравствената криза, здравствените работници во општата медицинска професија, освен оние што работат во болници со пациенти со коронавирус, беа меѓу најранливите во однос на губењето на работата, бидејќи здравствените центри престанаа да работат и да примаат пациенти.

Според анализата на британската агенција, загубени се 459.000 работни места во американската индустрија за забава и угостителство или 65% од вкупните загуби на работни места во март. Ова е најголемиот месечен пад досега, кој практично ги брише ефектите од двегодишното зголемување на вработеноста во тие индустрии. Најголем удел во тоа има во рестораните и баровите, кои намалија 417.000 работни места.

Околу 76.000 работни места се суспендирани во здравството и образованието, при што најмногу (29.000) во стоматолошки и лекарски ординции и градинки (19,000).

Стапката на невработеност во САД се искачи на 4,4 проценти во март од 50-годишниот минимум од 3,5 проценти во март, што е најголем месечен пораст од 1975 година.

Гледано според расна или етничка припадност, најголем пораст на невработеноста е забележан кај Азијците и Латиноамериканците каде што ова зголемување е 1,6 процентни поени, што е скоро двојно од вкупното зголемување од 0,9 процентни поени.

Меѓу белата раса и Афроамериканците, исто така, се забележува зголемување на невработеноста во вкупната национална стапка (0,9%), со стапка на невработеност на 6,7% за црната популација, што е за 65% повеќе од белата популација (4%).

Во однос на возраста на вработените, најмладите работници беа една од најранливите категории во раните фази на намалување на работните места, на почетокот на минатиот месец. Стапката на невработеност на тинејџерите порасна за 3,3 процентни поени на 14,3 проценти, а кај младите на возраст од 20 до 24 години 2,3 процентни поени, највисока од 1953 година, на дури 8,7%. За работниците на возраст меѓу 45 и 54 години, растот на невработеноста е 0,7 процентни поени, на 3,2 проценти, најниска стапка кај која било возрасна група.

Работниците со пониско ниво на образование, исто така, се соочија со зголемени загуби на работни места во март. Стапката на невработеност кај работниците кои немаат средно образование, скокна за 1,1 процентни поени на 6,8 проценти, што е највисоко ниво за скоро три години. Во исто време, и оние со универзитетски степен губеа работни места, а стапката се зголеми за 0,6 процентни поени на 2,5 проценти.

Конечно, како што наведува Ројтерс, има и забележителен јаз во родовата категорија во однос на зголемувањето на стапката на невработеност во март. Поточно, стапката за машката популација се зголеми за 0,7 процентни поени, додека за жените се зголеми за 0,9 процентни поени, што се припишува на нивната поголема застапеност во секторите кои се најтешко погодени, како што се угосстителството и здравствената заштита. А.Р.