Ако се водиме според констатацијата на големиот руски писател Толстој, „Сите среќни семејства личат едни на други“. И семејството Марковски беше едно од тие, навидум среќно, ситуирано со убави и средени семејни односи. Но, ако малку гребневте под површината, се гледаше сосема друга слика од она што луѓето од надвор можеа да ја видат.

Лиле се омажи на свои 16 години, не заради тоа што немала друг избор, ниту заради тоа што била многу вљубена во Марко, тоа што тој живеел во град и имал куќа, а таа во околните скопски села и наметнало слика дека колку побрзо се омажи во градот толку подобро и посреќно ќе живее. И се причинило како тоа да е единствена шанса за „убаво и добро мажење“. Не ја спречиле ни од дома, напротив сите се израдувале на нејзината одлука и среќа да живее со богат маж. Како плод на бракот со седум години постариот Марко набргу дошле двете ќерки близначки, а Лиле , благодарение на својот талент и креативност, ја завршила потребната едукација за воспитувачка во градинка, каде благодарение на врските на свекорот, набрзо почнала да работи.

Во нивниот брак се било успешно, додека ќерките тргнале на училиште. Тогаш се случило нешто што го нарушило нивниот семеен мир. Невена, сестрата на Марко била омажена за градски мангуп, Игор. И тие имале убави ќерки близначки. Бидејќи и генерациски блиски децата, Марко и Невена, како сложни брат и сестра, секаде семејно оделе заедно, сите на купче. Не се делеле ни за слави, ни за родендени, прослави, одмори. Малку по малку Лиле се заљубила во Игор и почнале тајна љубовна врска. Сега веќе таа станувала наутро порано, се дотерувала и излегувала, со образложение да стигне во градинка порано, да се подготви за работниот ден. Но, наместо тоа таа одела на тајни кратки средби со Игор. Нивната врска излегла од контрола кога биле на заеднички одмор во Грција, кога Лиле и Игор тргнале да се повозат со чамец, и воделе љубов во чамецот подалеку од брегот. Марко, како добар пливач, решил да тргне по чамецот и да ги стаса. Кога стасал, што да види.

Оваа случка го прекинала нивниот годишен одмор, и со расправии, караници, тепачка, се вратиле дома. Како „вистински маж“, или барем како таков се поставуваше, Марко решил да ја „оправи“ и оваа рбаота. Со психичко малтретирање. Прво ги собрал родителите и сестрите на Лиле, своите родители и двете малолетни ќерки и ја соопштил непријатната вест пред нив. Да знаат зошто веќе не ја почитува неверната Лиле. Решил заради ќерките да не се разведува од неа, но за неа животот во нивниот дом веќе завршил. И како што кажал, така и направил.

А, никој и не го посоветувал поинаку, ниту спречил.

Сите немо слушале и ја обвинувале Лиле, жената која во природа била многу кротка и мила. Ќерките растеле постојано со обвинувањата на Марко кон мајка им, неговите врски со други жени кои не ги криел, и никој не смеел да му префрли. Солзите често биле на нивните лица. Неговиот однос кон Лиле бил како кон слугинка. Без респект. Кога се насамо и во кругот на семејството. А, пред другите луѓе, таа била дама со среден фамилијарен живот, убава облека, свој автомобил и чести патувања надвор од земјава.

Поради неподносливиот психички притисок, како еден од факторите, и двојниот живот, Лиле тешко оболела на неполни 40 години. Нејзиното лекување било спроведено во земјава, а Марко тогаш за прв пат дал и и прилична сума да се лекува во Германија. Само што згаснал нејзиниот живот, неколку денови потоа ја оженал својата расна љубовница, прилично помлада од него.

Неговите ќерки со омажија, имаат и деца, но за своите трауматични моменти од детството и младоста често знаат да се расплачат, да им раскажуваат на своите сопрузи, а понекогаш и да ги изневеруваат. Траумите од однесувањето на таткото кон нивната мајка, ги потресуваат и ден денеска, и хроничната депресија е составен дел од нивниот живот, оној кој јавноста не може да го види со „голо око“.

Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“