Една од објавите на медиумите неодамна која привлече внимание, беше поплаката на извесна професорка од Кичево која се пожали дека останала без работа по девет години секојдневно патување на релација Кичево -Љубојно, Преспа, и назад, во километража од 236 километри дневно. Иако на прво читање не делува веројатно сето ова, по објавата проследивме неколку изјави на социјалните мрежи, пред се од високо образовани луѓе.

Некои реагираа во одбрана на професорката, која имаше објаснето дека во меѓувреме при патувањата станала мајка на дете, кое исто така било жртва на нејзините секојдневни патувања, а некои  ја осудуваа. Еве дел изворно пренесени коментари:

-“После една година работа полагаш стручен и потоа после две години по барање на директорот може да добие решение на неопределено, ако не побара институцијата по 5 години законски ти следува решение на неопределено.  Колешкава 9 години работела и требало уште пред 4 години такво решение да добие”;

-“Се прашувам дали колешката била на соодветно или несоодветно место. Јас сум просветник работник и знам какви се законите…Ако била на соодветно место таа требало уште пред 4 години да си го бара своето право. Не ме интересира кој бил и кој е на власт, ја зборам реалноста. Ако е се како што треба јас лично и моите колеги од НП стоиме зад нејзе! Да не се навраќаме кој претходно што правел и да се споредуваме со нив! Од сега па натаму не смееме да дозволиме истото да се случува. Ако веќе ја поддржуваме оваа власт треба да и застанеме на нозе да не ги прави истите грешки, а не да молчиме како предходно”;
-“Со колешкава има недобјаснети работи од неофицијални извори добив информација дека сама си дала отказ и да не дала отказ има и други работи што не се како што треба!Затоа има независен синдикат, дај дадете подршка!”;

– “296? Дневно, неделно, месечно… ???”;

– “И јас 16, 5 години работев во село со воз, бидејќи друг превоз немаше и после тоа се вработив во градот”;

– “Жално е што наставничката добила отказ. Девет години да поминуваш толкав пат без притоа да добиеш патарина е малку чудно. Од Кичево до Љубојно нема теоретски шанси да патуваш девет години секој ден и да стигнуваш на време на работа. Најверојатно имала стан во Љубојно или Ресен која претпоставувам сама си го плаќала. Во почеток човек за да добие работа се потпишува и дека нема да бара патни трошоци ни пари за стан ни едно ни друго“;

-” Ја поддржувам целосно во реализација на нејзините права бидејќи и јас три години (1984-1987) секој ден патував на релација Охрид – Битола -Охрид и работниот ден ми траеше 13 часа. Работата беше земи или остави и јас 16,5 години работев во село со воз, бидејќи друг превоз немаше и после тоа се вработив во градот“;

-“Јас не знам некои наставници да добиваат патни трошоци. Ги лажат дека патните трошоци, како и хранарината, ги укинале кога ја вовеле бруто платата. Додека пратениците земаат патни трошоци колку 4-5 просечни плати на наставник, наставниците се оставени сами да се снаоѓаат со превозот до работното место. Во некои села нема јавен транспорт, па ако наставникот не располага со автомобил, невозможно е да стигне на работното место. Освен да пешачи…во 21 век“;

– “Па оваа да била пратеник (параспур арамолебец) како Силванчето пара неброена ќе имала до сега”;- Бог да чува, сирота жена!”;

-” Убаво. И што? Колку луѓе од тие што прочитаа ќе излезат да протестираат пред нејзиниот работодавач во знак на нејзина поддршка? Тоа ме интересира. Читање, споделување, коментирање – јок. Во однос на километрите – во еден правец најкраткиот пат Кичево – Љубојно е 124 км, според гугл мапс, и со автомобил се поминувал за точно 2 часа. Претпоставувам спомнатите 236 км се одење и враќање, кое најверојатно го правела секој ден кога била на работа, за што се потребни вкупно 4 часа очигледно :(“;

-” Истото ми се случува и мене, цели 20 години патувам по 100км.Во општина Центар живеам, едните власти порано ми викаа земи книшка од ВМРО ќе лепиш плакати па ќе видиме, овие сегашниве чиј член сум од основањето само ветуваат и лажат…и така уште некоја година во пензија, но што е најтрагично предходните ми скратија часови и јас одам само за 10 часа, а платата ми оди за патни. Е ова е нашата демократија и права…па сите нека одат по ѓаволите и да не ми тропнат на врата!”;

-“Што направивте за таа жена освен што се изнаврескавте овде? Моја пријателка, професор на факултет во Канада, секој ден патува повеќе од 100 км до работа и исто толку назад. Не е пријатно сигурно ама никој не се потресе таму заради тоа. Ако не и чини, може да не ја работи таа работа. Ако ја прифатила, значи свесно се согласила на тоа”;-” Што врева крена оваа вест, која што е можеби фејк. Дали со наставничка плата можеш да си го платиш овој превоз? Зошто жената сама не си нашла стан во Кичево? Што има ова врска со Референдумот, Мирјана? Мислиш дека во НАТО или во ЕУ кога негде ќе добиеш работа ќе ти дадат стан во близината?”

Она што зачудува во овој случај е признанието на професорката што девет години одела на тој начин на работа, се надевала дека нејзиниот проблем ќе се реши (на кого чекала да го реши), чекала ли нечија милост, зошто на малтретира од патувања го изложувала своето дете… А не е спомнато дали воопшто се обратила и побарала законска, правна и општествена помош и поддршка. Дали се обратила до Синдикат за заштита на работничките права, дали се обратила до некоја женска организација која го брани правата на жените, на мајките. Или и самата доброволно учествувала на  прекршувањето на своите права?

Самиот пример што го остава оваа жена,  е мошне непримерен. Дотолку повеќе што станува збор и за професорка. Жената во борбата за остварување на своите права треба да учествува секојдневно и со конкретни постапки. Првенствено таа мора да биде запознаена со своите права (во професијата) и да ги застапува, бара и исполнува, во секој одреден миг. Во спротивно ги крши и своите и туѓите права, и станува жртва на трауми и неправди, а и самата предизвикува неправди.
Текстот е дел од проектот „Не молчи, пријави насилство“ на Новинари за човекови права и WWDP