Пишувајќи го овој серијал, кој инсистира на молбата или подобро речено жената жртва на насилство да не молчи, да го прозбори за својот проблем, се прашував со како страв живеат тие жени штом се принудени да молчат. Првенствено, размислувајќи за физичкото насилство. Но, насилсвото за жал има повеќе облици, а жената може лесно да стане жртва на машко насилство,без притоа насилникот да и биде сопруг со кого живее. Кога размислив подобро и кога нотирав, еве ќе почнам од себе, за една недела бев жртва на машко насилство,спроведено од повеќе мажи.

Во оној ден се симнав да купам продукти од најголемиот маркет во Хиподром, каде мора да се признае и недостигаат луѓе за работа, а дел од тие што работат и немаат некој однос кон купувачите, и постојано е фрка. Пред едната каса имаше тројца четворица  со големи полни кошници, пред другата беше речиси празно. Застанав да платам и в миг маж во црно, со светли очи накај 50 години почна да навредува зошто му е земен редот. Му одговорив дека тој чека на другата каса, како му е земен редот, но му покажав да се престрои пред мене. Бесен, од чист мир, и со неоснован интензитет на бес почна да ме пцуе. Кога се обратив кон касиерката, дека овој човек покажува вербално насилство, таа ми рече не е задолжена за тоа. Го побарав шефот, да пријавам ситуација во нивниот маркет, касиерката грубо и уплашено свика дека немаат шеф.

-Па добро, каде да пријавам? Вербално насилство е тип на насилство кое може да премине и во физичко. А мене веќе од овој маж ми е страв.

Таа само уште погрубо ми одговори: Каде да пријавиш зар место тебе мене да ме истепа или утепа!

Додека ние разговаравме, сопругата во црн фустан го смируваше без причина збеснатиот соприг и му ги туркаше рацете и му даваше знак да замолчи. Настана молк. Според реакцијата на сите што молчеа, можеби за нив е нормално некој да те пцуе јавно, а со помислив, можеби и самата касиерка е жртва на насилство и крие зошто знае дека ако се пријави полошо ќе биде. Насилникот никогаш не мирува и е непредвидлив. За да не дојде до поголемо или повторено насилство, макар и вербално, за прв пат, случајот го пријавив во МВР на што ми одговорија да одам лично во полициска станица, а на пријавувањето на фб во маркетот, каде има и камери, никој ништо не одговори.

Жена би требало да се плаши од таков маж, иако навистина не знам што карактер и каков човек е тој. Но во тие неколку минути, видов опасност за женскиот свет. Неколку дена пред тоа доживеав исто така насилство од неколку „непознати“ мажи. Не знам дали беше организирано или испланирано од тие мажи, но насилство е насилство и нема оправдување. Минатата година присуствував на снимањето на филм. Некаде кај 4 изутрина, сум заспала на мост. Некој извесен блогер статист, без дозвола, снимил нелегитимна фотографија и нелегитимно ја објавил на својот твитер профил. Извесни мажи ја зеле и доставиле до една редакција каде потоа осамна вест дека новинарка после бурна забава спиела на мостот, алудирајќи можеби и на тоа дека сум била пијана или развратна. А не само уморна. Иако тоа насилство го растревожи моето семејство, се насмеав на лагата и иткако тоа го виде целата јавност, замолив да биде тргнато. Но, насилството, во случајов психично и како неправеден и злобен удар на углед, не запре тука.

Оваа година сосема  без причина, кога како единствен новинар од Македонија на „Демофест“ во Бања Лука разговарав и му ја претставував мојата земја на светскиот музичар и мирољубец КиМани Марли, син на музичкиот мисионер на мирољубието Боб Марли, истата фотографија беше објавена сега на друга портал без регуларно потпишана редакција. Анонимна. За пострашно, и на официјалната фан страна на Град Скопје. Бев брзо известена од пријател, кој преку одделот за сајбер криминал ја лоцираше и организацијата која стои зад порталот. Организираното или спонтаното насилство на мажи врз една жена, преку лаги и психички терор, замислете доби и еден вид институционална форма. Оној кој го уредува фантомскиот портал ми одговори дека фотографијата му била комична.

Но зошто направил и мојот град да изглеа комично и кој ја споделил на официјалната страна на Град Скопје и зошто, тоа прашање сакам да му го поставам во очи на скопскиот градоначалник. Пратив два мејлови за прием, и чекам одговор. Зошто во случајот во насилството сметам дека е вклучен и Град Скопје, се додека не се открие сторителот на атакот со име презиме, идентитет и лик. Се надевам таткото на градот ќе нме при и и ќе проговориме за овој проблем. Во име на сопирање на насилството врз женскиот род. Не сакам ниту да верувам дека ќе премолчи и ќе застане на страна на насилниците.

Иако во Македонија имаме и градоначалник кој за своето насилство кое со годино го прикриваше, одговараше и е прогласен за виновен пред највисоките институции на правдата во Европа. Иако тој случај се однесуваше на насилство на маж врз маж, сепак насилство е насилство и тоа не треба да се сокрива. Некој мудрец заклучил-казната не исправа ниедна неправда, но спречува стотици други. Да ги спречиме со нашето немолчење, зошто молчејќи за насилство и подведнувајќу му се на стравот, стануваме соучесници.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)