Пишува: Валентина Георгиевска Парго

Дека во Македонија тежок е животот на жената, која се соочува со сопки од секаков вид, тоа ќе ви го посведочат многу жени. Тие се жртви на семејно и општествено насилство, видливо или суптилно, кое им го отежнува или загорчува животот. Да наброиме уште неколку примери кои хронолошки се случија оваа седмица.

1. Една од најнесредените и најлошо изведени работи во Скопје е контролата на ЈСП. Тој ден се качив на автобус со број 68 и на станицата кај Континентал се качија двајцата контролори. Жена, меѓу 40-50 години,  со прилично поголема тежина од нормална, со мошне скромна облека на себе, можеби и со одредени ментални проблеми, седната на вторите седишта зад возачот, наеднаш се штрецна, скокна и со брзање “излета” надвор од средната врата. Еден од двајцата контролори кога го забележа тоа почна да и довикува со заканувачки тон “Полека, не бегај!” и се симна од автобусот и тргна по неа неколку чекори. Почна да и дофрла, пред сите луѓе на станицата, дека следен пат кога ќе ја фати ќе биде тешко неа и грст заканувачки зборови упати, додека жената се оддалечуваше без да се сврти, и како тоа да не се однесува на неа. Контролорот потоа се врати во автобусот, ги прегледа картичките на останатите, а неколку жени ги остави и не ги казни, а дури ни без билет, затоа што му рекоа дека возачот им дозволил бесплатно да се возат. Во овој случај, освен што се прескокнати професионалните правила на однесување, извршена е дискриминација со произволна проценка која патничка може а која не да се вози бесплатно, извршен е јавен вербален напад, јавно омаловажување, понижување и навредување врз жена. Очигледно беше дека контролорот ја знае жената и од претходни контроли и дека веќе ја има затекнато без платено возење, очигледна беше и нејзината финансиска ситуација според изгледот и според облеката, но уште поочигледно беше кршењето на правилата за хумано и достоинствено и пред се професионално однесување. Јавниот превоз  е во владеење на градот. па очекуваме да ги отстрани овие неправилности при работењето на службите во ЈСП.

2.Една од оние жени кои секогаш одат на коктели и промоции за да јадат и пијат, неодамна го наруши мирот на промоција на книга. Таа присуствува буквално на секоја промоција или настан од отворен карактер,пензионерка е, пристојно облечена, не прави галама само чека да заврши официјалниот дел и да почне молчешкум и крадешкум да јаде, а понекогаш и да си понесе за дома, во чантата. Неретко е сама, понекогаш со уште неколкумина. Нејзиното доаѓање преќутно го одобруваат речиси сите.Тој ден организаторот и префрли пред сите дека зела сокче, таа се навреди, и ја наруши тивката атмосфера  со силно викање и извикување погрдни зборови и вулгарни пцовки. Кога веќе е дел од настан од јавен и отворен карактер, треба да ја испочитуваат како и секоја друга, особено што таквите жени се поранливи, без оглед на мотивот со кој дошла.

3.Жени кај кои веќе се појавил психолошки проблем треба да се имаат на око, а не да се изолираат и запоставуваат. Треба да се убедат да се лекуваат, зашто тие врват низ страшни патила и лоши психолошки состојби. Погубно е  што сите, дури и најблиските, одбегнуваат контакт со жената кога станува видно вознемирена, агресивна, нападна. Таа поради тешкиот живот и животните ломови, избегала од здравиот ум, во една друга реалност, и може да стане и опасна за средината. Еден таков случај е со средовечна жена, која по болниот развод со сопругот и одземените деца, останала да живее со родителите. Од ден на ден нејзината состојба се влошувала, а нејзината сестра и зет, наместо да и сугерираат доктор – психијатар, знаеле и да ја истепаат кога ќе избувнела или ќе направела некој кикс, а не ја носеле на лекар за да не се зборува по луѓе дека сестра и е “мрдната”, а со тоа да не се нанесува срам на семејството и потомците. Од грешка во грешка, во безизлезна финансиска и климактерична состојба, таа збудалела до степен се да крши дома и да им се нафрла агресивно на родителите, употребувајќи сила. Таа вечер кога дошле службите да ја однесат се раслекла гола и во бесознание го повикувала татка си на инцестен контакт, пред очите и ушите на сите присутни. Ја хоспитализирале во душевна болница, но тоа што не ја лекувале навреме оставило подлабоки последици кај неа и неспособност за нормална работа во иднина. Освен семејството и пројателите и соседите (по принципот нејбрхуд воч), треба да се грижат и алармираат за менталната состојба на нарушените жени.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, пријави насилство“ воимплементација на Новинари за човековип рава, а со подршка на WWDP.