Луѓето  во помалите места често пати сакаат да плетат лажни приказни, да измислуваат лажни муабети и „епитети“ за некого, кон тоа ги води херметички затворена средина и стеснетиот простор за лична слобода . Ама, за него сите кажани зборови беа точни.

Беше навидум повлечен, тивок, мирен, амбициозен. Не комуницираше со никого. Немаше другари. Ако му го разгледуваш психолошкиот профил, беше загрижувачки, затоа и сите се тргаа настрана од него, не заејќи какви мисли носи, што е тоа што го прави напнат, плашлив, а толку инаетлив. И осамен.

Со многу напор и вложен труд,  стана професор во висока образовна институција. Зеде голема сила, мислејќи дека е фактор и никој ништо не му може. Во институцијата се занесувал, сакал преку скалила да напредува, непочитувајќи ги своите повозрасни и поедуцирани колеги, а некои, „до вчера“ и негови професори.

Неговата несоцијализираност била повеќе од очигледна, а вклучувањето во разни партии, де во една де во друга, никој не го земал како сериозен момент. Поттрчкувал таму- ваму, се додека му пораснале амбициите и многу брзо , благодарение на некои моменти, дошол до локална функција во партијата. Не знаел да дебатира, да разговара, да сослушува, да почитува. Заповедал, се карал, правел скандали. Веднаш одекна во јавноста за каков креатор на скандали станува збор.

Откако добро се искарал во партијата, неговиот карактер ескалирал со насилство врз жена. Наголемо, во малото гратче и пошироко, се раскажуваше и моментот кога ја нападнал сопругата на сред плоштад и тоа пред очите на јавноста. Потоа, и кога младата сопруга го оставила и му избегала ја застанувал на патишта, иако таа веќе си имала свој личен живот и бегала од него.

Нападнал и продавачка во бензинска пумпа, велат наводно со остар предмет, заради несогласување околу политички ставови, и едвај ги смириле страстите, а таа, во име на меѓуграѓанското пријателство, излегла многу добра кон него, не го пријавила случајот (што камерите го имале регистрирано како снимка).

Нападнал и пријател, повозрасен човек, откако во доцни часови бесен и гневен отишол во неговиот дом, „заради глупости“, ќе речат оние што го познаваат . Демонстрирал сила и насилство, многу пати.

Почнал да се влечка и по судови. Судиите ги кревале очите кога ќе го виделе. „Пак ли овој тчовек. Со кого сега се тужи?“.

Немал еден предмет? Имал повеќе. Прва на листата за тужење се нашла новинарка, која не само што немала никаква вина со тоа што пренесла коментар- мислење на читатели за него, туку не го ни познавала се до моментот во судницата.

Од страв да не и се случи некаков напад во судот, слушајќи што кажуваат за него, дека кога же збесне и од црвенило и лутина ќе му набабрат образите,  таа инсистирала за време на судењето да има и обезбедување, но во неофицијални разговори, луѓе од судот и гарантирале дека е безбедна. Велат, за да добие случај поткупил судија, за кого и официјално во јавност било објавено дека е поткуплив, и фатен со пари во раце.

Овој насилник, професор, во прво време имал поддршка од локалниот прв човек, инаку, надалеку познат и тој по едно свое насилство, кое процурило и во медиумите, а и си љубел “да шара“, без критериум. По тоа го препознавале. И нивното пријателство не траело долго, сосема доволно само колку штета да направат некому, здружено и малодушно.

Сето тоа, професорот, го довело до точка во која станал опасен за околината. Граѓаните со страв коментирале кога  се кандидирал и за пратеник, сите одмавнувале со глава.

Кога се случила насилничкиот упад во Собрание и кога за коса насилниците влечеле пратенички,  кои се секако послаб пол, пријателите на професорот коментирале-  „Замислете, и овој да станеше пратеник, и во тој момент да се најдеше таму, со ваков насилен карактер, кој знае колку жени ќе истепаше. Цела среќа што го знаеме кој е, каков е, па не го гласавме!“

Во секоја една ваква  женска ситуација, она што остнува како факт е дека- насилството врз жена често пати може да се прелее од семејна и во институционална форма, од мал во голем случај, но како и да е, насилство е насилство, и никој не смее да го поддржува.

Особено, кога ликот по своето насилно и скандалозно однесување кон жените, е добро познат на јавноста!

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)