четврток, април 25, 2024
домаЖивотЖенски приказни: Насилството се прикрива поради потсмев и осуда од околината!

Женски приказни: Насилството се прикрива поради потсмев и осуда од околината!

Останав потполно изненадена пред неколку месеци кога во разговор со висока претставничка од најразвиената земја во Европа, ми кажа дека и во нејзината земја се прикрива насилството, и дека жените ретко односно никогаш не зборуваат доколку доживеале физички или психолошки атак или грубијански изливи, од сопругот и партнерот.

-Никоја тоа нема да ви го каже, гласеше нејзината информација.

Причините се исти како и овде. Кај нас е веќе, сосема разбирливо, зошто се прикрива насилството. Наместо на поддршка, жртвата главно наидува на сеир, осуда, потсмев, подбив, омаловажување, озборување и девалвирање на линоста. И тоа може да има долготрајни последици, да се одрази на нејзината кариера, вработување, однос со пријатели, роднини и слично.

-Убаво и направил што ја истепал, не ретко ќе кажат за жртвата, и без да ја земат воопшто причината, каква и да е.

Пред три дена, точно на 8 март, по нејзина дојава, ја објавив веста дека позната пејачка била претепана од својот сопруг, и завршила во болница, а таа на Денот на борбата за женските права само сакаше да апелира и да упати порака да се прекине насилството врз жените. Тепачката се извршила пред очите на нивната малолетна ќерка. На мое изненадување, ретко кој праша за име (претпоставувајќи дека дискрецијата е загарантирана), но имаше убедувања од типот да се објави се за таа тепачка, мотивот и слично. На мое разочарување, никоја жена не праша како е сега истепаната пејачка, дали се носи со болктие и траумите, и пред се, како е малечката ќерка, која таа непријатна случка ќе ја помни цел свој живот. Текстот е прочитан во 3.000 прегледи, а како новинар знам дека секој текст колку побогат со информации и пикантерии, влече далеку поголема читаност. Во случајов доколку објавев име или барем иницијали од кои ќе се насетеше идентитетот на жртвата, наместо 3.000, текстот ќе беше прочитан десет пати повеќе, најмалку 30.000 пати. И самата пејачка, кога ми се јави се уште во растревоженост и болки, не го сокри своето име, тоа го направив јас, затоа што мене ќе ми донесеше дневната читаност од 30.000 читателска публика, неа ќе и донесеше вечна дамка. Особено во нашата средина, и во нејзината професија. Средината без разлика дали е конзервативна или просечно конзервативна, кога станува збор за насилство од сопруг врз жена (особено жена со јавна професија), првенствено ја поврзува приказната со прељуба и тоа извршена од страна на жената и веднаш почнува да плете приказни, по свое. Во нашава средина понекогаш е доволно жената да стави кармин и високи потпетици, за да почнат да ја покажуваат со прст. И да и лепат етикети на лесна жена која изневерува. Јавноста како да не сака да ја чуе вистината. Јавноста сака да верува во „злоделата на жената, во нејзиниот измамнички карактер и неверна крв“. За пример, ќе поврзам и една новосоздадена песна која е базирана на извесно неверство. При едно патување со авторот, случајно дознав дека песната е напишана за неверствата на мажот.

-„Како?“, прашав јас.„Нели неговата сопруга го изневерува“, убедена дека е така од разните озборувања кои ги имав слушнато (стануваше збор за доста позната и озборувана двојка).

-„Тоа нема врска, вистината е сосема поинаква. Тој ја изневеруваше, и тоа пред нејзини очи со сопругата на нивни семеен пријател, со кого беа мошне блиски, и кога дозна со факти, тоа и беше гром од ведро него, целосно ја наруши жената“, и ми ја раскажа приказната која го инспирирала за да ја напише таа песна. Нивниот брак сепак опстојувал (со солзи во нејзините очи, прикривани од јавноста), додека децата пораснат, за да не ги срамат пред светот и децата на училиште да не ги исмејуваат.

Така останало. Кај нас стравот од тоа како околината ќе реагира на одредена појава е мошне силен, и диктира многу работи во животот. Неверствата се болна и тешка работа во секоја една врска во која постои љубов, од една страна, од друга страна за неверствата не треба да се зборува од трети лица затоа што со тоа може трајно да им наштетат на сопружниците/ партнерите и да предизвикаат или да го разгорат насилство меѓу нив.

Во еден спонтан разговор, неодамна со пријател, се посетивме на една свадба на која и двајцата присуствувавме.

-Јас уште вечерта му кажав на мојот колега дека не е таа за него, како само танцуваше провокативно, веднаш ја познав. Потоа го изневеруваше, јас му кажав и се разведоа. Среќа што немаат деца, па после таа се премажи, а тој прежена, ми се пофали дека неговото влијаение било причината за нивниот развод. На мојата забалешка дека не требало да пренесува таква информација која само ја слушнал од други лица, тој ми замери. Сопружниците се тие кои треба меѓусебно да разговараат доколку во нивниот брак или врска се случува прељуба, се разбира доколку сметаат дека треба да си кажат еден на друг. Никој од страна не смее да им се меша и напакостува. Сите тие сугестивни маубети од блиски многу пати предизвикувале тешки насилства во нечија врска. Прикривањето на насилство често пати е од Љубов. Жената која претрпела тепање, кога ќе му помине лутината и ќе му се смири на сопругот, преминува преку тоа и не се разведува. Една од најглавните причини се децата. Не смее да се дознае дека нивните родители се тепаат, затоа што на таков начин автоматски се нарушува нивниот углед и ги ставаат на тапет кај другарчињата. И најголема причина е секако финансиската зависност. Доколку една жена не е во можност да се пресели во свој дом, и доколку нема доволно финансиски средсtва за дa живее свој живот, и да ги одгледува децата, таа ќе го прикрива насилството и ќе живее со сопругот кој се изживува врз неа. А и законот е неефикасен и слабо се посветува внимание на превентивни и конкретни мерки за заштита и спречување на насилство. Земајќи го сето ова во предвид јасно е зошто се прикрива насилството, но сосема е потребно во медиуми да се изнесуваат лични примери и случки, преку кои ќе се сугерира да се сопре насилството врз другите жени.

 

(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ