четврток, април 25, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Ниеден маж не носи модринки затоа што "вратата случајно го...

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Ниеден маж не носи модринки затоа што “вратата случајно го потфатила”!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Домашното насилство е најстрого чувана тајна на жените! Повеќе и од болест што имаат, за која не кажуваат. На Балканот тоа што се  случува во еден дом, останува зад затворени врати, зад кои може да ѕирнат само членовите на семејството кои биле директни учесници и очевидци. Затоа, многу малку се знае и многу малку се зборува за тоа, како да не постои.
-Јас сум вдовица, имам многу пријателки и ние активно се дружиме во секоја пригода, било за празници, одмори, или во обични денови. Сите тие се добростоечки со финансии и позиции. Живеат во навидум добри бракови. Се случи некои од нив наеднаш да се разведат и како официјална “причина” да кажат дека онака се договориле со сопругот малку да паузираат еден од друг. А, не дека и дотогаш не паузирале. На пример, едната моја другарка воопшто не беше ни приврзана за сопругот, секој ден излегуваше со другарки. А тој беше љубезен и толерантен кон неа. Потоа одеднаш се разведе од милиот сопруг. Но, јас бев доволно во брак за да знам дека ниедна разделба не може да е без причина, ниту со повод “да паузираме” и да сфатам дека не можете да видите маж кој има модринка затоа што “вратата или наткасната случајно го потфатила”, или е црвен и насолзен во очите поради “одеднаш појавена алергија и инфекција”, а жени такви има многу. Меѓу кои беше и таа. Понатаму, од разговор со други другарки или случајно ќе дознам дека пријателките имале долгогодошни проблеми со сопрузите, и психички и физички, пред да се разведат и стават на пауза, не било се така лабаво  како што изгледало, а и дека шамарите биле составен дел од нивните бракови, раскажува скопјанка, омажена за добар Хрват, но рано останата вдовица.
Таа вели дека во неколку наврати кога била на годишни одмори со пријателките имала можност да увиди дека во текот на 24-часовното дружење со нивните семејства, се случувале прилично груби ситуации, за кои никогаш и не помислувала дека токму нив им се случуваат. Грчки адвокат од Атина, вели пак дека досега никогаш не водел предмет на жена која била жртва на насилство од маж. Никоја не тропнала на негова врата со такво барање.
-Во моето дведецениско работење во адвокатски канцеларии, никогаш досега сум немал клиентка која дошла да ја браниме со докази за претрпено семејно насилство. Верувам дека постои тој облик на груба комуникација во некои бракови, само што жените не раскажуваа за тоа. Тоа им е строго чувана тајна. Тајна било и на нашите претци, и на нашите родители. Ретко кој родител пред децата открива такви моменти. Мајката никогаш не зборува какви релации имаат со сопругот, освен ако тоа не е многу видливо и очигледно. Исто така сметам дека на жените на некој начин им се допаѓа тоа да бидат така третирани од сопрузите, зошто во спротивно, би презеле нешто. Сметаат дека и тоа е љубов. Жените од друга страна прават се да го зачуваат бракот, голтаат се. Ако знае дека мажот има и друга љубовница, уште повеќе пред светот се прикажува за среќна сопруга, за да не дојде во ситуација љубовницата да ликува на нејзината тага. И да ја победи во тоа ривалство. Многу поверојатно е и таа да фати љубовник, да води двоен живот, отколку да го истакне основниот проблем пред другите. Една жена би прозборела за насилството кое го трпи само кога е пред развод или во фаза на развод, но најчесто и манипулативно, со цел да извлече повеќе финансии, алиментација или некој друг бенефит од сопругот со кој се разведува, објаснува адвокатот.
Според него колку и да се менуваат времињата и трендовите, на овие простори традиција е да се крие “валканата облека” и такви случувања во еден брак, за да се зачува репутацијата на семејството, зошто такви сознанија би ја нарушиле.
За споредба, и во една транспарентна и демократска Германија жената не зборува ако има  брак со “модринки”, крие. Таа никогаш нема да прозбори за тие свои проблеми ниту пред нејзините родители, ниту пред нејзините пријателки и колешки, појаснува една  истакната Германка, која живее во Скопје.
Да не нагласуваме посебно дека дел од насилствата во бракот се предизвикани од неостварени желби, беспарица, неможност меѓусебно да се трпат партнерите, несогласувања, психички нарушувања, неверства, заљубеност, но и пороци, доколку мажот и жената консумираат алкохол или наркотични средства.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ