Ако неофицијални податоци за степенот на семејно насилство врз жената во Македонија велат дека секоја трета, односно секоја втора жена е своевидна жртва на насилство, а тоа ретко кој го пријавува, тогаш со сигурност за силувањето, односно обљубата се става вечен фластер на уста. За тоа не се знае речиси баш ништо. Најмногу што може да се дознае е по принципот рекла-кажала. И во одредени случаи доколку сето тоа на некој начин излезе на виделина.
Минатата година жена кон четириесеттите години ни потврди дека нејзината малолетна ќерка е обљубувана од нејзиниот чичко (брат на таткото), кои живеат во тетовските села. Девојчето се пожалило на разведената мајка, а таа не знаеше ни каде да го соопшти својот проблем.
Едно од случувањата кои се раскажуваат од кратовско село е случајот кога таткото тргнал да ја силува својата ќерка- тинејџерка, а мајката во налет да ја одбрани, го лишила од живот својот сопруг. Жената со семејството се преселила во Скопје каде работела занает за да преживее, но не ја доживеа ни 50-тата година – потисната од трагичниот настан, се здоби со неизлечлива болест.
За време на конфликтот во тетовско е насилно обљубена една убава девојка. И ден-денес таа не може да се соземе од траумата, не може да се вработи постојано, не може да си го среди својот живот. А станува збор за способна жена. Она што е најгорливо во нејзиниот случај е што нема ни финансиска поддршка од државата, препуштена е да се снаоѓа како знае и умее.
Обљуба од дедото во раните години доживувала убава девојка, која денес е некаде низ светот и го бара својот душевен мир.
Едни од нашите пишувања се однесуваа на средовечна жена која постојано е силувана од сопствениот сопруг кого го сака, но тој ужива да ја злоставува на таков садистички сексуално телесен начин.
Случаеви на обљуба има многу. Некои ги соопштуваат на домашните, а некои ги чуваат во себе сиот свој живот. Тие се едно од најголемите злодела и насилства врз жените. Причината за таинственоста е како околината ќе го прифати тој нејзин страшен дел од животот и дали и понатаму ќе може нормално да функционира во општетсвото. Тие потоа се стигматизирани и  покажани со прст, дури иако се жртви, дури иако се без вина. Во нивните случаи и одењето на психијатар и психолог најчесто изостанува, со цел да не се открие таа кобна и пакосна информација.И финансиската поддршка од државата не постои. Во контроверзни случаи дури ќе слушнете и обвинување од типот- „провоцирала, облекувала мини здолните, кокетирала“ и слично.
Обљубата врз жената е смрт за нејзината психа! Ова е едно од најсилните насилства врз жената жртва, која целиот живот на себе ќе ја влече сенката од таквиот настан и нејзината психа ќе биде повредена и нарушена, затоа треба и мора да се преземе и превенција, заштита и механизми за соочување и надминување на психичките последици кај жртвите, од страна на државните служби.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.